feature

Дарвин Нуњез го оствари најбрзиот спринт во историјата на Премиер лигата

Напаѓачот на Ливерпул Дарвин Нуњез стана играч кој остварил најголема брзина во историјата на Премиер лигата.

Нуњез во еден од своите спринтови на натпреварот со Вест Хем, трчаше со брзина од 38 километри на час, што претставува рекорд на лигата и го надмина дефанзивецот на Манчестер Сити, Кајл Вокер, кој трчајќи имаше развиено брзина од 37,8 километри на час.

Дарвин Нуњез беше и стрелец на победничкиот гол за својата екипа на натпреварот одигран на Енфилд против Вест Хем, кој заврши со 1:0. За Уругваецот ова беше трет гол во Премиер лигата, а петти во сите натпреварувања за Ливерпул.


Квадрадо нема да добие нов договор, налето заминува од Јуве

Јувентус нема да му понуди нов договор на Хуан Квадрадо.

Квадрадо влезе во последната година од договорот со Јувентус и преговорите за продолжување на сорабтката пропаднаа бидејќи двете страни не можат да најдат заеднички јазик.

Тоа значи дека 34-годишниот Колумбиец на лето ќе го  напушти клубот како слободен агент.

Таквата ситуација сака да ја искористи Интер и да го доведе Квадрадо без обештетување. „Нероаѕурите“ наскоро ќе стапат во контакт со неговиот агент.


Милан и Леао преговараат за нов договор

Милан и португалскиот напаѓач Рафаел Леао започнаа разговори за нов договор, објавија италијанските новинари.

Претставниците на двете страни веќе одржале една средба, која траела повеќе од еден час. Но, сè нема да заврши со еден разговор, а страните наскоро повторно ќе се сретнат.

Според новинарот Џанлука Ди Марцио, преговорите се планирани долго време и ќе бидат тешки, бидејќи играчот има многу високи барања за новиот договорот.


Флик на 10 ноември ќе го соопшти мундијалскиот список

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Ханси Флик, на 10 ноември ќе го објави составот за Светското првенство во Катар, соопшти Германскиот фудбалски сојуз.

Селекторот може да одреди до 26 играчи за турнирот закажан од 20 ноември до 18 декември. На проширен список  кој до петок треба да се достави до ФИФА, може да се пријават и до 55 играчи. Тие што  ќе добијат повик треба да се соберат во Франкфурт на 13 ноември.

Наредниот ден „панцирите“ ќе летаат за Оман а четири дена подоцна ќе заминат во Катар. Првиот натпревар на Германија на Светското првенство е на 23 ноември против Јапонија.


Во новата НБА сезона ќе играат 120 интернационалци од 40 држави

Во новата сезона од најсилната кошаркарска лига на светот, НБА, ќе настапуваат најмалку 120 интернационални играчи од 40 држави. Ова ќе биде деветта сезона во низа со преку 100 кошаркари кои не се од САД.

Сите 30 тимови имаат барем по еден интернационалец, а најмногу настапуваат за екипата на Торонто Рапторс, вкупно осум. Најголем број играчи има од Канада 22, Австралија 10 и Нигерија 5.

Двајца интернационалци се освојувачи на МВП наградата во последните четири сезони а тоа се Никола Јокиќ од Денвер и Јанис Адетокумбо од Милвоки.


Буфон ја сонува италијанската селекторска функција

Поранешниот голман на италијанската репрезентација и Јувентус, Џанлуиџи Буфон изјави дека со задоволство би станал селектор на репрезентацијата на Италија.

„Би бил заинтересиран за работата на кормилото на италијанската репрезентација. Имам чудно чувство кога ги гледам моите поранешни колеги на теренот во Серија Б како тренери – Де Роси, Гросо, Инзаги… А јас се уште играм“, изјави 44-годишниот Џиџи Буфон.

Буфон оваа сезона има три настапи за Парма во Серија Б и прими пет гола на тие натпревари. Џанлуиџи Буфон учествуваше на пет светски првенства (1998, 2002, 2006, 2010, 2014 година). Во 2006 година, тој стана победник на СП, а беше прогласен и за негов најдобар голман.


Азар бесплатно доаѓа во Серија А

Реал Мадрид издвои големо богатство за Еден Азар, но Белгиецот никогаш не ги оправда очекувањата на „Сантијаго Бернабеу“.

Азар и оваа сезона не добива голема минутажа и главно е на клупата за резерви, па и тој сака да ја промени средината после Мундијалот. Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез е подготвен да го раскине договорот со 31-годишниот Белгиец и му порачал дека слободно може да си бара нов клуб.

Најсилен интерес за него покажуваат италијанските гиганти Интер и Јувентус, кои се подготвени да го донесат во јануари, но без обештетување.


Пулишиќ посакува преселба во Њукасл

Фудбалерот на Челзи и репрезентативец на САД, Кристијан Пулишиќ, одлучил во јануари да го напушти клубот и да се пресели во Њукасл Јунајтед.

Според медиумите од Англија, Пулишиќ не сака повеќе да игра за Челзи, бидејќи го изгуби местото во стартната постава на клубот од Стенфорд Бриџ.

24-годишниот Пулишиќ е играч на Челзи од 2019 година кога за 64 милиони евра пристигна од Борусија Дортмунд. Наводно од Њукасл веќе испратиле понуда за Пулишиќ до Челзи во вредност од 40 милиони евра.


Денис Шредер 3-4 недели надвор од терените

Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Денис Шредер ќе пропушти 3 до 4 недели поради повреда на палецот.     

Лејкерси ќе го започнат регуларниот дел од сезоната во вторник на 18 октомври со гостувањето кај бранителот на титулата Голден стејт. Оваа вонсезона, Шредер потпиша едногодишен договор со Лејкерс вреден 2,64 милиони долари. Германскиот дефанзивец веќе настапуваше за тимот од Лос Анџелес во сезоната 2020/21.


Жоржињо ја одби првата понуда за нов договор во Челзи

Раководството на Челзи започна преговори за продолжување на соработката со Жоржињо, чиј договор истекува на крајот на сезоната.

Меѓутоа, медиумите пренесуваат дека Жоржињо не е задоволен од понудата на „сините“ и веднаш ја одбил.

30-годишниот италијански репрезентативец сака подолг договор, додека Челзи му нуди двегодишен договор. Притоа Жоржињо бара поголема плата од 120.000 неделно, колку што заработува во моментов.