feature

Клоп го сака Алжирецот Бенасер

Ливерпул е силно заинтересиран за плејмејкерот на Милан, Исмаил Бенасер, пренесуваат италијанските медиуми.

Клоп во алжирскиот репрезентативец гледа идеално засилување за средниот ред, каде „црвените“ имаат многу проблеми од почетокот на сезоната.

Тренерот е загрижен поради малкуте алтернативи кои ги има во средниот ред и верува дека Бенасер одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра.

Алжирецот има договор со „росонерите“ до 2024 година, но Милан веќе започна преговори за продолжување на соработката и сигурно нема да го продаде во јануари.


Португалија само половично ќе го користи Жоао Феликс

Напаѓачот на Атлетико и Португалија, Жоао Феликс има здравствени проблеми и нема да биде подготвен за натпреварот од Лигата на нации во кој португалската репрезентација ќе се сретне со Чешка. Натпреварот е закажан за 24 септември, пренесува „Марка“.

Според изворот, и покрај проблемите, можно е играчот да учествува на натпреварот со Шпанија, кој ќе се одигра на 27 септември. Португалските репрезентативци се уште се надеваат дека напаѓачот ќе се опорави и ќе биде подготвен навреме за мечот со тимот на Луис Енрике.

Жоао Феликс не тренира со соиграчите од понеделникот, кога почнаа подготовките на избраниците на Фернандо Сантош.


Крај на сезоната за Ѓукиќ

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 се соочува со дополнителни проблеми откако десното крило Дарко Ѓукиќ заработи повреда која ќе го оддалечи од теренот подолг период.

Ѓукиќ повредата ја заработи на првенствен натпревар против тимот на Прилеп. После извршените детални прегледи беше констатирано дека тој ги скинал вкрстените лигаменти на коленото и ќе мора да паузира најмалку осум месеци.

Тешката повреда значи крај на сезоната во Вардар, но и неиграње за репрезентацијата на Србија на Светското ракометно првенство кое е закажано за јануари во Полска и Шведска.


Атлетико потврди дека Симеоне ќе го води тимот и следната сезона

Тренерот на фудбалерите на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, ја има довербата на челниците на клубот иако во почетокот на сезоната неговите пулени не ги прикажуваат посакуваните партии.

„Јорганџиите“ по шест кола се наоѓаат на седмата позиција во најсилниот фудбалски шампионат на Шпанија.

Весникот „АС“, напиша, дека прашањето за евентуална разделба со Симеоне воопшто не е на дневен ред.


Ристовски со емотивна порака до Пандев: Ти си идол, легенда и инспирација за сите нас

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев, ја потврди својата одлука за крај на богатата играчка кариера.

Оваа негова одлука беше брзо пренесена низ Балканот и Европа, и истата донесе голем број коментари и реакции. Репрезентативецот и сегашен капитен на селекцијата Стефан Ристовски испрати емотивна порака до Пандев со која тој му посака заслужена пензија.

– Гоки….пораснав со тебе, прво како идол, а подоцна заедно и на терен. Горд сум што бев дел од твоето време. Емоциите се измешани, среќен за тоа што сме поминале заедно и тажен што повеќе нема да бидеш дел од теренот. Фала ти што прв успеа светот да слушне за Македонија и македонскиот фудбал, фала ти што беше инспирација за сите нас. Ти си наша легенда и мој мотив засекогаш, – порача сегашниот капитен на нашиот национален тим кој поради повреда ќе ги пропушти дуелите со Грузија и Бугарија во Лигата на нации.


Арсенал го сака Линдстром од Ајнтрахт

Екипата на Арсенал размислува да испрати понуда во текот на зимскиот преоден рок за фудбалерот на Ајнтрахт Франфурт, Јеспер Линдстром.

Весникот –  „Билд“, наведува, дека претставниците на клубот стапиле во контакт со 22-годишниот дански интернационалец.Тој во летото во 2021 година го напушти Брондби за 7 милиони евра и се пресели во Бундес-лигата.

Линдстром во дебитантската сезона имаше 5 голови и 4 асистенции. Неговата трансферна вредност е околу 20 милиони евра.


Родри: Фаворити сме, но нема да се опуштиме во Премиер лигата

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити, Родри, предупреди дека Ливерпул има квалитет да се врати на победничките патеки.

Шампионите во моментов имаат речиси двојно повеќе бодови од „црвените“ пред се поради лошата форма на избраниците на Јирген Клоп. Во последниве неколку години главно двата тима ја водат битката за пехарот во Премиер лигата.

„Ливерпул не е во криза, само е помалку ефикасен. Сепак, англискиот шампионат е таков што не ви дава шанса да се опуштите. Ако го направите тоа, веднаш започнувате да губите бодови“, искоментира Родри.


Чеферин критичен кон Динамо и застарениот „Максимир“

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин изјави дека стадионот Максимир на Динамо Загреб е срамен и дека е чудо какви резултати може да постигне хрватскиот шампион играјќи на таков објект.

„Стадионот е срамен, особено кога една трибина е затворена. Чудно е какви резултати добивате со ваков стадион. Даваме пари за инфраструктура на сите фудбалски федерации. На пример, во Словенија 80 отсто од средствата за стадионите доаѓаа од УЕФА. Имаме средства, но владите, федерациите и локалните власти мора заедно да придонесат“, рече Чеферин, а пренесува Јутарњи лист.


Ѓоковиќ: Засекогаш ќе го паметам овај Лејвер куп

Еден од најдобрите светски тенисери Новак Ѓоковиќ истакна дека е благодарен на единствената прилика одново  да биде на теренот со своите најголеми ривали, Шпанецот Рафаел Надал, Швајцарецот Роџер Федерер и Британецот Енди Мареј, и дека поради тоа засекогаш ќе го памети Лејвер купот во Лондон.

На овај турнир Роџер Федерер ќе го одигра својот последен натпревар во професионалната кариера. Тој ќе настапува во дубл со Рафаел Надал против Американците Џек Сок и Френсис Тиафо.

Големата четворка на светскиот тенис која ќе настапува за „Тимот на Европа“, вкупно има освоено 66 грен слем трофеи. Надал има 22, Ѓоковиќ 21, Федерер 20, а Мареј три грен слем титули.


Мареј: На теренот тренираат три легенди и еден кловн!

На претстојниот Лејвер куп, една од најголемите легенди на светскиот тенис Роџер Федерер заминува во пензија, а во лондонската „О2 Арена“ го очекува фантастичен настап. За пензионирањето на големиот Швајцарец ќе сведочат тројца од најдобрите играчи од неговата ера – Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Енди Мареј.

Најмалку успешен меѓу четворицата асови секако е Шкотланѓанецот, кој освои три Грен Слема и секогаш покажуваше голема почит кон Роџер, Рафа и Новак. Како и многу пати досега, не му беше непознато да се шегува на своја сметка.

„Големата тројка и еден кловн. Ваквите тренинзи не се гледаат често. Апсолутна привилегија е да се дели теренот со овие тројца момци за последен пат“, напиша 35-годишниот Енди Мареј во описот на својата слика со тројца од најуспешните тенисери на 21 век.