feature

Марио Геце е нов фудбалер на Ајнтрахт Франкфурт

Поранешниот германски репрезентативец Марио Геце е нов фудбалер на шампионот на Лига Европа, Ајнтрахт од Франкфурт.

30-годишниот Геце со тимот од Бундеслигата потпиша договор до 2025 година. Во Германија се враќа после својот двегодишен престој во холандскиот ПСВ, каде одигра 77 натпревари и постигна 17 гола и 18 асистенции.

Марио Геце претходно има настапувано за Борусија Дортмунд и минхенски Баерн.


Македонија со 77 спортисти во десет спорта на Медитеранските игри во Алжир

Пред заминувањето на нашите спортисти на Медитеранските игри кои ќе се одржат во Алжир од 25-ти јуни до 5-ти јули, македонската делегација денеска одржа прес-конфернција на која пристуствуваа дел од спортистите кои ќе бидат дел од нашата делегација во Оран, Алжир.

Владимир Богоевски како спортски директор на Олимпискиот комитет образложи со какви очекувања се патува на Медитеранските игри, кои тој ги посочи како добра шанса за македонските спортисти да ги измерат силите со најдобрите од други земји.

„Олимписките игри ни се на прво место, но Медитеранските игри се вид на натпреварувања на кои голем број наши спортисти имаат шанса да ги измерат силите со други натпреварувачи од големи држави. Во нормални услови тие би немале таква можност и затоа Медитеранските игри за нас во Македонија се многу важни“, изјави Владимир Богоевски кој додаде дека македонската делегација ќе брои 114 лица, од кои 77 ќе бидат натпреварувачи.

Македонските учесници ќе се натпреваруваат во 10 спортови (ракомет, одбојка, такевондо, џудо, карате, борење, пливање, атлетика, мечување и стрелаштво), а со најголеми амбиции патува сребрениот од Олимписките игри, таеквондистот Дејан Георгиевски.

„Ова ќе бидат втори Медитерански игри за мене, на минатите го освоив среброто во Шпанија. Сега одам по златото. Ние сме во одлична форма, се подготувваме четири-пет месеци за ова и се надевам дека таму ќе донесеме повеќе медали, не само од таеквондо, туку и во другите спортови. Минатиот пат освоивме шест медали, сега се надевам на повеќе, се надевам над десет. Ги поздравувам сите учесници и им посакувам многу среќа“, изјави Георгиевски.

Македонската спортска делегација вечерва со чартер лет од Скопје заминува за Оран, и ќе остане се до завршувањето на настапите на сите наши спортисти. Македонското знаме на отварањето на Медитеранските игри ќе го носат таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистката Симона Заборска.


36 години од „Божјата рака“ на Марадона

На 22 јуни во 1986-та година, репрезентацијата на Аргентина ја победи Англија во четвртфиналето на Светското првенство во Мексико, на натпревар кој ќе остане запаметен по двата погодоци на Марадона: „Божјата рака” и „Голот на векот”.

Првиот подогок на Марадона со рака:

https://twitter.com/i/status/1539488824014868483

И голот на векот:

https://twitter.com/i/status/1539497857174097920

Бејл блиску до трансфер во Кардиф

После повеќегодишниот престој во Реал Мадрид, на велшкиот репрезентативец Герет Бејл овај месец му завршува актуелниот договор со кралскиот клуб.

Последниов период името на Бејл се поврзуваше со трансфер во повеќе клубови од Англија, како Саутемптон, Тотенхем и Њукасл, но според последните информации во медиумите, тој е многу блиску до враќање во својата татковина, Велс.

Имено, за услугите на Бејл сериозен интерес покажува екипата на Кардиф која настапува во Чемпионшип лигата. Засега најбитна работа за офанзивниот играч е тој да има константни настапи за да биде во одлична форма пред настапот со репрезентацијата на Велс на СП во Катар.

Конечната одлука околу изборот на неговиот нов клуб ќе се знае во наредните денови кога фудбалерот ќе се врати од летниот одмор.


