feature

Клубовите од англиската Премиер лига ќе ја надминат сумата од 2 милијарди евра за трансфери на играчи

Англиските премиерлигашки клубови се доближуваат до сумата од две милијарди евра кои се потрошени за трансфери на играчи.

Клубовите во текот на летово за ангажмани на нови играчи потрошија 1,84 милијарди евра. Надмината е вкупната сума од рекордното лето во 2017 година кога беа потрошени 1,6 милијарди евра.

Со трансферите на Фофана и Антони и големиот промет кој се очекува до последниот ден на преодниот рок кој завршува на 1.септември, вупната сума ќе ја премини границата од две милијарди евра.


Гвардиола: Силва дефинитивно останува во Сити

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, соопшти дека португалскиот фудбалер Бернардо Силва одлучил да остане во редовите на англискиот шампион.

Силва наводно имал понуда од Барселона, меѓутоа после разговорот со Гвардиола тој се одлучил и оваа сезона да настапува за клубот од Манчестер.

„Силва дефинитивно останува играч на Манчестер Сити. Тој е незаменлив, може да игра на три, четири или пет позиции“, изјави Гвардиола.

28-годишниот Силва е член на Манчестер Сити од 2017 година каде пристигна од Монако. тој во дресот на Сити одигра 256 натпревари во сите натпреварувања и постигна 50 гола.


Дарко Велковски својата кариера ја продолжува во Саудиска Арабија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Велковски својата играчка кариера најверојатно ќе ја продолжи во Саудиска Арабија, пренесуваат спортските портали.

После завршувањето на соработката со екипата на Ријека од Хрватска, Велковски добил неколку понуди за ангажман од клубови од Унгарија и Турција, меѓутоа финансиски најдобра понуда за дефанзивецот пристигна од екипата на Ал Етифак од Саудиска Арабија која Велковски најверојатно ќе ја прифати.


Милан го договори Малик Тао од Шалке 04

Милан денес ќе го комплетира трансферот на дефанзивецот на Шалке, Малик Тао, но „росонерите“ не застануваат тука.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Милан договорил уште едно засилување од Бундеслигата, а станува збор за играчот на Волфсбург, Астер Вранкс.

19-годишниот Белгиец важи за голем талент и одигра добра сезона во Бундеслигата, а Милан верува дека ќе биде одлична замена за Франк Кеси.


Бразилецот Пакета е нов играч на Вест Хем

Бразилскиот фудбалер Лукас Пакета е ново засилување на Вест Хем, соопштуваат од лондонскиот клуб.

25-годишниот Пакета во Вест Хем пристигна од Лион каде настапуваше последните две години. Од клубот за услугите на крилниот напаѓач издвоија рекордни 61,6 милиони евра.

Бразилецот со клубот од Лондон потпиша петгодишен договор со можност за продолжување на соработката на уште една година.

Пакета во минатото има настапувано за Фламенго и Милан.


Челзи го позајми Ампаду во Серија А

Дефанзивецот на Челзи, Итан Ампаду, кариерата ќе ја продолжи во Италија, каде и претходно настапуваше во екипата на Венеција.

Специја ќе го добие 21-годишниот играч на позајмица со опција за откуп на неговиот договор во јуни следната година. Преговорите меѓу клубовите се во завршна фаза.

Купувањето на играчот ќе го чини италијанскиот клуб 15 милиони евра. Се очекува денеска Ампаду да одлета за Италија, а утре да биде на лекарски преглед во новиот тим.

Дефанзивецот минатата сезона ја помина на позајмица во Венеција.


Крадци упаднале во домот на Обамејанг

Напаѓачот на Барселона, Пјер-Емерик Обамејанг бил ограбен во својот дом во Кастелдефелс, јавуваат шпанските медиуми.

Инцидентот се случил во домот на фудбалерот, информираат медиумите, повикувајќи се на полициски извори. Наводно најмалку четири лица влегле во градината во близина на куќата на фудбалерот, па откако го претепале со огнено оружје им се заканувале и на играчот и на неговата сопруга.

Напаѓачот го отворил сефот и од него бил одземен накитот, по што напаѓачите побегнале со автомобил. Полицијата трага по сторителите.


Заха последно име кое се поврзува со Челзи

Челзи е заинтересиран за ѕвездата на Кристал Палас, Вилфред Заха, пренесуваат медиумите на Островот.

Минатото лето за потписот на Вилферд Заха се бореа Арсенал и Евертон, но ниту еден клуб на крајот не го доведе. Причината што Заха остана во Палас е што овој клуб за него постави цена од 80 милиони евра и не сакаше да го пушти за помалку пари.

Меѓутоа, Заха сега влезе во последната година од договорот и инсистира да ја промени средината, а Челзи сака да ја искористи таквата ситуација.

„Сините“ бараат засилување во нападот, па откако не успеаа да доведат неколку фудбалери кои беа на списокот на Тухел, сега ќе се насочат кон Заха.


Гвардиола добива сто милиони за трансфери оваа зима

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола ќе добие сто милиони фунти за зимски трансфери, тврдат дел од англиските медиуми. Според информацијата, шампионот иако ова лето ги доведе Ерлинг Халанд, Џулијан Алварез, Калвин Филипс и Серхио Гомес, се уште има „отворени апетити“ кон некои фудбалери кои Гвардиола ги сака во тимот.

Според пресметките, „граѓаните“ се во повеќе од добра финансиска кондиција и можат да си дозволат да потрошат прилично сериозна сума за трансфери и во зима. Гвардиола ќе има можност да процени каде ќе му треба адекватно засилување, особено од оние кои можеби ќе блеснат на СП во Катар.


Едисон Кавани се договори со Валенсија

Тренерот на Валенсија Џенаро Гатузо изјави дека уругвајскиот напаѓач Едисон Кавани својата кариера ќе ја продолжи во овој шпански клуб.

Според информациите од медиумите Кавани со Валенсија ќе потпише двегодишен договор.

Уругвајскиот напаѓач имал понуда и од Реал Сосиедад меѓутоа не се постигнал договор бидејќи клубот од Сан Себастијан на Кавани му нудел соработка на една година.

35-годишниот фудбалер е без ангажман откако пред неколку месеци му истече договорот со Манчестер Јунајтед.