feature

Павард откри дека имал многу понуди, но одлучил да остане во Минхен

Одбранбениот фудбалер на германскиот состав Баерн Минхен, Бенџамин Павард, призна дека одбил неколку понуди во текот на летниот трансфер период.

Не е тајна дека за неговите услуги беа заинтересирани гиганти од Англија, Франција Италија и Шпанија, но, тој се определи да остане на – „Алијанц Арена“.

„Имав контакти со различни клубови. Можеби еден ден ќе одам во некој од нив. Сега добив уверување од тренерот дека сум дел од неговите планови”, потенцираше Французинот.


Проблеми за Вардар 1961: Ѓукиќ заработи сериозна повреда

Актуелниот ракометен шампион на Македонија, Вардар 1961, во наредниот период ќе има дополнителни проблеми во екипата, откако крилниот ракометар Дарко Ѓукиќ заработи повреда која најверојатно е од посериозен карактер.

Ѓукиќ со повредата се здоби во натпревар од домашната Супер лига против екипата на Прилеп. Тој при незгоден доскок го повреди коленото и стравувањата се дека станува збор за оштетување на предните вкрстени лигаменти за што следува долга пауза за опоравување.


УЕФА ја исфрли Русија од квалификациите за ЕП 2024

Европската фудбалска федерација – УЕФА, соопшти дека репрезентацијата на Русија нема да учествува во жрепката за Европското првенство во 2024 година која ќе биде одржана на 9.октомври во Франкфурт.

„Сите руски тимови во моментот се суспендирани со одлука на Извршниот одбор на УЕФА донесена на 28.февруари 2022 година. Поради ова репрезентацијата на Русија не е вклучена во жрепката за квалификациите за ЕП 2024 година“, соопштуваат од УЕФА.

Во жрепката ќе учествуваат 53 репрезентации кои ќе бидат распределени во седум групи од по пет репрезентации, како и во три групи по шест.

Европското првенство ќе се одржува од 14.јуни до 14.јули 2024 година. во Германија.


Мамардашвили го продолжи договорот со Валенсија

Гиорги Мамардашвили во овој момент важи за еден од најдобрите млади голмани во Европа, но и најдобар голман во неговата Грузија.

Доказ за неговиот квалитет е и новиот договор кој го потпиша со Валенсија. Според новиот договор Мамардашвили се обврза на верност кон Валенсија до 2027 година.

Овој потпис на грузискиот голман доаѓа пред натпреварот против Македонија во Лигата на Нации. Мамардашвили настапи во натпреварот против нас во Скопје во кој успеа да ја сочува својата мрежа.

Сега Грузија ќе ја пречека Македонија на 23. септември (петок), три дена подоцна ќе играме против Бугарија.


Сањол: Македонија е наш најтежок ривал во групата

Репрезентацијата на Македонија го имаше првиот собир пред двата натпревари во Лигата на Нации против Грузија и Бугарија. Прво ќе се соочиме со Грузија на 23. септември во Тбилиси, а три дена подоцна ќе ја пречекаме Бугарија во Скопје.

За селекторот на Грузија, Вили Сањол Македонија е најтешкиот противник во групата. Нивната цел разбирливо со позицијата на табелата останува иста, а тоа е прво место во групата и пласман на Евро 2024.

„Сигурно дека Македонија е најтешкиот противник во нашата група. Не можам сега да кажам дали ќе бидам среќен со еден или три бода, наша цел е првото место во групата. Одигравме одлично во јунските натпревари, очекувам така да биде и сега. Сепак, овој натпревар иако сме домаќини може да биде потежок за нас од тој во Скопје“, изјави Сањол.

На табелата Грузија има 10 бода, ние сме втори со седум, Бугарија трета со три и Гибралтар последен со еден бод.


Шпанската лига покрена истрага околу расистичките навреди кон Винисиус

Раководството на шпанската фудбалска лига покренало истрага по повод навредите на расна основа кон фудбалерот на Реал Мадрид Винисиус Жуниор пред стадионот на Атлетико Мадрид воочи градското дерби.

