Младата репрезентација на Македонија до 21 година беше поразена убедливо од Словенија со 3:0 на последниот контролен тест пред стартот на квалификациите за пласман на Европското првенство.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски одиграа под очекувањето и беа заслужено поразени од Словенија. Сите три погодоци противникот ги постигна во првиот дел. Уште на стартот на средбата во 2 минута Матко погоди за предност на словенците. На 2:0 зголеми Прелец во 7 минута. Во самиот финиш од првиот дел Светлин погоди за конечни 3:0.
Во продолжението нашиот селектор направи неколку измени во играчкиот состав, но резултатот остана непроменет. Македонија се обиде да го намали резултатот, но безуспешно.
Ова воедно беше и последната контролна средба на нашата репрезентација пред стартот на квалификациите за пласман на Европското првенство.
Бруно Лаж е наследникот на Нуно во Вулверхемптон
Поранешниот тренер на Бенфика, Бруно Лаж постигна договор со Вулверхемптон и се очекува во рок од неколку дена официјално да биде претставен како тренер на тимот.
Главните точки на договорот беа прецизирани вчера, а тој и неговиот персонал веќе добија дозвола за работа на Oстровот. „Волците“ останаа без тренер откако Нуњо Еспирито Санто ги напушти по контроверзната сезона и само 11-то место на табелата.
Сари пред промоција во Лацио
Раководството на Лацио продолжува со преговорите со Маурицио Сари. Претседателот на клубот Клаудио Лотито се надева дека ќе го затвори ова прашање денес, откако излезе информација дека римјаните се подготвени да му понудат двегодишен договор на Сари со плата од три милиони евра.
Тренерот исто така ќе добие 500.000 евра во случај на пласман во Лигата на шампионите. Договорот ќе вклучува клаузула за автоматско продолжување на договорот за уште една сезона.
Минатата сезона Лацио под водство на Симоне Инзаги го зазеде 6-то место во Серија А, а 62-годишниот Сари е без работа откако го напушти Јувентус минатиот август.
Симиќ и Барса ја бркаат титулата во Евролигата!
Од денеска, до 6 јуни, во Валенсија, се игра завршниот турнир од јуниорската Евролига.
Натпреварувањето требаше да се одржи заедно со Ф4 на сениорите, минатиот викенд во Келн, но поради строгите регулативи поврзани со пандемијата од коронавирусот, Евролига одлучи да го помести за неколку дена и да ја смени локацијата каде ќе се играат натпреварите.
Како најпогодно место е избрана Валенсија, која веќе беше домаќин на еден од квалификациските турнири.
И Македонија ќе има свој претставник на завршниот турнир. Новопромовираниот сениорски репрезентативец Теодор Симиќ, кој со својата Барселона ќе се обиде да дојде до титулата.
Каталонскиот гигант е во групата Б, со Стелаѕура, домаќинот Валенсија и Мега. Прв противник, денеска од 16 часот е Стелаѕура чиј член е Дино Боцевски, кој избра да игра за Србија и во Евролига е пријавен како Србин.
Татковците на двајцата кошаркари, Тони Симиќ и Душан Боцевски беа соиграчи во македонската репрезентација.
Од 3. до 5. јуни се играат натпреварите по групи, а финалето е закажано за 6 јуни. Во него ќе играат двете првопласирани екипи од двете групи.
Фудбалерка на Барселона воодушеви со своите фотографии! (фото)
28-годишната Лике Мертенс е една од најдобрите фудбалерки на светот. Холанѓанката настапува за Барселона, со која годинава освои три титули. Женскиот тим на Барса сезонава го освои првенството, Купот, како и Лигата на шампионите.
Лике во успесите на тимот беше значаен фактор поради нејзините сјајни игри во средниот ред.
Пред четири години, УЕФА ја прогласи за фудбалерка на годината, а истата година со својата репрезентација го освои и Европското првенство. За Холандија, има 121 настап и 49 погодоци.
Таа на Инстаграм има 1.3 милиони фанови, а синоќа ги воодушеви со новата објава. Имено, Лике беше прогласена за најубава спортистка на Холандија за 2021. година.
„Убавината не е само од надвор, но многу сум среќна што сум прогласена за најубава спортистка на Холандија. Ви благодарам.“ – пишува Мертенс.
Ангеловски и Елмас оптимисти пред дуелот против Казахстан
На денешната прес конференција пред утрешниот меч против Казахстан селекторот Игор Ангеловски зборуваше за здравствениот билтен во националниот тим.
„Енис Барди од денеска излегува од изолација, и ќе тренира индивидуално. Го чекаме негативниот тест за да може да се приклучи. Ферхан Хасани за жал има пукнатина на носот и ќе мора да тренира во моментов без контакт, но е во комбинација нормално, наскоро ќе биде се во ред со него. Конечно, Стефан Спировски е фит и дефинитивно утре, ќе игра во првиот состав“, вели селекторот Ангеловски.
За дуелот со Казахстан, предводникот на нашиот национален тим додава.
