feature

ФФМ одлучи : Баражот помеѓу Тиквеш и Воска ќе се игра во Струмица

Фудбалската федерација на Македонија информира дека бараж натпреварот за Првата фудбалска лига помеѓу екипите на Тиквеш и Воска ќе се одигра на 22. мај на стадионот Младост во Струмица.

Ваквата одлука е донесена после заеднички состанок на Комисијата за безбедност и натпреварување при ФФМ, со Министерството за внатрешни работи.

Претходно имаше најава дека баражот ќе се одигра во Прилеп или на Националната Арена во Скопје.


Џо Гомез не е сериозно повреден, може да настапи во финалето во Париз

Повредата на дефанзивецот на Ливерпул Џо Гомез не е толку сериозна како што првично изгледаше по вчерашниот натпревар со Саутемптон.

24-годишниот Англичанец на крајот на првото полувреме го истегна зглобот, а на негово место влезе Џордан Хендерсон, кој на теренот се појави на почетокот на вториот дел. По мечот, Гомез носеше заштита на ногата и се движеше со патерици.

Денес, сепак, дефанзивецот беше подложен на скенирање, кое покажа дека нема сериозно оштетување на скочниот зглоб, а според Тајмс во Ливерпул сега се уверени дека тој ќе биде на располагање за финалето од Лигата на шампионите против Реал Мадрид.


Интер постави цена за Алесандро Бастони

Финансиските проблеми на Интер немаат крај и клубот и ова лето ќе мора да продава некои од своите најдобри фудбалери.

За клубот да функционира нормално му е потребен приход од 70 милиони евра и затоа ова лето повторно се очекува заминување на некоја од ѕвездите.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Интер одлучил да го стави на продажба Алесандро Бастони и ќе го продаде ако добие понуда од 60-70 милиони евра.

Интерес за младиот дефанзивец покажуваат Манчестер Сити и Баерн Минхен, а Интер ќе се согласи на продажба ако пристигне понуда повисока од 60 милиони евра.

„Газета дело Спорт“ открива дека во тој случај „нероаѕурите“ ќе се насочат кон капитенот на Милан, Алесио Ромањоли, во кого гледаат евтина замена за Бастони, бидејќи му завршува договорот и може да пристигне без обештетување.


Де Зерби пред промоција во Болоња

Раководството на Болоња најверојатно преговара со тренерот на украински Шахтјор, Роберто де Зерби, за преземање на тимот следната сезона.

Според италијанските новински агенции, актуелниот тренер на италијанскиот клуб Синиша Михајловиќ може да ја напушти функцијата поради здравствени проблеми. Де Зерби е подготвен да го заземе неговото место, со плата од најмалку 2 милиони евра годишно.


Кој ќе биде наследникот на Кјелини? Јуве има две алтернативи

Јувентус има две опции како евентуални наследници на Џорџо Киелини во дефанзивата на тимот за следната сезона. Станува збор за двајца дефанзивци од Арсенал и Наполи кои се позиционирани како потенцијални засилувања на стоперската позиција. Станува збор за младиот 24-годишен дефанзивец на Арсенал, Габриел, како и на далеку поскапиот и поатрактивен дефанзивец на Наполи, Калиду Кулибали.

Киелини го одигра последниот меч пред навивачите на Јувентус во претпоследното коло на Серија А и најави дека ја завршува долгогодишната кариера во еден од најпопуларните италијански клубови


Барса и Левандовски постигнаа договор за тригодишна соработка

Напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски по се изгледа ја заврши сагата околу заминувањето од Баварија. Како што објави италијанскиот новинар Николо Шира, 33-годишниот Полјак се договорил со каталонскиот клуб за соработка до 2025 година.

Сега Барселона ќе се обиде да ги прецизира деталите од трансферот со неговиот се уште актуелен клуб. Договорот на Левандовски со Баерн е до 30 јуни 2023 година.


Зузана Хејнова означи крај на богата кариера

Чешката атлетичарка, Зузана Хејнова, која е двократната светска шампионка на 400 метри со пречки, најави дека се повлекува од  атлетиката бидејќи е бремена. Таа во изминатите две години имаше проблеми со повредите и последен пат се појави на атлетската патека во септември 2020 година.

„Зад мене е одлична кариера,  сега се радувам на новата улога во животот“, потенцираше 35-годишната атлетичарка.

Хејнова има злато од СП во Москва (2013 година) и во Пекинг (2015). Таа на Олимпијадата 2012 во Лондон се накити со бронзениот медал.


Формула 1: Без замена за трката во Русија

Водечките луѓе на Светската автомобилска федерација, потврдија дека оваа година нема да има замена за Големата награда на Русија во Сочи. 

Оваа потврда значи дека сезонава Формула 1 шампионатот ќе има вкупно 22 трки.

Во февруари годинава беше донесена одлуката за исфрлање на Сочи од календарот на трки во Ф1, поради рускиот напад на Украина. Постоеше можност за замена на домаќинот на трката, но се      испостави дека никој не е спремен да биде замена за Сочи.

„Оваа година остануваме на 22 трки. Нема да има дополнителна трка во календарот за сезонава“, стои во соопштението на Формула 1.

Овогодинешниот шампионат продолжува со трката за Големата награда на Шпанија, кое на програмата е овој викенд.


Донарума изгласан за најдобар голман во француската Лига 1

Голманот на Париз Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, е прогласен за најдобар голман во изминатата сезона во францускиот фудбалски шампионат.

Голем број на фудбалски фанови имаат мислење дека оваа награда не отиде во вистински раце, бидејќи голманот од Италија, бранеше на само 16 од можните 38 натпревари во првенството на Франција. Донарума успеа да ја зачува мрежата на само пет натпревари од оние 16 на кои бранеше.


Васоски се враќа во Македонија, и е можен нов селектор на младата репрезентација

Некогашниот тренер на Вардар и Академија Пандев, немаше забележителен успех во неговиот прв ангажман надвор од границите на Македонија, бидејќи многу брзо ја напушти тренерската позиција во ФК Сараево од Босна и Херцеговина.

Според неговите најави за медиумите, постојат големи шанси негов следен ангажман да биде повторно во Македонија. Имено Васоски е во преговори за тренер на клуб од домашното првенство, а според некои информации можно е тој да стане и нов селектор на репрезентацијата до 21 година.