feature

Хамилтон со можно повлекување од Формула 1

Како што пренесува угледниот „BBC“, Луис Хамилтон сеуште нема донесено конечна одлука дали повторно ќе биде дел од Формула 1 во наредната сезона, поради скандалот со победата на Макс Ферстапен во одлучувачката трка во Абу Даби.

Хамилтон пред да одлучи дали ќе се врати во болидот на Мерцедес, сака да добие објаснување од ФИА, што се случи во последниот круг од трката и зошто било променето правилото  околу безбедносното возило на патеката.

По добиениот одговор ќе биде позната судбината на Англичанецот во Ф1 и дали повторно ќе биде дел од најбрзиот циркус на светот.


Роналдо: Не сум тука за да бидам шести или седми на табелата

Ѕвездата на Манчестер Јунајтед излезе со изјава дека е неприфатливо за клуб со такво реноме да се стреми кон помал пласман од Топ 3 во Премиер лигата и истакна дека тој не е во тимот за да биде на седмото место.

Клубот од „Олд Трафорд“ има доста разочарувачка сезона со лоши резултати кои беа причина и за смена на тренерот Солскјер кој во декември беше заменет од германецот Рангник.

 „Не прифаќам дека нашиот менталитет е таков да целиме на нешто помалку од првите три позиции во Премиер лигата. Се надевам дека Јунајтед може да го подигне нивото и да биде она што го сакаат навивачите“, изјави Роналдо.

Новиот тренер Ралф Рангник победи на четири од седум натпревари и прими само три гола, но екипата и натаму е седма во Премиер лигата, со 22 бода зад лидерот Манчестер Сити.


Руди Гарсија го менува Шевченко во Џенова?

Медиумите во Италија излегоја со информација дека поранешниот тренер на Рома, е можен кандидат да го замени Шевченко на клупата на Џенова.

Актуелниот тренер на екипата, Андриј Шевченко, кој пристигна во Џенова пред само два месеци е блиску до отказ по серијата лоши резултати. Тој откако ја презеде клупата на тимот има скор од 6 порази, 3 нерешени средби и само една победа.

Потенцијално новиот тренер Гарсија, после тренерската работа во Рома, замина во Франција каде ја водеше екипата на Лион.


Италијанецот Пичини од Валенсија доаѓа во Црвена Звезда

Црвена Звезда се засили со италијанскиот десен бек на Валенсија, Кристијан Пичини.

Според информациите со кои располагаат српските медиуми се е решено, останува само да се средат документите и да се официјализира трансферот .

Пичини со Звезда ќе потпише договор до 2024 година и е второто големо засилување за овој тим, по ангажирањето на Охио Омоижианфа кој дојде од Молде и игра како напаѓач.

Пред Валенсија ги носеше дресовите на Фиорентина, Специја, Ливорно, Бетис, Спортинг и Аталанта, а во Белград ќе заработува 600.000 евра по сезона.


За Сити нема пандемија: Клубот објави поголем приход од претходната година

Ревизорската куќа – „ПМГ“, објави дека Манчестер Сити за прв пат во историјата остварил поголеми приходи од градскиот ривал, Манчестер Јунајтед.

Тоа се однесува на сезоната 2020/21 кога „граѓаните“ инкасирале дури 73 милиони фунти повеќе во однос на претходната.

Тимот од „Етихад“ доби 108 милиони фунти за пласманот во финалето на Лигата на шампионите додека приходите од телевизиските права му се зголемени за 55%.  Приходите од реклами достигнале 255 милиони.


Столе Димитриевски со богата понуда од Саудијска Арабија

Според познатиот фудбалски новинар, Фабрицио Романо, екипата на Рајо Ваљекано добила висока понуда за трансфер на нашиот Столе Димитриевски.

За голманот на Рајо и македонската фудбалска репрезентација, сериозен интерес пројавил тимот на Ал Наср од Саудијска Арабија кој понудил 3,5 милиони фунти за ангажирање на Димитриевски.