„И овој меч ќе го искористиме како тренинг натпревар. Ни доаѓа селекција која што не е тип Лихтенштајн, или Гибралтар. Со Украина одиграа одлично на нејзин терен. Имаат млади фудбалери, претежно од нивниот шампионат и мислам дека ќе биде ова солидна контрола за нас“.
Квитова се повреди на прес-конференција и се откажа од Ролан Гарос
Искусната тенисерка од Чешка, Петра Квитова мораше да го откаже понатамошното учество на францускиот грен слем турнир Ролан Гарос, како последица од повреда добиена од пад на прес-конференција.
Квитова на заминување од средбата со медиумите паднала и го повредила глуждот, а деталните прегледи покажале сериозна повреда, која се санира со мирување и терапија.
Чехињата која славеше во првата рунда од Ролан Гарос ќе влезе во рубриката од „верувале или не“, бидејќи во модерниот спорт прв пат се случува тенисер или спортист посериозно да се повреди на официјална прес-конференција.
Лукаку не мрда никаде од Интер
Голгетерот на Интер, Ромелу Лукаку синоќа потврди дека нема ништо од шпекулациите за негово заминување од Интер. Тој потврди дека веќе разговарал со новиот тренер Симоне Инзаги и му најавил дека ќе остане и следната сезона.
„Останувам во Интер. Разговарав со човекот кој ќе го води тимот во новата сезона. Можеби не требаше да го кажам тоа, но нашиот разговор беше многу позитивен. Предизвик за нас е повторно да ја освоиме титулата. Се чувствувам добро во Интер, конечно освоив голем трофеј. Се надевам дека повторно ќе станам шампион, но овојпат пред полн Сан Сиро”, изјавил Белгиецот.
ЕУРО 2020 – 17. Шведска одблиску
Шведска и без Ибра е „нагазна мина“ на Европското првенство
Фудбалската репрезентација на Шведска ја претставува Шведска во машкиот меѓународен фудбал и е контролирана од Шведската фудбалска асоцијација, управувачкото тело на фудбалот во Шведска. Од 1945 до крајот на 50-тите години, Швеѓаните се сметаат за еден од најголемите тимови во Европа.
Шведска оствари дванаесет настапи на Светските првенства со нивниот прв настап во 1934 година. Тие исто така имаат остварено шест настапи на Европските првенства. Шведска завршила на второто место на Светското првенство во 1958 година, а на третото место во 1950 и во 1994 година. Другите достигнувања вклучуваат и златен медал на Летните олимписки игри во 1948 година и бронзените медали во 1924 и 1952 година. Швеѓаните стигнале и до полуфиналето на Европското првенство во 1992 година.
Андерсон не може да смета на ѕвездата на Милан на шампионатот
Шведскиот селектор Јане Андерсон потврди дека ѕвездата на Милан нема да биде дел од претстојниот континентален собир. Поради повреда на коленото Златан Ибрахимовиќ нема да биде дел од составот на шведската репрезентација на Европското првенство.
Првичните извештаи по неговата специјалистичка консултација бараа третман од три недели, но во изјавата на „росонерите“ беше забележано дека иако операцијата не е неопходна, опоравувањето ќе трае шест недели.
„Разговарав со Златан Ибрахимовиќ, кој за жал ми рече дека неговата повреда ќе го спречи неговото учество на Европското првенство ова лето. Секако дека е тажно, особено за Златан, но и за нас. Се надевам дека тој повторно ќе биде на теренот што е можно побрзо“, рече селекторот на Шведска, Андерсон.
Својот прв натпревар Шведска на ЕП ќе го има против Шпанија на 14 јуни. Во групата Е се наоѓаат уште селекциите на Полска и Словачка.
Зошто Кулушевски ја одбра Шведска пред Македонија?
Дејан Кулушевски е играчот кој беше најзаслужен за победата на Парма против Аталанта во последното коло од Серија А. Тинејџерот кој има само 19 години е роден во Шведска, но има македонски корени, па беше дел и од младинските селекции на Македонија.
Сепак, кога се работи за играње во сениорската селекција, Кулушевски решил да не игра за Македонија, иако имал понуда од селекторот Игор Ангеловски. Тој дури бил повикан да биде во македонската репрезентација за дуелите против Летонија и Израел, но ја одбил поканата.
„Уште пред три години му понудив на Кулушевски да го облече дресот на македонската репрезентација. Пред еден месец повторно зборував и му понудив да игра на дуелите против Летонија и Израел, но тој рече дека сакал да игра за Шведска“, објасни селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
Ван Бомел промовиран во нов тренер на Волфзбург
Германскиот бундеслигаш Волфзбург кој оваа сезона успеа да се квалификува во Лигата на шампионите има нов тренер. Предводникот на тимот Гласнер ги изненади челниците на Волфзбург кога објави дека нема да го продолжи договорот и ги напушти „волците“, па од клубот итно мораа да побараат негова замена.
Од клубот доцна синоќа потврдија дека нашле негова замена, па екипата следната сезона ќе ја води холандскиот стратег Марк ван Бомел.
44-годишниот холандски стручњак потпиша двегодишен договор со Волфзбург.