feature

Сане од Баерн најнова желба на новата Барселона

Поради тешката финансиска состојба, Барселона летово ќе биде принудена да продава играчи, особено ако сака да донесе звучни засилувања.

Еден од споменатите во шпанските медиуми е и Лерој Сане. Барселона веќе стапила во контакт со Баерн за да дознае какви барања би имал германскиот клуб за нивниот 28-годишен крилен напаѓач.

Сане е под договор со Баерн и за следната сезона, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 70 милиони евра. Шпанските медиуми пишуваат и дека Барселона би можела да испрати некој свој играч во Баерн и со тоа да ја намали цената на германскиот репрезентативец.

Сане пристигна во Баерн во 2020 година од Манчестер Сити. Во англискиот клуб освои две првенствени титули и осум трофеи, а откако пристигна во Баерн стана трикратен германски шампион и освојувач на вкупно седум титули.


Ѓоковиќ: Се надевам дека барем уште еднаш ќе играм против Надал

Новак Ѓоковиќ сака повторно да игра со Рафаел Надал пред да се повлече од тенисот.

„Имам голема почит кон легенда како Рафа и се надевам дека ќе играм со него барем еднаш пред да му заврши кариерата. Тој е добра личност и легенда на нашиот спорт. Тој е мојот главен ривал. Во Австралија реков дека се надевам дека ќе го видам барем на уште еден или два турнири. Сè уште верувам во тоа“, сподели Новак за еден од неговите најголеми ривали во кариерата.

Шпанскиот репрезентативец веќе неколку пати сигнализираше дека наскоро може да стави крај на својата натпреварувачка тениска кариера.


Наз Рид е најдобар шести играч во сезоната во НБА лигата

Кошаркарот на Минесота, Наз Рид е прогласен за најдобар шести играч во НБА, објавено е денеска на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

Рид сезонава имаше просек од 13,5 поени и 5,2 скока на 81 натпревар. Тој играше на 67 натпревари од клупата, заменувајќи ги Руди Гобер и Карл Ентони Таунс.

Во соопштението на НБА беше наведено дека Рид добил 352 гласа, додека второто место го освои кошаркарот на Сакраменто Малик Монк со 342. Третопласиран беше кошаркарот на Милвоки Боби Портис, кој освои 81 глас, додека играчот на ЛА Клиперс, Норман Пол, заврши на четвртата позиција со 65.


ПСЖ уштe еднаш се изјасни против формирање на Суперлига

Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, кој ја предводи Европската клупска асоцијација, повторно се изјасни против создавањето на Суперлига, за која лобираат шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона.

„Го прашав претседателот на Барселона – Лапорта кога ќе се откажат од оваа глупава идеја за создавање Суперлига. За мене не постои Супер лига. Лигата на шампионите е најдобриот клупски турнир во светот. Тие се во него, ние се сретнавме во четврт-финалето, се надевам дека ќе го прекинат ова наскоро, бидејќи тоа е бесмислен потфат“, рече Ал-Келаифи за „Мундо Депортиво“.

На крајот на минатата година, Европскиот суд на правдата ги прогласи за незаконски постапките на ФИФА и УЕФА за забрана на создавањето на Суперлигата, која започна во 2021 година.


Мијатовиќ: Модриќ треба да добие нов договор во Реал

Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ денеска изјави дека раководството на клубот треба да го продолжи договорот со хрватскиот фудбалер Лука Модриќ поради, како што наведе, неговото однесување и „спектакуларната игра“.

„Би го продолжил на уште една година, не само поради фудбалски причини, туку и поради неговото однесување. Тој е играч кој никогаш не правел проблеми и неговиот настап е спектакуларен, би се обидел да го натерам да се пензионира во Реал Мадрид“, изјави Мијатовиќ за шпанското радио „Кадена СЕР“.

Модриќ, 38-годишниот капитен на хрватската репрезентација, сезонава за Реал одигра 19 натпревари во стартниот тим, а во 19 влезе од резервната клупа.


ПСЖ и Луис Енрике рушат рекорди во Лига 1

Иако Пари Сен Жермен допрва треба да ја обезбеди титулата во Лига 1, францускиот гигант продолжува да испишува историја во својата домашна лига. Парижаните со победата против тимот на Лориент со 4:1, ја продолжија низата без пораз на гостински терен на 22 последователни натпревари, што до сега не го направила ниту една екипа од шампионат на Франција.

Пари Сен Жермен последен пат загуби на гостински терен на 11 февруари 2023 година во натпреварот од 23. коло на Лига 1 минатата сезона, кога загуби со 1-3 од Монако. Претходниот подвиг му припагаше на Лион, кој беше непоразен на гостувањата од март 2005 до април 2006 година.

Големата ѕвезда на тимот, Килијан Мбапе, исто така постигна гол и асистираше на натпреварот против Лориент, со што се искачи на 43 во сезоната и го подобри својот личен максимум во однос на постигнувањата во една сезона.

Парижаните во моментов имаат 11 бода предност пред второпласираниот Монако, а доколку победат на претстојниот меч против тимот од Ле Авр на 27 април ќе ја обезбедат и титулата.


Николов и Начевски ќе судат на Олимписките игри во Париз.

Maкедонските најдобри судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов долги години наназад се дел од најголемите ракометни натпреварувања, а таа пракса ќе продолжи и летово на Олимписките игри во Париз.

Денеска официјално беа објавени судиските двојки и на таа листа заслужено се и најдобрите македонски судии.

На последните Олимписки игри кои се играа во Токио Начевски и Николов го судеа финалето во кое играа Данска и Франција.


Арне Слот фаворит за тренерското место во Ливерпул

Арне Слот фаворит за тренерското место во Ливерпул

Ливерпул ја испратил првата понуда до тренерот на фудбалерите на Феенорд, Арне Слот но, истата била веднаш одбиена од челниците на холандскиот фудбалски состав, објавија поголем дел од медиумите во Англија.

„Црвените“ интензивно се обидуваат да пронајдат замена за Јирген Клоп, кој на крајот на сезоната ќе си замине од стадионот „Енфилд“. Според објавите, Ливерпул понудил 9 милиони евра за раскинување на договорот на Арне Слот.

Тој во претходната сезона ја освои шампионската титлуа во земјата на „лалињата“. Тренерот е на чело на Феенорд од 2021 година.


Реал нема да го откупи договорот на Хоселу

Хозе Луис Хоселу кој игра како позајмен во Реал Мадрид од екипата на Еспањол, во текот на летото ќе ги напушти „кралевите“.

Тој има извонредна сезона, постигна 13 гола на 42 натпревари во сите конкуренции и тоа главно како фудбалер кој влегуваше од клупата. За потписот на Хоселу се заинтересирани неколку екипи од од Саудиска Арабија.

Се претпоставува дека Еспоњол нема да има ништо против Хоселу да направи трансфер во друг клуб бидејќи „кралевите“ веројатно нема да му го откупат договорот.


Муниаин заминува од Билбао на крајот од сезоната

Капитенот на Атлетик Билбао, Икер Муниаин ќе го напушти Сан Мамес како слободен фудбалер на крајот на сезоната, соопштија од клубот.

Договорот на офанзивниот играч за врска нема да биде обновен. Тој во шпанскиот состав помина 15 години во кои има 557 натпревари со 75 гола и 70 асистенции во сите конкуренции.

31-годишниот стопер освои два шпански Суперкупа, како и еден Куп на Кралот токму во тековнава сезона. Тимот од  „Сан Мамеш“ на крајот на сезоната ќе му приреди свечено испраќање.