Новинарот пренесува дека мали се шансите шпанскиот клуб да го продаде Столе Димитриевски и ќе инсистира на негово останување во екипата.


Соуса: Новак е себичен во своите барања

Португалскиот тенисер Жоао Соуса го нарече Новак Ѓоковиќ помалку себичен поради одлуката да пристигне на Австралија Опен невакциниран против коронавирусот и додаде оти тоа е тешко да се прифати.

Соуса наведе дека другите тенисери се лути бидејќи Ѓоковиќ ги избегнал правилата и оти се испраќа лоша порака што тој е единствениот невакциниран тенисер на Австралија Опен.

„Ја почитувам неговата борба за своите уверувања и имам емпатија за сè што минува во Австралија, но помалку е себичен таквиот однос кон колегите. Себично е од него да дојде тука како единствен невакциниран играч, Многумина од нас, не и јас, не сакавме да се вакцинираме, но моравме да го направиме тоа за да играме. Такви се правилата, а тој ги заобиколи правилата и е единствен, кој не се вакцинираше. За нас останатите играчи тоа е тешко да се прифати, иако разбирам дека тој ги брани своите идеали“, изјави Соуса.


Милан Лазаревски го замени Металург за словенскиот Тримо Требње.

Досегашниот член на ракометниот клуб Металург, Милан Лазаревски, потпиша договор со Тимо Требње од Словенија.

24-годишниот Лазаревски ја прифати понудата од Словенија, и за прв пат ќе настапува за клуб надвор од Македонија. Тој во Тримо Требње се очекува да биде замена за повредениот Лан Грбиќ на позицијата пикер.

Екипата на Требње е водена од легендата на словенечкиот ракомет, Урош Зорман и се наоѓаат на втората позиција од табелата, зад тимот на Цеље.


Судија на Купот на Африка двапати отсвири крај пред 90. минута

Бројни судиски грешки го одбележаа вечерва дуелот од воведното коло во групата Ф во рамки на африканскиот Куп на нации меѓу Мали и Тунис (1-0), а пропустите кулминираа во финишот кога арбитерот во два наврати предвреме отсвири крајот на натпреварот.

Мали ја обезбеди победата преку пенал што во 48. минута го реализираше Ибрахим Коне, а Тунис на ист начин можеше да возврати во 77. минута, но Вахби Казри биеше непрецизно од белата точка.

Во крупен план на овој натпревар, сепак, беше главниот судија Џани Сиказве, кој со многу грешки го водеше дуелот, а најголемиот пропуст го направи во 85. минута, кога означи крај на натпреварот. Кратко потоа, на сугестија на својот помошник, одлучи да го продолжи натпреварот, означувајќи дефинитивно крај во 90. минута, иако во вториот дел беа досудени два пенали, беа извршени девет измени, а неколку пати се вклучуваше и ВАР системот.


Февруари клучен за иднината на Дибала во Јуве

Јувентус ги продолжува преговорите за обновување на договорот со Пауло Дибала, но се уште нема конечен договор меѓу двете страни. Извршниот директор на клубот Маурицио Аривабене најави дека во февруари ќе има нова средба со фудбалерот и неговите претставници.

„Во февруари ќе разговараме со играчите на кои им истекуваат договорите за да одлучиме за нивната иднина. Секој мора да го освои своето место во тимот и да докаже дека го заслужува тоа“, изјави Аривабене.

„Ова важи за сите – играчи, тренери и менаџери. Во наредните денови ќе видиме дали тоа ќе се случи. Да се ​​обидеме да ги постигнеме целите што ги поставивме“, додаде тој.

Пауло Дибала моментално е слободен да преговара со други тимови. Според италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, Јувентус нема намера да му понуди на Аргентинецот повеќе од неговата сегашна плата – 7,3 милиони евра годишно, што ја доведува во прашање неговата иднина во клубот.