feature

Пјастри место Рикиардо од следната сезона во Мекларен

Австралискиот возач на Мекларен, Даниел Рикиардо е информиран дека резервниот возач на Алпин, Оскар Пјастри ќе го замени следната сезона.

Мекларен потпишал договор со Пјастри на 30 јули за време на Гран При на Унгарија и веќе доби одобрение од Комисијата на ФИА, по што Рикиардо беше известен дека ќе биде сменет следната сезона. Во исто време, самиот возач има право да ја искористи опцијата и да го продолжи договорот за уште една сезона.

Претходно, менаџерот на Алпин, Отмар Зафнауер, коментирајќи ја евентуалната замена на Фернандо Алонсо, го спомена Рикиардо, велејќи дека враќањето на Даниел во францускиот тим не треба да биде проблем.


Руни го доведе Бентеке во Америка

Клубот Ди-Си Јунајтед кој настапува во американската МЛС лига објави дека го доведе напаѓачот Кристијан Бентеке од Кристал Палас.

Тренерот на Ди-Си Јунајтед Вејн Руни многу добро ги познава квалитетите на повремениот белгиски репрезентативец и бивш играч на голем број премиерлигашки екипи.

31-годишниот напаѓач се очекува да биде огромно засилување за екипата со која потпиша договор до 2024 година со опција за продолжување на уште една сезона.


Кошаркарите ќе дебитираат во претквалификациите во Нествед

Првиот натпревар од вториот кртуг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година нашата машка сениорска кошаркарска репрезентација ќе го одигра на 25 август во градот Нествед.

Домаќинот на оваа средба, националната федерација на Данска одреди првиот меч од нашата квалификациска група да се игра во овој град кој е 70 километри одалечен од Копенхаген.

Арена „Нествед“ е со капацитет од околу 3.000 места, а во неа, данската репрезентација ги играше и дуелите против Норвешка и Косово во првата претквалификациска фаза за Европското првенство.

Инаку, веќе се пуштени во продажба и билетите за овој натпревар. Цената на влезните билети за овој меч се движат од 780 до 1.400 денари (95 до 170 дански круни).


Вест Хем се засили со Максвел Корне од Барнли

Досегашниот фудбалер на Барнли, Максвел Корне, потпиша петгодишен договор со Вест Хем.

Договорот на 25-годишниот фудбалер е вреден 17,5 милиони фунти. Вест Хем се залагаше да го позајми Корне, но на крајот се согласи да ја плати откупната клаузула.

Корне е петтото засилување за лондонскиот клуб ова лето. Тој во дресот на Барнли кој испадна од Премиер лигата, на 26 натпревари постигна девет гола и една асистенција.


Вајналдум пристигна во Рома

Фудбалските клубови Рома и Париз Сен Жермен постигнаа договор околу трансферот на Џини Вајналдум од Париз во Рим.

Ангажманот на холандскиот фудбалер во Рома е во вид на позајмица со опција за откуп. Доколку Рома се пласира во Лигата на шампионите наредната сезона тогаш според договорот откупот автоматски станува обврзувачки, а се работи за сума од 8 милиони евра.

Париз Сен Жермен на крајот се согласи да ја плаќа половината од платата на Вајналдум.


Анри најдобар во историјата на Премиер лигата според англиските фанови

Тиери Анри е прогласен за најдобар играч во историјата на Премиер лигата во анкетата на навивачите. Betfair спроведе анкета со YouGov на повеќе од 1.000 фудбалски фанови пред 30-годишнината на натпреварувањето. Француската легенда го победи Кристијано Роналдо и го освои првото место со 15 отсто од гласовите.

Поранешниот капитен на Арсенал постигна 175 гола на 258 првенствени натпревари и ги предводеше „топџиите“ до две првенствени титули.

Анри беше експлозивен, брз и фантастичен техничар со извонреден финиш. На третото место е Англичанецот Алан Ширер, најдобриот стрелец во Премиер лигата на сите времиња.

Топ 5 ја затвораат Французинот Ерик Кантона и Англичанецот Стивен Џерард.


Кавани ќе потпише за Бока Јуниорс

динсон Кавани ќе биде новото засилување на Боке Јуниорс.

Овој фудбалер беше поврзуван со бројни клубови, последен во низата беше Виљареал, но Уругваецот сакаше да се врати во Јужна Америка.

Кавани на крајот го доби тоа што го сакаше, Бока Јуниорс, гигантите од „Бомбоњере“.

И Борусија Дортмунд во последен момент се обиде да го привлече овој напаѓач, но Кавани веќе одлучи каде ќе ја продолжи кариерата.

Уругваецот има 35 години, во текот на кариерата настапуваше за Данубио, Палермо, Наполи, ПСЖ и Манчестер Јунајтед.


Леброн Џејмс во преговори за продолжување на договорот со ЛА Лејкерс

Леброн Џејмс заедно со својот менаџер се во преговори околу продолжување на договорот со екипата на Лос Анџелес Лејкерс.

Еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА, веќе има 37 години и влезе во последната година од неговиот актуелен договор. Понудата од Лејкерси за продолжување на соработката е за период од две години и заработка од 97,1 милиони долари.

Доколку Леброн не ја прифати понудата, тогаш тој од 30.јуни следната година станува слободен агент. 


Анчелоти: Ќе се бориме за шест трофеи сезонава

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде интервју за веб-страницата на УЕФА една недела пред финалето на Суперкупот на Европа меѓу неговиот тим и Ајнтрахт Франкфурт. Ова ќе биде прв официјален натпревар за шпанскиот шампион во новата сезона.

„Иако на некој начин заостануваме во однос на Ајнтрахт, кој ја започнува сезоната порано, ќе играме на победа. Гледаме напред. Победите од минатата сезона ни даваат самодоверба, но мораме да се концентрираме на следните натпревари. Во новата сезона ќе има 6 трофеи за освојување и сакаме да се бориме за сите“, изјави италијанскиот стручњак.

„Подготвени сме, во форма сме. Мораме да ја оставиме радоста и задоволството од минатата сезона и да не дозволиме некој да ни го заземе местото. Ова е најголемиот мотив да продолжиме да победуваме”, изјави Анчелоти.


Ливерпул без Конате на стартот од сезоната

Фудбалерот на Ливерпул, Ибрахима Конате поради повреда ќе го пропушти стартот на Премиер лигата. Францускиот дефанзивец повредата ја заработи на последниот пријателски натпревар на Ливерпул против Стразбур.

Од клубот не соопштуваат колку долго Конате ќе биде во аут, но според проценките повредата не е сериозна и тој се очекува да се врати на тренизните наскоро.

Ливерпул првиот натпревар од новата сезона го игра на гостински терен против Фулам.