feature

Повредата е минато, Крос се враќа во дресот на Реал

Тони Крос откри низ каков пекол минал во претходните неколку месеци, но и дека сега конечно се чувствува одлично. Германецот направи пауза затоа што повеќе од половина година играше со болки. Тој одработи неколку тренинзи со остатокот од екипата и се очекува наскоро да биде дел од неа.

„Уште во март почнав да чувствувам болки, но не можев да направам пауза затоа што ме чекаа обврски. Бев три недели на одмор и верував дека ќе поминат болките, но тоа не беше така. Сега сум конечно подготвен, немам болки и чувството е неверојатно“, вели Крос.

Крос, Модриќ, Камавинга, Валверде, Касемиро се дел од пеколниот среден ред на „кралевите“ кои оваа година на чело со Карло Анчелоти делуваат многу добро. Реал е лидер со 17 освоени бодови, а во Лига на шампиони стартуваше со победа над Интер.


Дали е ова голот на сезоната?! (видео)

Рускиот фудбалер Виталиј Лисков постигна спектакуларен гол за својот Ахмат. На натпреварот против Ростов, Лисков го совлада противничкиот голман со моќен удар од точно 37,8 метри.

Тој му помогна на својот тим да слави на гостувањето во Ростов со 2:1 во руската Премиер лига.

Според многумина, овој погодок е еден од главните конкуренти за гол на сезоната, барем до овој дел од годината.


Симеоне со најсилен тим во Милано, се вратија Коке, Жоао Феликс и Лемар

Атлетико Мадрид ќе се соочи со Милан во вторник навечер во вториот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, а тренерот на тимот Диего Симеоне доби добра вест пред натпреварот.

Двата тима не се снајдоа добро во првите натпревари, откако Атлетико Мадрид одигра нерешено со Порто, а италијанскиот тим загуби на гостувањето кај Ливерпул.

Тренерот на Атлетико Мадрид ќе може да смета на Тома Лемар, кој ги пропушти последните три средби, Жоао Феликс ќе се врати во групата по одработениот црвени картон, а Коке веќе се опорави од повредата на мускулот. Ова значи дека Симеоне ќе биде со погоплем избор на играчи за оваа средба.


Алегри не смета на Рамзи, Велшанецот се враќа во Премиер лигата

Арон Рамзи откажал неколку понуди ова лето бидејќи сакал да остане во Јувентус.

Клубот имаше желба да се раздели со Велшанецот, а неколку клубови од Англија покажаа конкретен интерес за него. 30-годишниот Рамзи има договор со Јувентус на уште две години и реши да остане во Торино и да се бори за место во тимот.

Меѓутоа, Алегри го „пречкрта“, не смета повеќе на него и јасно му порачал дека слободно може да си бара нов клуб во јануари. Рамзи е еден од најплатените играчи на Јувентус со годишна плата од 8 милиони евра, па „бјанконерите“ сакаат да се ослободат од него.

Интерес за Велшанецот покажуваат Вест Хем, Евертон и Тотенхем, па најверојатно ќе се врати во Премиер лигата.


Германецот Лено е желбата на Интер за наследник на Хандановиќ

Бернд Лено може кариерата да ја продолжи во Серија А во дресот на Интер, пренесуваат островските медиуми.

Арсенал е спремен да се раздели со 29-годишниот гермаски голман бидејќи ова лето го ангажираше Арон Рамсдејл од Шефилд Јунајтед.

Лено пристигна во Арсенал од Баерн Леверкузен во 2018 година и до овој момент има одиграно 120 меча за „топџиите“. Интер е во потрага по квалитетен голман кој ќе го наследи Хандановиќ. Словенецот брани одлично, но веќе е во поодминати години, па „нероаѕурите“ бараат замена.


Инсиње: Да не „летаме во облаци“, победивме само неколку натпревари

Лоренцо Инсиње ја коментираше победата на својот тим во натпреварот од шестото коло на Серија А против Каљари. Средбата заврши со резултат 2-0. Наполи има шест победи во серија од почетокот на сезоната и се лидери на табелата во Серија А.

„Ја започнавме сезоната добро, но не можете да се оддалечите од реалноста и да бидете во облаци. Пред нас е многу долг пат. Тренерот сака да уживаме во нашата работа. Како капитен, сакам да кажам дека треба да останеме на земја, да застанеме на нозе. Минатата сезона ни недостигаше еден бод за да ја завршиме сезоната со изборен пласман во Лигата на шампиони. Сега треба да го надоместиме тоа“, изјави Лоренцо Инсиње за Фудбал Италија.

