feature

Преку Инстаграм бараше да замине, па договори останување во клубот

Фудбалерот на Арсенал, Ејнсли Мејтланд-Најлс договори останување во клубот, иако претходно на својот Инстаграм профил јавно порача дека сака да ја промени средината.

Десниот бек беше желба на Евертон да биде доведен на позајмица, но Арсенал тоа го одби, иако Артета се помалку смета на 24-годишникот.

„Само сакам да отидам некаде каде што ме сакаат и каде ќе играм.“ – напиша Мејтланд-Најлс на Инстаграм, означувајќи го официјалниот профил на Арсенал.

Скај Спортс објави дека 24-годишниот фудбалер одржа состанок со клубот и договори дека ќе остане барем до јануари. Тој разговараше и со тренерот Микел Артета, а тема на истиот беше објавата на социјалните мрежи.

Во клубот се разочарани од ваквиот потег на играчот, но проблемот беше решен, по што се договорија заедно да се фокусираат на она што ги очекува.

Арсенал беше подготвен да го ослободи ова лето, но понудата од Евертон беше прениска.


Беше ѕвезда на Арсенал, сега тренира со италијански второлигаш

Џек Вилшер пред нешто помалку од десет години беше еден од најперспективните играчи за врска на светот. Беше клучен играч на Венгеровиот Арсенал и иднината на англиската репрезентација, а колку беше добар фудбалер, говори и тоа што Пеп Гвардиола сакаше да го доведе во Барселона.

Сепак, Вилшер не успеа да реализира ниту половина од својот потенцијал, воглавно поради повреди, а сега од Италија пристигнуваат уште бизарни вести поврзани со него.

Имено, Вилшер во моментот тренира со второлигашот Комо, кој минатата сезона играше во трета лига. Сепак, тој нема да може да заигра за клубот поради политичката одлука на Велика Британија. Со излегувањето на неговата држава од Европската унија, тој се води како играч надвор од ЕУ, па италијанските второлигаши не можат да го регистрираат ако нема работно искуство во Италија.


Мекиќ: Добивме добра група, а ќе играме и против светскиот шампион

Адем Мекиќ беше еден од најдобрите, најстандардни наши репрезентативни играчи на претквалификациите за Светскиот Куп.

Тој, исто како и неговите репрезентативни соиграчи ги чекаше исходот на ждрепката за онаа главна фаза – квалификациската, која за противници во групата „Г“ ни ги донесе селекциите на Шпанија, Украина и на Грузија.

„Онака, од прва, се чини дека добивме една добра група. Противници, што се вели по мерка. Од една страна, ќе играме против светскиот шампион, Шпанија, што несомнено е една голема чест. Да се бориш против најдобриот во светот, а во исто време, ги имаме Украина и Грузија. Селекции со кои можеме да бидеме компетитивни, каде имаме простор за резултат“ – вели крилото на нашиот национален состав.

Она што Мекиќ лично посакува е веќе од ноември, кога стартуваат квалификациите, екипата да биде комплетна.

„Посакувам да бидеме комплетни, во екипата да имаме и играчи кои не беа дел од претквалификциите преку кои и дојдовме до една ваква можност да одиграме најмалку шест натпревари против велесила како Шпанија, и силни, квалитетни репрезентации како Украина и Грузија. Да немаме проблеми со повредите. Да не се потценуваме, но ниту да ги преценуваме противниците без оглед што ја имаат фаворитската улога. И најважно од се, да веруваме во нашите способности, во нашите квалитети. Се надевам дека ќе бидеме конкуретни во ова друштво од квалификациите за Светското првенство“- посакува Мекиќ.


Лајпциг го промовираше засилувањето од Барселона

Екипата на Лајпциг официјално го промовираше засилувањето од Барселона, Илаиш Мориба кој доаѓа во германскиот тим откако штрајкуваше и одлучи да не го продолжи договорот со Барса, па каталонците беа приморани да продаваат.

Во Лајпциг тој се очекува да биде замена за Сабицер, кој претходно потпиша за Баерн Минхен.

Барселона велеше дека за Илаиш Мориба на кој му истекуваше договорот по крајот на сезоната бара меѓу 15 и 20 милиони евра.

Но, Тотненхем и Лајпциг наддаваа, па на крајот Барса доби и повеќе од што очекуваше.

Германскиот клуб ќе плати 16 милиони евра, плус 6 милиони евра во бонуси, а ќе добие и 10 проценти од евентуалниот следен трансфер на Илаиш.


