feature

Започна судскиот процес против Рајан Гигс

Поранешната ѕвезда на Јунајтед, Рајан Гигс, кој е обвинет за напад на својата партнерка, започна судски процес пред судот во Манчестер. Тој негира дека сторил нешто лошо, но тоа сепак доведе до негова оставка како селектор на репрезентацијата на Велс. Гигс (48) се изјасни за невин по обвиненијата, но може да се соочи со казна затвор до пет години доколку биде осуден.

Случајот го суди поротата со која претседава Хилари Менли и се очекува да заврши во рок од 10 дена. Гигс, кој освои две Лига на шампиони со Манчестер Јунајтед, е обвинет за напад на неговата поранешна партнерка Кејт Гервил за време на домашна расправија на 1 ноември 2020 година. Рајан Гигс, кој беше уапсен во својот дом, а потоа ослободен, е обвинет за насилство и врз сестрата на неговата поранешна сопруга, Ема Гервил.

На прелиминарното рочиште во април 2021 година, тој ги негираше обвиненијата и се изјасни за невин. Поранешниот фудбалер за свој адвокат го ангажираше Крис До, кој е познат по тоа што брани големи спортски имиња. Тој беше адвокат на поранешниот капитен на Челси, Џон Тери, кој во 2012 година беше ослободен од британскиот суд за расно малтретирање на играчот Антон Фердинанд една година претходно на натпревар од Премиер лигата.


Бенјамин Шешко потпишува договор со РБ Лајпциг

Словенечкиот фудбалер Бенјамин Шешко иако беше трансфер мета на Манчестер Јунајтед и Челзи, сепак се одлучи својата кариера да ја продолжи во германската Бундеслига, во тимот на РБ Лајпциг.

Целосниот трансфер на Шешко ќе изнесува 55 милиони евра, но според договорот тој до крајот на оваа сезона ќе остане да настапува за неговиот сегашен клуб, австрискиот Салзбург.

Напаѓачот на фудбалската репрезентација на Словенија со потписот ќе се обврзе да игра за Лајпциг до 2028 година.


Лоша вест за Клоп и Ливерпул, Тијаго во аут до октомври

Некои од англиските медиуми ја пренесуваат веста дека повредата на фудбалерот на Ливерпул, Тијаго Алкантара не е толку наивна колку што се претпоставуваше, и Шпанецот ќе мора да паузира околу шест недели.

Алкантара заработи повреда на задната ложа во дуелот од првото коло во Премиер лигата со екипата на Фулам кој заврши нерешено 2:2.

Ова претставува дополнителен проблем за тренерот на Ливерпул Јирген Клоп, бидејќи се зголемува бројот на повредени играчи во тимот, иако е само старт на сезоната. На листата на повредени играчи се наоѓаат Куртис Џоунс, Конате, Жота, Цимикас.

Алкантара со сигурност ќе пропушти пет до шест натпревари од Премиер лигата како и отворањето на Лигата на шампионите, па најверојатно на теренот ќе се врати на почетокот од октомври.


Капитенот на Вулверхемптон замина на позајмица во Евертон

Досегашниот капитен на премиерлигашот Вулверхемптон, Конор Коуди, до крајот на сезоната ќе настапува како позајмен играч во Евертон.

29-годишниот дефанзивец го напушти Волвс после седум сезони, од кои во четири сезони ја носеше капитенската лента. Според договорот Евертон по истекот на позајмицата има можност за целосен откуп.

Коуди во својата кариера има настапувано за Ливерпул, Шефилд Јунајтед и Хадерсфилд. За репрезентацијата на Англија има запишано 10 натпревари и еден постигнат гол.


Гедеш претставен во Вулверхемптон

Гонзало Гедеш веќе е фудбалер на Вулверхемптон. Португалскиот интернационалец се пресели на „Молину“ од Валенсија за 32 милиони евра без бонусите предвидени во договорот.

