feature

Јуве ќе загуби огромна сума ако не се квалификува за ЛШ

Јувентус може да изгуби 80 милиони евра доколку не успее да се пласира во Лигата на шампионите следната сезона.
Ова е приближно до приходот на „старата дама“ од последните учества на тимот во најкомерцијалното натпреварување во Европа. Затоа, ако екипата не игра таму во следната сезона, тоа ќе биде голем удар за клубот и ќе направи огромна дупка во неговиот буџет. Од враќањето во Лигата на шампионите во 2012 година, Јувентус заработи околу 650 милиони од учеството на турнирот. Дури и во последните две сезони, кои не беа многу успешни, бидејќи тимот беше елиминиран во осминафиналето, приходите од Лигата на шампионите беа околу 75-80 милиони евра. Доколку не се квалификува во Лигата на шампионите, тоа значи дека Јувентус ќе мора да се задоволи со учеството во Лигата на Европа. Меѓутоа, таму парите за учесниците се далеку поскромни.
Победникот на второто по квалитет натпреварување на УЕФА добива 25 милиони евра. Во оваа фаза, Јувентус сè уште е во битка за најдобрите 4 во Серија А. Синоќа тимот направи важен чекор, совладувајќи го својот директен ривал Наполи со 2-1 во одложен натпревар, со што се проби на третата позиција на табелата.


Синот на Хенрик Ларсон ќе биде замена за Халанд во Борусија Дортмунд

Според информациите во медиумите, Борусија Дортмунд стапила во контакт со Џордан Ларсон, напаѓачот на Спартак Москва.
Станува збор за синот на поранешниот напаѓач, Хенрик Ларсон. Џордан своевремено беше дел и од фудбалската школа на Барселона, познатата „Ла Масија“.
Потоа играше за Хелсингборг и Норкопинг во Шведска и холандскиот НЕЦ.
Во 12 натпревари за Спартак оваа сезона постигна пет голови, а неговата вредност на трансфер пазарот во овој момент е девет милиони евра.
Ако Борусија Дортмунд навистина ги стартувала преговорите со Џордан тогаш заминувањето на Ерлинг Халанд станува поверојатно.


Руските атлетичари со нов допинг скандал

Поранешните олимписки шампиони, руските атлетичари Андреј Силнов и Наталија Антјух се суспендирани на четири години поради допинг, соопшти Судот за спортска арбитража (CAS) со седиште во Лозана.
Силнов и Антјух беа обвинети за користење или обид за користење забранети супстанци или методи, а обвинувањата произлегоа од истрагата што Светската антидопинг агенција (WADA) ја отвори против Русија во 2016 година.
Силнов го освои златниот медал во скок во вис со 2008 година на Игрите во Пекинг, додека Антјух победи на Игрите во Лондон во 2012 година во дисциплината 400 метри со пречки.
Како што е соопштено, Силнов и Антјух ќе ги задржат сите освоени медали. Тие не се натпреваруваат од 2016 година, а Силнов беше потпретседател на Атлетската федерација на Русија до 2019 година кога поднесе оставка поради истрагата на судот во Лозана.
Осумгодишна суспензија доби носителката на сребрениот медал од Светското првенство во сала во 2006 година на 1.500 метри Елена Соболева, додека четиригодишна казна и е изречена на руската атлетичарка во фрлање кладиво Оксана Кондратева, која е дисквалификувана од петтото место на Светското првенство во 2013 година.


Салихамиџиќ го потврди заминувањето на Боатенг

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ ја потврди очекуваната вест за заминувањето на дефанзивецот Жером Боатенг по завршувањето на сезоната.
Договорот на поранешниот германски репрезентативец нема да биде продолжен и на лето тој ќе го напушти клубот по 11 години поминати на „Алијанц Арена“.
„Неговиот договор нема да биде продолжен. Ова е одлука што ја донесе управата на клубот. Тренерот исто така учествуваше во овој избор. Разговарав со Жером и тој покажа разбирање. Боатенг ќе даде се од себе до крајот на сезоната во остварување на нашите цели. Тој е свесен дека ќе го напушти Баерн со крената глава“, коментираше Салихамиџиќ пред натпреварот со ПСЖ.
Баерн Минхен ќе биде пред сериозен предизвик откако загуби на првата средба со ПСЖ, па сега ќе мора да одат на победа и тоа со два гола разлика на реваншот во Париз.


Миленковиќ е желба на Тухел за новиот Челзи

Челзи е уште еден клуб кој се приклучи во трката за потписот на Никола Миленковиќ од Фиорентина. 23-годишниот Србин е еден од најбараните играчи за претстојниот преоден рок. Досега, неговото име најчесто се поврзуваше со Манчестер Јунајтед и Ливерпул, но другите тимови внимателно ја следат ситуацијата околу него, а еден од нив е Челзи, пренесува „Тутомеркато“. Меѓутоа, неодамна, интересот на Манчестер Јунајтед и Ливерпул малку се олади по неколку неубедливи настапи на Миленковиќ со репрезентацијата на Србија. Сепак, ова не им пречи на газдите на „Стемфорд Бриџ“, за кои привлекувањето нов централен дефанзивец станува една од главните цели за летото, а Миленковиќ е едно од првите алтернативи на нивниот список. Договорот на Миленковиќ истекува за 15 месеци, а во оваа фаза категорично одбива да потпише повторно со Фиорентина. Ова практично значи дека ќе биде ставен на трансфер пазарот во текот на летото, а битката за неговиот потпис ќе биде доста интересна. Од почетокот на сезоната, Миленковиќ е солиден стартер на Фиорентина, со 27 натпревари и 3 погодоци. Тој е исто така клучен играч во српската репрезентација, минатата недела го забележа својот 28-ми натпревар за својата земја.


