feature

Еступинан договори премин во Милан

Милан се договори за потпишување на левиот бек на Брајтон, Первис Еступинан, пишува Фабрицио Романо. Двата клуба постигнаа договор вечерва.

Росонерите ќе платат 17 милиони евра за 27-годишниот Еквадорец, со дополнителни 2 милиони евра во бонуси.

Еступинан веќе се договори за долгорочен договор со миланскиот гигант. На „Сан Сиро“, тој ќе го замени Тео Ернандез, кој беше продаден на Ал Хилал.

Еквадорецот играше за Брајтон од летото 2022 година, кога дојде од Виљареал. Тој играше и за Удинезе, Гранада, Вотфорд, Мајорка, Осасуна и Алмерија. Тој има 48 настапи и 4 гола за еквадорската репрезентација.


Комо руши рекорди: Преку сто милиони евра за засилувања летово

Комо на Сеск Фабрегас е најактивен на трансфер пазарот во Серија А, до овој момент потроши преку 100 милиони евра на засилувања.

10 засилувања и потрошени преку 100 милиони евра, ова е балансот од досегашниот настап на Комо на трансфер пазарот.

Хесус Родригез од Бетис е најзвучното име е за кого одвоија 22,5 милиони евра, за Николас Кин од Селтик беа платени 19 милиони евра, додека пак 18 милиони евра чини трансферот на Мартин Батурина од Динамо Загреб.

Џејден Адаи беше купен за 14 милиони евра од АЗ Алкмар, додека пак за Макс Пероне од Манчестер Сити беа потрошени 13 милиони евра.

Тимот предводен од Сеск Фабрегас потроши уште 13 милиони евра за да ги задржи Алекс Ваље, Ван дер Бремп и Фелипе Џек, кои минатата сезона настапуваа на позајмица.

Беа потрошени и 2 милиони евра за Лука Марцители од Фросиноне, а 2,5 милиони евра се инвестирани во ангажман на Јакобо Рамон од Реал Мадрид.


Де Геа: Штом завршам кариера ќе ви кажам за „случајот Реал Мадрид“

Легендарниот шпански голман, Давид Де Хеа се присети на една ситуација од пред деценија кога беше пред трансфер во Реал Мадрид во последните мигови од преодниот рок, но не се случи.

Тогаш Реал Мадрид силно го посакуваше Де Хеа, Манчестер јунајтед не сакаше да го продаде, но во финишот од преодниот рок под притисок на голманот и кралскиот клуб, наводно Англичаните пропуштија. Трансферот беше договорен и требаше да се реализира во последните моменти денот кога истекуваше трансфер периодот.

Но, трансферот не се реализираше навреме и пропадна. Тогаш Манчестер јунајтед се правдаше дека се расипал факсот и не можеле да ги испратат документите. Сепак, малкумина поверуваа во изговорот на Јунајтед.

„На крајот од мојата кариера, ќе кажам што се случи тој ден. Мислам дека сето тоа беше со причина, останав во Јунајтед и бев многу среќен“, најави Де Хеа.

И покрај тоа што се чувствувал добро на Олд Трафорд, Шпанецот немаше убава разделба со Јунајтед кој буквално се откажа од него и го остави без договор. Поради тоа Де Хеа паузираше една година за лани да се врати во тимот на Фиорентина со која неодамна го продолжи договорот до 2028 година.


Ретеги го сруши рекордот на Аталанта и потпиша за Ал Кадсија

Клубот од Саудиска Арабија, Ал Кадсија денес го промовираше Матео Ретеги за ново засилување, за кое тие на Аталанта ќе и платат 65 милиони евра што е највисока сума досега платена за еден Италијанец.

И покрај интересот од низа врвни европски клубови, 25-годишниот напаѓач се реши за богатата понуда од Блискиот Исток. Според договорот, во наредните три години ќе инкасира по 20 милиони евра по сезона.

Ретеги зад себе има импресивна сезона, во која со 28 постигнати голови беше најдобар стрелец во Серија А. Пред да го облече дресот на Аталанта, настапуваше за Џенова, како и за неколку клубови од Аргентина – Тигре, Талерес, Естудијантес и Бока Јуниорс.


Калин Ивановски скокна шеесет места на АТП листата

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со изборениот настап преку квалификациите на Челинџер 125 турнирот во Сан Марино успеа да напредува на АТП листата. Тој на денешното рангирање бележи скок од 60 места и се наоѓа на 793.то место на листата откако успеа да „впише“ пет нови поени и сега има вкупно 29. Горазд Србљак се наоѓа на 1442.то место и има пад од 96 позиции со 4 поени.

Во конкуренција на двојки Обрад Марковски со 12 поена се наоѓа на 1522.то место.

Кај жените Лина Ѓорческа има вкупно 215 поени и се наоѓа на 307.то место на ВТА листата што значи напредок за осум позиции, додека во конкуренција на двојки Ѓорческа е на 550.то место. Магдалена Стоилковска пак има пад за 15 позиции, со четири поени и се наоѓа на 1422.то место.


