feature

Бензема: Тимските награди ми се подраги од индивидуалните

Карим Бензема беше избран за играч на сезоната на УЕФА за изминатата сезона. Најдобриот стрелец на Реал Мадрид ја освои наградата со рекордно водство пред второпласираниот играч и им рече на новинарите дека им должи многу на соиграчите и главниот тренер Карло Анчелоти.

„Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи, тренерот и претседателот на клубот. И, секако, на нашите фанови, чија поддршка ни помогна да ги направиме овие неверојатни пресврти. Мојот најсилен натпревар беше реваншот со Пари Сен Жермен. Тогаш симпатизерите беа фантастични и имаа огромна заслуга за конечната победа. Анчелоти е најдобриот тренер во светот, огромен професионалец. Тој ми дава самодоверба. Мило ми е што работам со него. Среќен сум со наградата, но отсекогаш ми било главно да освојувам титули во тимот“, додаде францускиот напаѓач.


Седлоски: Испаднавме бидејќи ни недостигаше искуство од вакви натпревари

Му честитам на Балкани за групната фаза. Им посакувам многу успех, кажа по натпреварот,тренерот на македонскиот првак Шкупи, Гоце Седлоски.

„На дечките кои играа немам за што да им замерам, Балкани ги казни нашите грешки и тука и во Скопје. Тоа е тоа, сега ќе видиме што ќе биде понатаму. Тие шанси кои ги имаа Балкани ги искористија и на првата средба и сега. Оваа сезона имавме долг европски пат, пред себе имавме сериозни противници. Ни фалеше искуство во вакви натпревари“, вели тренерот на македонскиот првак Шкупи.

Шкупи не успеа да се пласира во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА. Тимот на Гоце Седлоски загуби од Балкани (1-0) и на реваншот во Приштина. Со тоа го потврди пласманот откако славеше со 1-2 на првиот меч во Скопје.


Македонија остана 64-та на ФИФА ранг-листата

Македонската фудбалска репрезентација остана на 64-то место на последното рангирање на ФИФА ранг-листата.

Македонија се наоѓа веднаш зад Исланд, а за нијанса сме пред Словенија, Албанија и Црна Гора. Македонија во месец септември ја очекуваат натпревари со Грузија и Бугарија, како дел од натпреварите од Лига Ц од Лигата на нации. Бугарија е на 74-то место, а Грузија е на 82-то место на најновата ранг-листа

На врвот на ФИФА листата останува Бразил пред Белгија, Аргентина, Франција, Англија, Шпанија, Италија, Холандија, Португалија и Данска.


Клоп има нова желба, го сака Бенасер од Милан

Ливерпул е силно заинтересиран за плејмејкерот на Милан, Исмаил Бенасер, пренесуваат италијанските медиуми.

Клоп во алжирскиот репрезентативец гледа идеално засилување за средниот ред, каде „црвените“ имаат многу проблеми од почетокот на сезоната.

Тренерот е загрижен поради малкуте алтернативи кои ги има во средниот ред и верува дека Бенасер одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра.

Ливерпул спрема понуда, но Милан одбива да преговара и сака да го задржи 24-годишниот плејмејкер. Алжирецот има договор со „росонерите“ до 2024 година, но Милан веќе започна преговори за продолжување на соработката.


Деле Али еуфорично пречекан од фановите на Бешикташ

Деле Али синоќа пристигна во Истанбул за да го финализира трансферот во Бешикташ. 26-годишниот играч за врска ќе игра како позајмен играч во Бешикташ, кои по завршувањето на сезоната ќе имаат опција да го земат трајно за шест милиони фунти.

Тој ќе бара да ја рестартира кариерата во Турција по многу лошата сезона во Евертон. Деле Али одигра само 13 натпревари за „карамелите“ без да постигне гол или асистенција. Голем број на навивачи на Бешикташ синоќа го пречекаа Деле Али на аеродромот „Ататурк“. Поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем денеска треба да ги помине медицинските прегледи пред да го потпише договорот.

Доколку се пријави навреме, тој ќе дебитира за својот нов клуб во понеделник против Сиваспор. Бешикташ добро ја започна сезоната и освои седум бода во првите три кола, делејќи го првото место со три други екипи – Фенербахче, Истанбул Башакшехир и Газиантеп.


Родик: Новак сам одбра да не игра во Њујорк

Енди Родик во интервју за Њујорк пост изјави дека најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ самиот одбрал да не игра на УС Опен.