Интер се заштити: Ако Икарди се врати во Италија, неговиот екс-клуб добива 15 милиони

Се погласни се шпекулациите дека Мауро Икарди на крајот на сезоната ќе го напушти Пари Сент Жермен. Икарди не добива голема минутажа. Многумина веруваа дека работите ќе се променат со доаѓањето на Покетино, но наводно новиот тренер нема да смета на Икарди и веќе му порачал дека може да си бара нов клуб. За Икарди интерес покажуваат неколку клубови од Серија А, а и самиот не крие дека сака да се врати во Италија. Интер нема ништо против негово враќање во Серија А, бидејќи во тој случај ќе добие 15 милиони евра. Тоа му го гарантира клаузулата во договорот кој го има со ПСЖ.


Пресврт на „Олд Трафорд“: Погба пред нов договор со „ѓаволите“

Се чини дека Манчестер Јунајтед дава се од себе да го задржи играчот за врска Пол Погба во своите редови. Раководството на клубот е подготвено да му понуди рекорден договор на Французинот за да го убедат да потпише повторно, тврди „Мирор“. Актуелниот договор на 28-годишникот е до јуни 2022 година. Во оваа фаза, преговорите за негово обновување запреа и ова сериозно ги загрижува челниците на „Олд Трафорд“. Затоа сега во Манчестер Јунајтед се меѓу две опции. Првата е сериозно да ја сфатат понудата за Погба, во надеж дека ќе го убедат да потпише повторно. Втората опција е да се започне со преговори во текот на летото. Клубот не ја разгледува опцијата за ослободување на Французинот како слободен агент следното лето. Пред Манчестер Јунајтед има уште неколку опции бидејќи неколку екипи имаат интерес за Погба. Името на Французинот најчесто се поврзува со Јувентус, Реал Мадрид и ПСЖ. Доколку се постигне опција за продажба на играчот од средниот ред, од „Олд Трафорд“ ќе се обидат да земат што повеќе пари за него, тврдејќи дека нема да го ослободат за помалку од 100 милиони евра.


Италија дозволи гледачи на натпреварите на ЕП во Рим

Италијанската Влада дозволи враќање на фудбалските навивачи на „Олимпискиот стадион“ во Рим за претстојните натпревари на Европското првенство, соопшти денес Фудбалската федерација на Италија.
Меѓутоа, засега не е познато процентуално колку навивачи ќе можат да влезат на „Олимпискиот стадион“ со капацитет од 70.000 седишта.
Министерот за здравство Роберто Сперанца ни рече дека владините советници ќе ги изберат најдобрите решенија што ќе овозможат присуство на јавноста на „Олимпискиот стадион“ во Рим во јуни по повод ЕП, изјави претседателот на федерацијата Габриеле Гравина.
Подготвеноста што ја покажа италијанската Влада е одличен резултат, кој е добар не само за фудбалот, туку и за целата земја, додаде Гравина.
Италијанската престолнина ќе биде домаќин на воведниот натпревар на ЕП меѓу Италија и Турција на 11 јуни, а на Олимпискиот стадион во Рим ќе се одиграат уште два натпревари од групата А, како и еден четвртфинален натпревар.


Дибала ќе се раздели со Јуве, Аргентинецот заминува од Торино ова лето

На „конец виси“ иднината на Паоло Дибала во Јувентус, откако клубот се повлекол од преговорите за новиот договор. Дибала има договор со Јувентус до јуни 2022 година. Според овој договор тој годишно заработува 7,5 милиони евра.
„Калчомеркато“, пишува дека Јувентус од две прични се повлекле од преговорите. Дибала барал поголема плата од онаа што ми ја понудил клубот (10 милиони евра), а лениците не биле задоволни што Аргентинецот пред неколку дена бил на забавата која ја организирал соиграчот Венстон Мекени и на која биле прекршени сите корона- протоколи.
Според овој извор, можно е продолжување на соработката, само доколку Дибала ги прифати условите што му ги поставил клубот. Дибала барал плата од 15 милиони евра.
Доколку ова не се случи, Јувентус ќе го продаде во летниот преоден рок, за да не дозволи во 2022 година фудбалерот да замине без обесштетување.
Дибала е играч на Јувентус од 2015 година, во овие седум години одиграл 243 натпревари, постигнал 98 голови.


Интер го менува голманот, Мусо доаѓа на местото на Хандановиќ

Самир Хандановиќ игра уште една добра сезона и е на добар пат да го освои првото Скудето во дресот на Интер.
Искусниот Словенец во претходните години ги навикна навивачите на Интер да брани на високо ниво. Често беше единствена светла точка во тимот на „нероаѕурите“.
Кога актуелниот договор ќе му истече Хандановиќ ќе има 38 години, па Интер веќе почна да бара негов наследник.
Се шпекулира дека прва мета на Интер е голманот на Удинезе Хуан Мусо. Мусо заедно со сонародникот Де Паул веќе некое време се најдобри во Удинезе и се очекува да направи чекор напред во кариерата. Проблем може да претставува што Удинезе својот голман го проценува на околу 30 милиони евра.