Според шпанските медиуми, Лигата собира докази за настаните кои се случиле пред дерби натпреварот на Реал со Атлетико, кога наводно навивачите на овај клуб пеел навредливи песни кон Винисиус пред почетокот и за време на дуелот.

Реал Мадрид беше подобар од Атлетико Мадрид со 2:1 и го задржа максималниот учинок од шест победи во лигата.


Муратоглу: Никој немало и нема да игра тенис како Роџер Федерер

Познатиот тениски тренер Патрик Муратоглу смета дека Роџер Федерер е единствен во историјата на овој спорт.

Роџер Федерер најави дека ќе се пензионира по завршувањето на Лејвер купот следниот викенд, а Муратоглу истакнува дека Швајцарецот е најдобриот амбасадор кој тенисот го имал некогаш.

„Секој би сакал да може да игра тенис како него, но тој е единствен, никој не може да го повтори тоа во иднина. Никој никогаш не играл тенис како Федерер и никој никогаш нема да игра како него – затоа што тоа е невозможно. Федерер е премногу совршен за да некој може да се спореди со него. Тој е апсолутно совршенство во сè што прави – начинот на кој се движи, начинот на кој ја удира топката, затоа што имате чувство дека Федерер сето тоа го прави со малку труд“, рече Муратоглу.

Тој истакна дека најголемиот квалитет на Федерер е неговата борбеност на теренот.


Франција со проблеми пред натпреварите во Лигата на нации

Голманот и капитен на фудбалската репрезентација на Франција, Уго Лорис, поради повреда на бутниот мускул ќе ги пропушти претстојните натпревари во Лигата на нации.

Според фудбалскиот сојуз на Франција, голманот на Тотенхем ќе ги пропушти дуелите со Австрија и Данска, и како негова замена е повикан голманот на Нант Албан Лафон.

Овие натпревари поради повреда ќе ги пропушти и играчот на Милан Тео Ернандез, како и Бубакар Камара и Адриан Рабио кои се повредени од порано.


Битолските браќа боксери на престижниот меѓународен турнир “Војводинска Златна Нараквица”

Битолските Боксери Браќата Ален и Ружди Рустемовски настапија на Силниот Меѓународен Боксерски турнир Војводинска Златна Нараквица на која учество зазедоа 24 земји од сите континенти.

Ален Рустемовски настапи во категоријата до 57кг против боксерот од Украина, Иван Завадски Ален и тесно загуби со 3:2.

Ружди Рустемовски настапи во категоријата до 60кг против боксерот од Казахстан, Анарбајев Бахтијар и исто така загуби, но 4:1.
Бахтијар беше финалист во Категоријата и најдобар Странски боксер на турнирот.

“Ова за нас беше големо искуство и докажавме дека можеме да се носиме со сите светски боксерски велесили.” – велат од боксерскиот клуб, по што искажаа голема благодарност до спонзорите како спортските обложувалници Евротип.


Во ПСЖ незадоволни од преодниот рок

Спортскиот директор на Париз Сен Жермен Луис Кампос во разговор со француски медиум открива дека клубот не е задоволен од одработеното во летниот преоден рок.

Шампионот на Франција ова лето избра нов тренер Кристоф Галтие, а на „Паркот на принцовите“ пристигнаа играчите Витиња, Фабијан Руиз, Карлос Солер, Ренато Санчез, Норди Мукиеле и Уго Екитике.

Меѓутоа трансферот на првата желба на ПСЖ, централниот дефанзивец на Интер Милан Шкрињар остана неостварен, па поради тоа Кампос Смета дека ПСЖ не го комплетира продниот рок според своите замисли, и тимот останува „тенок“ во дефанзивата линија. Најверојатно ПСЖ во јануари ќе направи повторен обид за доведување на Шкрињар.