Гедеш е дете на Бенфика и се проби во првиот тим во 2015 година. По две сезони со неговиот матичен тим, тој беше продаден на Пари Сен Жермен за 30 милиони евра, но не успеа да се наметне. Следуваше трансфер во Валенсија, а во 2018 година „лилјаците“ го купија за 40 мил.

Изминатата сезона беше најсилна за португалското крило на „Местаља“. Во Ла Лига постигна 11 гола и имаше 6 асистенции.

25-годишниот играч за Португалија има 32 настапи и 7 гола. Уште 9 негови сонародници играат во Вулверхемптон.


Серена првпат победи по 14 месеци

Американската тенисерка зад себе имаше многу тежок период. На стартот на турнирот во Торонто, поранешната тенисерка број еден во светот, Серена Вилијамс, во два сета 6-3, 6-4 ја совлада Шпанката Нурија Парисаз Дијаз.

Последната победа Серена ја забележа на 4 јуни 2021 година на Ролан Гарос, а оттогаш одигра само три натпревари.

Таа конечно успеа да забележи победа, а она на што особено може да се израдува е нејзиниот сервис, бидејќи загуби само еден сервис гем.

Првиот сет го реши брејкот на Американката во осмиот гем, додека вториот по брејк во деветтиот гем.

Следен противник на Серена ќе биде победникот од мечот помеѓу Бенчиќ и Мартинцова.


Удоџи од Удинезе се сели во Тотенме

Тотенхем јa продолжи својата голема селекција ова лето, а во овој случај го договори потписот на 19-годишниот лев бек Дестини Удоџи од Удинезе.

Според Фабрицио Романо, „мамузите“ за талентираниот играч ќе платат повеќе од 20 милиони евра.

Сепак, младиот дефанзивец нема да се приклучи на тимот на Антонио Конте до следното лето, бидејќи ќе остане уште една година со „фриулите“ на позајмица за да стекне поголемо искуство.

Удоџи беше едно од откритијата за минатата сезона во Серија А, забележа 35 првенствени настапи со 5 гола и 3 асистенции, привлекувајќи го интересот не само на Тотенхем, туку и на локалните гиганти Интер и Јувентус.


Дрис Мертенс е нов играч на Галатасарај

Од турскиот фудбалски гигант Галатасарај соопштуваат дека белгискиот фудбалер Дрис Мертенс е нов играч на клубот.

Доскорешниот играч на Наполи, со клубот од Истанбул потпиша едногодишен договор со можност за продолжување на соработката на уште една година.

Во својата досегашна кариера 35-годишниот Мертенс играше за Гент, Утрехт, ПСВ Ајндховен и Наполи.


Иско мотивиран да се докажа по трансферот во Севиља

Поранешниот фудбалер на Валенсија , Малага и Реал Мадрид, Иско, во наредните две сезони ќе ги брани боите на Севилја.

Тој на официјалната промоција нагласи дека последните две години кај „кралевите“ не ја добил вистинската шанса од тренерите Зидан и Анчелоти.

„Последните две години не ми дозволија да играм.  Сега ќе докажам дека сум максимално фокусиран и дека имам квалитет“, потенцираше  Иско.


Клоп ги нуди Фирмино и Кеита за Брозовиќ

Ливерпул планира понуда за играчот од средниот ред на Интер, Марсело Брозовиќ.

„Црвените“ се подготвени да понудат некој помеѓу Роберто Фирмино и Наби Кеита во замена.

Јирген Клоп тврди дека има доволен број играчи од средниот ред, но се покажа дека на стартот на сезоната не може да смета на многу од нив. Кертис Џонс, Алекс Окслејд-Чембрлен и Наби Кеита се надвор од терените поради различни причини, додека Тиаго Алкантара заработи уште една повреда за време на саботниот дуел со Фулам.

По средбата, Клоп повторно беше запрашан дали ќе се обиде да ангажира нов играч од средниот ред. Тој изјави дека непредвидените проблеми со повредите нема да ги променат неговите трансфер планови, но прозорецот е се уште отворен и доколку има добра можност, клубот може да ја искористи.