Атлетико Мадрид го договори Аксел Витсел

Аксел Витсел е блиску до преселба во Атлетико Мадрид. Мадридскиот клуб е пред Олимпик Марсеј во трката за потписот на 33-годишниот фудбалер.

Шпанскиот клуб му понудил на Витсел договор до 2023 година со опција за уште една година со поголема плата.

Минатата сезона Витсел постигна два гола на 41 натпревар за Борусија во сите натпреварувања.

Неговиот договор со клубот е до 30 јуни 2022 година


Реал Мадрид заинтересиран за Един Џеко

Шпанска „Марка“, објавува ексклузивна вест дека Реал Мадрид е заинтересиран за доведување на напаѓачот Един Џеко од Интер.

Според информациите кралскиот клуб е во потрага по офанзивен играч кој поседува искуство и би бил поддршка за Бензема во нападот на тимот.

Един Џеко помина една сезона во Интер, но по се изгледа дека не е повеќе во плановите на тренерот Инзаги. Заминувањето на Џеко во Реал Мадрид би била идеална можност за фудбалерот кој претходно настапуваше за Манчестер Сити, Рома и Интер.


Полјакот Рибас потпиша за руски Спартак, па беше исфрлен од репрезентацијата

Бидејќи Полска е еден од најголемите критичари на руската инвазија на Украина, јавноста како и фудбалскиот сојуз го нарекоа недозволив овој потег на полскиот репрезентативец Масиеј Рибус, а селекторот на Полска Чеслав Михњевиќ повеќе нема да смета на него.

Рибус е еден од најискусните полски репрезентативци со 66 настапи, а во Спартак доаѓа од Локомотив Москва.

„Оваа ситуација им се случи и на неговите соиграчи од репрезентацијата, Грегор Краховијак од Краснодар и Себастијан Шимански, членот на Динамо од Москва, кои веднаш ја напуштија Русија. Рибус имал неколку разговори со селекторот на репрезентацијата, кој го известил дека нема да биде повикан на натпреварите, како и на Светското првенство во Катар“, соопшти Фудбалскиот сојуз на Полска.

Рибус досега настапуваше и за Лион, Ахмат Грозни и Легија Варшава.


Ливерпул по една сезона го враќа Вајналдум во своите редови

Ливерпул во летниот преоден рок сака да го засили средниот ред, но поголемиот дел од буџетот е веќе потрошен.

„Црвените“ го доведоа Дарвин Нуњес за 100 милиони евра, а медиумите тврдат дека стратегијата на клубот е следното лето да го доведе Џуд Белингам од Борусија Дортмунд. Поради тоа Ливерпул сака да доведе привремено решение, а медиумите шпекулираат дека тоа може да биде Вајналдум.

Холанѓанецот минатото лето си замина од „Енфилд“ како слободен агент, но не се снајде во ПСЖ и сака да ја промени средината.

ПСЖ е спремен да го пушти играчот на позајмица, а Ливерпул сака да го доведе како позајмен играч на една сезона.


Манасков се збогува со фановите на Веспрем

Македонскиот ракометен репрезентативец, Дејан Манасков, го заврши својот престој во екипата на Веспрем.

На свечена церемонија пред неколку ијлади фанови, Веспрем му искажа благодарност на ракометарите кои го напуштаат клубот. 

Меѓу нив беше и Манасков кој во унгарскиот клуб помина пет години и ова беше негова последна сезона во тимот. Сеуште не е познато во кој клуб Манасков ќе ја продолжи својата кариера.


РФМ со писмо до ЕХФ бара останување на Вардар во Лигата на шампиони

Ракометната федерација на Македонија, преку писмо кое го испрати до раководството на Европската ракометна федерација, побара да му се дозволи на Вардар учество во Лигата на шампионите.

Ова писмо со барање од РФМ, доаѓа после информациите дека ЕХФ донесе одлука со која на Вардар му се забранува учество во ЛШ поради високите финансиски долгови на клубот кои останаа неподмирени од претходното раководство.

Во писмото се нагласува важноста на ракометниот бренд Вардар како во Македонија така и на Балканот и Европа. Двократниот освојувач на ЛШ со својот успех придонесе за огромна популарност на ракометот во нашата земја и пошироко.