Гризман сензационално се врати во Атлетико!

Пред само две години, Антоан Гризман во контроверзен трансфер за огромни 120 милиони евра го замени дресот на Атлетико со оној на Барселона.

Се очекуваше таму да биде еден од клучните играчи, но тоа не се случи. Французинот во Каталонија не успеа да ја фати формата која ја имаше во Атлетико и беше на мета на критиките на навивачите. Барселона во финансискиот колапс откако остана без Меси, одлучи да го врати и Гризман во Атлетико.

Барса прифати понуда за позајмица вредна 10 милиони евра и 50 милиони евра задолжителен откуп наредното лето.

Платата која Французинот ќе ја заработува во Мадрид не е позната, но малку е веројатно дека ќе добие 21 милион годишно, колку што заработуваше во Барселона.

Негова замена на „Камп Ноу“ ќе биде Лук де Јонг. 31-годишниот напаѓач на Севиља се сели во Барселона, откако пристигна во Шпанија во летото 2019. година.


Стефан Спировски го напушти АЕК Ларнака

Репрезентативецот Стефан Спировски повеќе не е дел од АЕК Ларнака. Двете страни се договориле за прекин на соработката, па Спировски ќе треба да бара нова средина.

Раскинот го објави неговиот клуб, а Спировски се наоѓа со националниот тим на подготовки за дуелите со Ерменија, Исланд и Романија.

Спировски дојде во АЕК Ларнака од тимот на Хапоел Тел Авив, а претходно беше дел од Ференцварош. Играше и за Вардар, Пелистер, Работнички, Берое и Борец Чачак.


Реал го претстави Камавинга

Реал Мадрид  потврди дека Едуардо Камавинга се приклучил на неговите редови, 18-годишното чудо од дете, кој играше за Рен и француската репрезентација.

Кралскиот клуб плати околу 31 милиони евра како компензација, покрај бонусите. Фабрицио Романо напиша дека младиот фудбалер го избрал Реал пред Манчестер Јунајтед и ПСЖ.

Камавинга е најмладиот дебитант во историјата на Рен, дебитирајќи на 16 години и еден месец. За Рен одигра 100 натпревари и постигна шест гола.

Според Трансфермаркт, тој вреди 55 милиони евра. Тој дебитираше за француската репрезентација на 8 септември минатата година на натпреварот од Лигата на нации против Хрватска.


Барса го позајми Албанецот Реј Манај во Специја

Тиаго Мота ја презеде Специја по крајот на минатата натпреварувачка сезона и во првите две рунди освои еден бод во новата натпреварувачка кампања, за која сега си обезбеди едно засилување од клубот чии бои ги бранеше во играчката кариера.

Роналд Куман изминатиов викенд се пожали дека во тренерскиот курс не го научиле да се справува со 32-ца играчи во еден тим и испрати јасна порака дека сака ослободување на ростерот од играчи на кои не смета за новата сезона, а во последниот ден од летниот преоден рок, Реј Манај го режираше првиот трансфер од „Камп Ноу“.

Албанскиот фудбалер добиваше минутажа во пресезоната, но на стартот на сезоната во Примера веднаш му беше ставено до знаење дека нема место за него во тимот на Куман, ситуација која сега ја искористи поранешниот играч за врска на каталонскиот гигант.


Дански Алборг е новиот клуб на Александар Трајковски

Александар Трајковски си заминува од Мајорка и се сели во најсилниот дански фудбалски шампионат.

Нашиот напаѓач не беше во плановите на тренерот на шпанскиот прволигаш Луис Гарсија Плаза, па тоа беше јасен знак дека треба да си побара нова средина.

Според информациите до кои дојде „Дерби“ , вториот најефикасен играч во историјата на македонската репрезентација ќе потпише за четирикратниот дански шампион Алборг.

Станува збор за позајмица до крајот на актуелнава сезона при што поголемиот дел од неговата плата ќе ја покрива Мајорка.


Наковска Бикова шеста на Параолимписките игри во стрелаштво со воздушен пиштол

Единствениот македонски претставник на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, стрелачката Оливера Наковска Бикова, претпладнево го освои шестото место во финалето во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.

Наковска Бикова, која влезе во финалето како осмопласирана, настапот го заврши со резултат од 147.9 кругови.

Македонската параолимпијка на Игрите во Токио ја очекуваат уште два настапи, в четврток во дисциплината спорт пиштол од 25 метри и пиштол слободен избор од 50 метри, в сабота.