Форест го руши клупскиот рекорд за да го доведе Џејкоб Ремзи

Нотингем Форест не се шегува. Откако клубот продаде неколку важни фудбалери, ја започна кампања за купување, со цел да остане на врвот на Премиер лигата следната сезона и да се претстави во Европа на вистински начин.

Клубот е во завршни преговори за трансферот на ред Џејкоб Ремзи од Астон Вила.

Трансферот би можел да се реализира за сума од 58.000.000 евра, со Ремзи би станал најскапото засилување во историјата на клубот.

Според британските новинари, се очекува сите детали од трансферот да бидат финализирани во следните неколку дена, по што Ремзи ќе помине медицински прегледи и официјално ќе стане член на Форест.


Крис Пол се врати во Лос Анџелес Клиперс

Американскиот кошаркар Крис Пол се врати во Лос Анџелес Клиперс.

Како што објави Шамс Чаранија, Пол размислуваше помеѓу повеќе понуди, но на крајот ги избра Клиперс.

40-годишниот Пол така се врати во Лос Анџелес по осум години. о меѓувреме играше за Хјустон, Оклахома, Финикс, Голден Стејт и Сан Антонио. Пред Клиперс, тој играше и за Њу Орлеанс Пеликанс.

Се претпоставува дека ова ќе биде последната сезона во кариерата на дванаесеткратниот Ол-стар играч, а договорот што ќе го потпише ќе биде едногодишен, со вредност од 3,6 милиони долари.

Крис Пол е далеку од својот врв, но неговото присуство ќе им значи на Клиперс во нивната потрага по титулата и ќе му помогне на Џејмс Харден во должностите на организатор на играта.

Во својот прв престој во оваа франшиза, каде што играше од 2011 до 2027 година, тој беше исклучителен со 18,8 поени, 9,8 асистенции и 2,2 украдени топки по натпревар. Тој беше петкратен член на Ол-НБА тимот и Ол-стар играч.


Синер и Ѓоковиќ го откажаа настапот на Мастерсот во Торонто

Светскиот рекет број 1, Јаник Синер, и 24-кратниот гренд-слем шампион Новак Ѓоковиќ се повлекоа од турнирот „Нешнел банк опен“ во Торонто, околу една недела пред неговиот почеток, соопштија организаторите во неделата. Двајцата тенисери како причина ги навеле своите повреди, објави Спортс илустрејтед.

Од турнирот се откажа и Џек Дрејпер, моментално петти на светската ранг-листа, кој во неделата ја објави својата одлука преку социјалните мрежи.

Синер, кој доаѓа со титула од Вимблдон, ја повредил десната подлактица за време на четвртото коло на турнирот, додека, пак, Ѓоковиќ се справува со проблем во препоните. Од друга страна, Дрејпер има проблем со левата рака, поради што ќе го пропушти и Мастерсот во Синсинати.

Ѓоковиќ досега четирипати го има освоено турнирот во Торонто, а Синер ја освои својата прва титула токму таму, во 2023 година.

Со откажувањето на Синер и на Ѓоковиќ, водечка улога кај мажите ќе имаат Карлос Алкараз од Шпанија и Александар Зверев од Германија. Кај жените, во Монтреал, главни ѕвезди ќе бидат Коко Гоф (број 2), Џесика Пегула (број 3) и Ига Швјонтек (број 4). Број 1, Арина Сабаленка, се повлече претходно оваа недела, наведувајќи дека сака да се одмори и да се подготви за УС Опен кон крајот на месецот.


Познат календарот, Евролигата почнува на 30 септември

Објавен е распоредот за регуларниот дел од сезоната на кошаркарската Евролига, за сезоната 2025/2026, која ќе почне на 30 септември со седум дуели, а следниот ден на програмата ќе бидат уште три.

Иако форматот на двокружен систем останува, проширувањето од 18 тима на 20 тима значи дека ќе има 38 кола во регуларната сезона наместо 34.

Двојки за првото коло: Хапоел Тел Авив – Барселона, Дубаи – Партизан, Анадолу Ефес – Макаби Тел Авив, Црвена звезда – Милано, Панатинаикос – Баерн, Басконија – Олимпијакос, Виртус – Реал Мадрид (сите на 30 септември), Монако – Жалгирис, Фенербахче – Париз и АСВЕЛ – Валенсија (сите на 1 октoмври).


Пол Гаскоњ хоспитализиран откако ненадејно се онесвестил

Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Пол Гаскоњ е хоспитализиран, објави „The Sun“.

Педесет и осумгодишниот Англичанец бил пронајден дома во бесознание. Неговата состојба моментално се смета за стабилна. Се очекува Гаскоњ да помине неколку дена во болница.

Гаскоњ е освојувач на ФА Купот, двократен шампион на Шкотска и освојувач на Шкотскиот Куп.

Во 2002 година, тој влезе во Куќата на славните на англискиот фудбал.

Контроверзниот Гаскоњ по завршувањето на кариерата имаше проблеми со алкохолот и често пати беше фотографиран во непристојна состојба. