feature

ВТА турнир со две победнички, за финале немаше време?!

Естонката Анет Контавеит и американката Ан Ли, ја поделија титулата на ВТА турнирот Грампианс Трофи викендов, откако организаторите останаа без време да го организираат финалето. Турнирот требаше да заврши во недела, но еден од вработените во хотелот во кој тенисерките беа сместени во карантин беше позитивен на коронавирус, па сите натпревари планирани во четвртокот беа одложени. Време за финале едноставно не остана, бидејќи веќе денеска на распоредот беа првите натпревари од Австралија Опен. Двете тенисерки ќе примат парична награда и врачен им е трофеј, односно ќе им биде доделена титула, објави ВТА. „Секако, би сакала да го одигравме финалето, но така е како што е, па на еден начин е и убаво да се подели трофејот.“ – изјави Контавеит.

https://twitter.com/Tennis/status/1358273170118045703

Валентино Роси во дилема дали да замине во пензија

По првиот дел од сезоната 2021 година, седумкратниот првак во Мото ГП, Валентино Роси ќе одлучи дали ќе ја продолжи кариерата и во 2022 година. Оваа вест ја објави најблискиот пријател и колега на Роси, Алесио Салучи. Во 2021 година, Роси се пресели од Јамаха во тимот на СРТ и прашање е дали ќе биде задоволен од перформансите на моторот кој ќе ги добие. Легендата на Мото ГП наполни 42 години во февруари, но се уште не се решил за пензионирање. „Ќе зависи од трките на старот на сезоната. По првите шест или седум трки ќе видиме колку е среќен, колку е конкурентен. Во тој момент ќе донесеме одлука, што понатаму“, рекол Салучи.


Борусија летово ја очекува вистински егзодус!

Борусија Дортмунд веќе се помири дека ова лето ќе мора да го продаде Џејдон Санчо, но германските медиуми пишуваат дека може да им се случи егзодус на напаѓачите. Рафаел Гереиро, Џулијан Брандт и Џовани Рејна ја прават екипата од тројца напаѓачи, од кои најверојатно барем еден ќе го напушти клубот. Германскиот клуб е присилен да продава играчи како би ги покрил загубите, а се очекува истите поради пандемијата годинава да се искачат на 75 милиони евра. Сепак, најголемата ѕвезда на клубот, Ерлинг Халанд најверојатно нема да биде продаден до 2022. година, кога му се активира клаузулата според која може да си замине за 75 милиони евра.


Нианг го напушти Рен и потпиша за Ал-Ахли

М’Баје Нианг се сели во Саудиска Арабија. Поранешниот напаѓач на Милан, кого Болоња го бараше но не успеа да се договори во последните неколку дена од трансфер пазарот, е нов играч на Ал- Ахли. Ова го соопшти клубот доцна синоќа. Според извештаите на „Л’Екип“, договорот со Рен бил постигнат врз основа на заем за сума од околу 1,5 милиони со опција за купување. Нианг во последната сезона одигра 35 меча и постигна 11 гола во дресот на Рен.


Поранешниот селектор Никола Илиевски се враќа на клупата на Вардар

Поранешниот селектор на Македонија, Никола Илиевски-Џиџи на една недела до почетокот на пролетниот дел од шампионатот на Македонија, седнува на кормилото на Вардар. Во обид да се пронајде спас на сезоната, Џиџи доаѓа во Вардар каде веќе од денеска ќе ги започне подготовките со преостанатиот тим кој го има на располагање за вториот дел од сезоната. Илиевски ќе биде именуван за нов тренер на екипата, а ќе му асистираат Бобан Грнчаров, Златко Таневски и Никола Глигоров. Вардар во првиот дел од сезоната финишираше на петтото место на табелата со 25 освоени бода.


Како соиграчите го поддржуваат напаѓачот кој нема постигнато гол? (видео)

Тимо Вернер има големи проблеми оваа сезона, Челзи летоска го плати 53 милиони евра и требаше да биде еден од ударните играчи на оваа млада и талентирана екипа. Сепак, германецот барем досега не ги оправда очекувањата. Во 21 лигашки настап сезонава има само четири погодоци, а највпечатлив дел од неговата досегашна кариера во Англија се бројните промашувања и лошите игри, поради што навивачите и медиуите се прашуваат дали неговото доведување беше вистинско промашување. Лошата форма на Челзи со отказ ја плати Френк Лампард, а новиот тренер Томас Тухел прави се да го врати Вернер во живот. Се појави видео на социјалните мрежи кое ги воодушеви навивачите на Челзи. На снимката од тренинг се гледа како Вернер постигнува погодок, а целата екипа му аплаудира и го охрабрува, обидувајќи се на тој начин да изрази поддршка во овие тешки голгетерски моменти за германецот.

https://twitter.com/CFCMethod/status/1358085789121318912

Лајпциг и Ливерпул ќе играат во Будимпешта наместо во Германија

Натпреварот на РБ Лајпциг од осминафиналето од Лигата на шампионите против Ливерпул на 16 февруари нема да биде откажан и ќе се одигра во Будимпешта поради тоа што Германија ги ограничи пристигнувањата од Велика Британија поради пандемијата на ковид- 19. Германската влада ограничи пристигнување од Британија до 17 февруари по појавувањето на новиот сој на вирусот, и правилата на УЕФА беа јасни – Лајпциг ќе загубеше со 0-3 службено доколку мечот не се организираше. Сега УЕФА потврди дека во соработка со двата клуба и со Унгарската фудбалска федерација, мечот ќе се одигра на „Пушкаш арената“ на истиот датум и во истиот термин.


„Кралевите“ ќе испратат понуда за Ромелу Лукаку

Реал Мадрид минатата сезона за 60 милиони евра го донесе Лука Јовиќ, но српскиот напаѓач разорача, а јасно е дека на „кралевите“ им е потребен напаѓач кој ќе биде наследник на Бензема.
Поради тоа приоритет на Флорентино Перез на лето ќе биде доведување на врвен напаѓач.
Како што пренесуваат шпанските медиуми на врвот на листата желби на „кралевите“ е Ромелу Лукаку.
Белгиецот игра фантастично во дресот на Интер и во Мадрид веруваат дека би можел да биде идеален наследник на Карим Бензема.


Одложена првата трка на Светското скијачко првенство

Првата трка на Светското првенство во скијање во италијански Кортина д’Амбецо е одложена денеска поради силните падежи од снег.
Организаторите поради лошите временски услови мораа да ја откажат денешната трка во женска конкуренција во алпска комбинација, а Меѓународната скијачка федерација наведе дека новиот термин ќе биде познат наскоро.
Фаворити во алпска комбинација се Микаела Шифрин, Петра Влхова, Мишел Гизин и Федерика Брињоне.
За утре, предвидени се трките во машка и женска конкуренција во супервелеслалом.
Светското првенство во Италија се одржува без публика, со оглед на мерките поради пандемијата.


Том Брејди има повеќе титули од било која НФЛ екипа!

Квотербекот на Тампа беј, Том Брејди е прогласен за најкорисен играч на овогодинешниот Супербол, на кој Тампа го победи бранителот на титулата, Канзас Сити со убедливи 31:9.
Најголемиот играч на сите времиња напиша уште едно поглавје во својата легендарна кариера. Во своето десетто финале, Брејди го освои седмиот прстен и петтата титула за најкорисен играч на финалето.
Во победата на Тампа, тој испорача три тачдауни за 201 метар. Брејди сега има барем две титули повеќе од било кој НФЛ играч во историјата и една повеќе од било која екипа во НФЛ лигата.
Зад него е Чарлс Хејли со пет титули, додека од клубовите најмногу има Њу Ингланд, шест.
„Горд сум на овие момци, на се што се соочивме во текот на целата година. Имавме тежок ноември, но тренерот имаше доверба во нас, тимот имаше голема самодоверба. Мислам дека знаевме ова ќе се случи вечерва, зар не? На крајот одигравме најдобро што можевме за крај на годината.“ – изјави Брејди.
Тој минатата година ги напушти Њу Ингланд каде помина 20 сезони и одигра девет Супербол натпревари и одлучи да ја продолжи кариерата во Тампа Беј, екипата која единствената титула ја освои во 2003. година. Веќе во првата година во својот нов клуб, Брејди успеа да стигне до тронот.