feature

Италија ја победи Унгарија и обезбеди фајнал-фор во Лигата на нации

Фудбалерите на Италија обезбедија пласман на фајнал-фор во Лигата на нации, откако на гостински терен ја совладаа Унгарија со 2:0, во натпревар од последното коло во А лигата.

Стрелци на головите за Италија беа Распадори и Димарко.

Италија заврши на првото место во групата со 11 бода, додека Унгарија е втора со еден бод помалку.

Во истата група, Англија и Германија одиграа нерешено 3:3.


Де Геа следното лето бесплатно заминува од „Олд Трафорд“

Голманот на Манчестер јунајтед, Давид Де Геа би можел да си замине на крајот на сезоната целосно бесплатно затоа што му завршува договорот.

Англиските медиуми пишуваат дека Де Геа не е блиску до продолжување на соработката, а причина за тоа е одлуката на „ѓаволите“ да му го продолжат договорот на само една година.

Де Геа нема да прифати едногодишен договор и затоа планира среќата да си ја побара на друго место, а со негово заминување ќе се ослободи и дел од буџетот, зашто голманот заработува 300.000 фунти неделно.


Погба и Киеза во завршна фаза на рехабилитација од повредите

Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Макс Алегри, кон крајот на месецов треба да ги има на располагање Пол Погба и Федерико Киеза, кои се опоравуваат и полека влегуваат во тренинг процес.

„Тутоспорт“ најавува дека двајцата ќе бидат подготвени за натпреварот со Бенфика во Лигата на шампионите кој треба да се одигра на 25 октомври.

29-годишниот Французин кој беше ангажиран во текот на летото треба да го направи второто деби во црно-белиот дрес додека Киеза кој се повреди во јануари, нема одиграно ниту една минута во тековнава сезона.


Лукаку не сака да се врати во Челзи по истекот на позајмицата

Фудбалерот на Интер, Ромелу Лукаку, кој игра како позајмен од Челзи, нема намера да се врати во англискиот состав на крајот на сезоната.

Белгиецот е презадоволен од условите во Милано а управата на Интер исто така одлучила да преговара со  „сините“ за да го задржи без разлика на резултатите. „Нероаѕурите“ во текот на летото им платија на лондончани 7 милиони евра за да го ангажираат 29-годишниот напаѓач на позајмица.

Лукаку претходно на – „Стемфорд Бриџ“  одигра  26 мечеви на кои постигна само осум голови.


Барселона сака да го врати Меси на крајот од сезоната

Шпанскиот весник Мундо Депортиво пренесува дека фудбалскиот клуб Барселона ќе проба на крајот од сезоната да го врати во клубот аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси, кој сега е член на Париз Сен Жермен.

Меси има договор со шампионот на Франција до јули наредната година, но иако тој има понуда за продолжување на договорот со клубот од Париз, Аргентинецот сѐ уште се нема изјаснето.

Шпанските медиуми истакнуваат дека челниците на Барса анализираат дали враќањето на Меси би било финасиски изводливо поради ограничувањето на платите и финансискиот фер плеј.

Според информациите, Меси за сите понуди околу неговата иднина ќе се изјасни после СП во Катар.


Барселона му го нуди Депај на Ливерпул во замена за Фирмињо

Британските и шпанските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот клуб Барселона е подготвен да му го понуди на Ливерпул Холанѓанецот Мемфис Депај во замена за Бразилецот Роберто Фирмињо.

Според информациите ваквиот трансфер би се реализирал на почетокот од следната година.

Депај не се наметна кај тренерот на Барса Чави Ернандез, а оваа сезона за каталонскиот клуб има одиграно само 131 минута. Депај со клубот има договор до крајот на сезоната.

Фирмињо е подготвен за нов предизвик во кариерата, бидејќи не е стартер во тимот предводен од Јирген Клоп. Бразилецот за Ливерпул има одиграно 335 натпревари и постигнато 101 гола, како и 77 асистенции. Неговиот договор со клубот истекува на крајот од сезоната.


Милевски: Да ја оставиме политиката на страна и да се однесуваме спортски

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Благоја Милевски, посочува дека добро ја анализирал играта на нашиот следен противник во Лигата на нации, селекцијата на Бугарија. Милевски се надева дека екипата нема да ги повтори истите грешки како против Грузија, и ќе слави победа на натпреварот.

Селекторот Милевски за можните политички скандирања на стадионот за време на натпреварот со Бугарија вели дека политиката треба да се остави на страна, и публиката да се однесува спортски и коректно. Мора да се истакне дека македонската селекција немаше никаков проблем на натпреварот одигран во Бугарија и дека на стадионот во Разград имаше одличен прием.


Адам Салаи најави пензионирање од унгарската репрезентација

Капитенот на Унгарија, Адам Салаи, во пресрет на натпреварот против Италија од Лигата на нации потврди дека ја завршува својата репрезентативна кариера.

„Отсекогаш сонував да играм за унгарската репрезентација, па учеството на две европски првенства и капитенската лента за мене беше големо искуство. Во последните години заедно со репрезентацијата доживеавме прекрасни моменти“, изјави Салаи за официјалниот сајт на УЕФА.

34-годишниот Унгарец за унгарската репрезентација настапува од 2009 година. Тој досега има 26 гола во 85 натпревари за својата репрезентација.


Бразилецот Алан го замени Евертон со клуб во ОАЕ

Играчот од средниот ред на екипата на Евертон, Алан го напушти тимот на „карамелите“ и замина во Обединетите Арапски Емирати.

Ал Вахда објави дека постигнале договор со премиерлигашот за трансфер на Бразилецот. Договорот со играчот е на две сезони.

Алан е во Евертон од 2020 година и има 52 настапи во лигата со 3 асистенции.


Погба за еден месец се враќа на теренот и ќе биде подготвен за СП во Катар

Италијанските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Јувентус и репрезентативец на Франција Пол Погба ќе биде подготвен за претстојното Светско првенство кое ќе се одржи од 20.ноември до 18.декември во Катар.

Погба се опоравува од повреда на коленото, а според Тутоспорт Французинот би требало да се врати на теренот во втората половина на октомври, и би можел да заигра за Јувентус на дуелот од Лигата на шампионите против Бенфика кој е закажан за 25.октомври.

Погба се врати во Јувентус во летниот преоден рок како слободен играч од Манчестер Јунајтед.