Претходно, тренерот на Наполи, Лучијано Спалети изјави дека седум клубови ќе се борат за скудетото оваа сезона.


Педро: Ова дерби е посебно за мене, пресреќен сум во Лацио

Кога Мурињо пристигна во Рома, рече дека нема да смета на Педро, па тој замина во лутиот ривал Лацио. Синоќа Педро не се штедеше во прославата против својот поранешен тим, а овој погодок очигледно дека го сфати и како одмазда кон Мурињо бидејќи токму пред него прославуваше.

„Многу сум среќен со оваа победа, таа е многу значајна за ана и фановите, доаѓа по неколку меча во кои не игравме добро. Ова беше посебно дерби за мене. Многу сум среќен во Лацио. Тука сме како голема фамилија. Навистина ми се допаѓаат идеите на Сари, висок пресиинг, движење на топката брзо и создавање на шанси за гол. Дознав дека многу малку фудбалери дале гол за двата тима на дербито, па среќен сум што сум дел од историјата, ова е значаен момент во мојата кариера. Дербито на Рим е едно од најдобрите во светот бидејќи луѓето во градот зборувуаат за него цела недела. Ве сопираат на улица и ве потсетуваат колку овој меч е значаен за градот“, вели Педро.


Кирјос најавува крај на кариерата?

Ник Кирјос пред пет години беше 13-ти тенисер на светот и една од најголемите надежи на светскиот тенис, но денес е блиску до испаѓање од топ 100, но се чини и близу до крајот на кариерата.

„Се додека сум на теренот, ќе давам се од себе. Нема да лажам и да кажам дека планирам да играм уште четири или пет години. Тоа не сум јас.“- изјави Кирјос по поразот од Стефанос Циципас на Лејвер Купот.

Иако има само 26 години, тој открива и дел од причината зошто размислува за крај.

„Морам дома. Патував последниве четири и пол месеци, а мајка ми не е добро. Сакам да се вратам и да ја видам. Цел ми е да минам време со семејството. Ова ми е веројатно последниот Лејвер куп, не знам уште колку ќе играм. Сигурно ми е ова последен турнир оваа година, ќе се подготвувам за Австралија Опен.“


Спалети го сака Перишиќ во Наполи

Наполи одлично ја започна сезоната во Серија, тимот предводен од Лучијано Спалети после пет кола има исто толку победи и се наоѓа на врвот на табелата. Поради тоа во Неапол владее еуфорија, а се пишува и за можните засилувања во зимскиот преоден рок. Според информациите на италијанските медиуми една од желбите е Хрватот Иван Перишиќ.

Договорот на Перишиќ со Интер истекува летото 2022 година, а Наполи со него би можел да започне преговори во зимскиот јануари. Доколку е Интер расположен за продажба неговата цена не би требало да биде висока, во спротивно во Наполи може да чекаат, па во лето да го добија бесплатно.

Перишиќ за Интер одигра 210 натпревари и постигна 46 гола, во Интер пристигна во 2015 година од Волфсбург. Една сезона одигра во Баерн Минхен како позајмен фудбалер.


Усик: Можам да бидам уште подобар

Олександр Усик го шокираше Ентони Џошуа во Лондон и ја освои светската титула во тешка категорија во ИБФ, ВБА и ВБО верзија.

Фантастичниот Украинец го издоминира Џошуа во поголем дел од 12. рунди и на крај славеше со едногласна одлука на судиите и стана прв боксер во историјата кој освоил титула првак во лесна и тешка категорија.

Усик неколкупати сериозно го „раздрма“ Џошуа, а во последните моменти од борбата имаше прилика и да го нокаутира, но Британецот го спаси ѕвоното кое се огласи пет секунди порано и ја заврши борбата.

„Во почетокот тргнав силно и сакав да го нокаутирам. Но, тогаш тренерот ми рече: Застани и заврши ја својата работа. Не сте виделе се од мене, можам да бидам многу подобар.“ – рече Усик додавајќи:

„Борбата се развиваше точно онака како што очекував. Имаше неколку моменти во кои Ентони беше опасен, но ништо посебно.“

Усик беше апсолутен шампион во лесна категорија, а за тој статус да го стекне и во тешка, му недостасува ВБЦ титулата која ја држи Тајсон Фјури, но можно е пред таа борба да се одработи реванш со Џошуа, кој го побара веднаш по поразот.