Американецот, кој се повлече од тенисот во 2012 година, смета дека последниот Гренд слем во сезоната нема да биде ист без Новак, но дека тоа е негова лична одлука.

„Жално е што тој не може да игра. Сепак, известувањето е закачено на ѕидот, а тој направи избор. Сите се справуваме со последиците од нашиот избор. Би било добро за турнирот доколку Новак беше таму. Но, јас исто така знам дека УС Опен или Тениската асоцијација на САД не се институции кои треба да одат против владината политика. Мислам дека е смешно навивачите да очекуваат такво нешто од тениски турнир“, изјави Родик за Њујорк пост.

Американецот истакна дека најголем фаворит за титулата во Њујорк е светскиот тенисер број еден Данил Медведев, кој го брани трофејот.


Лече е новиот клуб на Самуел Умтити

Барселона и Лече постигнаа договор за едногодишна позајмица на Самуел Умтити, потврдија италијанските медиуми.

Дефанзивецот утре ќе пристигне во Италија на лекарски прегледи и ќе потпише за Лече, каде ќе игра на позајмица до јуни 2023 година.

Барселона сакаше по секоја цена да се ослободи од Умтити, кој не е во плановите на Чави, но бидејќи немаше многу заинтересирани клубови се согласи да го пушти во Лече, а таа да ја плаќа поголемиот дел од платата.


Манчестер Јунајтед го позајми Ерик Баји во Олимпик Марсеј

Ерик Баји му се приклучи на Олимпик Марсеј на позајмица во текот на една сезона, објави англискиот тим. Зделката „вклучува опција за перманентен трансфер на крајот од сезоната“, соопшти и раководството на „црвените ѓаволи“.

Според Фабрицио Романо, опцијата за купување е во висина од 10 милиони евра.

28-годишниот Баји му се приклучи на Манчестер Јунајтед во летото 2016 година од шпански Виљареал. Во Англија, пак, неговите настапи често минуваа низ подеми и падови, а во последните три сезони речиси постојано го мачат повреди.

За шест години во Манчестер, Баји одигра 113 натпревари, на кои постигна еден гол. Со „црвените ѓаволи“ ја освои Лига Европа, Лига купот и Комјунити шилд.


Мурињо го сака Закарија од Јуве

Трансфер потезите помеѓу Рома и Јувентус продолжуваат во полн ек 

во деновите пред затворањето на пазарот на 1 септември. Според новинарот Ромео Агрести, Римјаните биле во контакт со тимот од Торино за да разговараат за можниот потпис на Денис Закарија. Планот засега е да игра на заем.

Неколку часа претходно беше објавено дека во нивната потрага да се засили со централен играч од средниот ред, клубот на Жозе Мурињо дури размислува да го земе Леандро Паредес од Пари Сен Жермен, кој веќе ги договорил условите со Јуве, но чека „бјанконерите“ да направат простор. за него.

Закарија одигра цел натпревар во првото коло против Сасуоло, но потоа беше оставен на клупата за ремито без голови со Сампдорија во Џенова.

В сабота Јуве и Рома играат во еден од дерби дуелите од третото коло во Италија.


Роџерс го прати Фофана да тренира со вториот тим

Дефанзивецот на Лестер, Весли Фофана тренира со играчите до 23 години поради интересот од Челси. Ова го призна менаџерот на тимот Брендан Роџерс. Фофана не беше дел од тимот на Лестер кој загуби со 2-1 од Саутемптон во саботата, откако ја пропушти и победата во Лига Купот над тимот од Втората лига Стокпорт. Беше објавено дека Лестер ја одбил третата по ред понуда на Челси за францускиот дефанзивец.

„Имаше понуда, но беше одбиена“, изјави Роџерс. „Тој тренира со тимот до 23 години за да може да ја врати формата. Важно е во оваа фаза да се контролира се што може да го одвлече вниманието на ситуацијата овде“, додаде менаџерот. „Тој е добро момче, но ситуацијата е вистински предизвик за него. Многу пати во кариерата сум сретнал играчи кои се справуваат со тоа, кои сакаат да им помогнат на своите соиграчи. Има и други кои не можат да се справат со интересот. Тоа им го одвлекува вниманието, пропуштаат тренинзи, а мене ми треба целосна посветеност од играчите. Тоа се многу добро платени луѓе. Најмалку што можете да направите е да присуствувате. Ако не, со сета почит, не можете да бидете дел од овој тим“, категоричен е Роџерс.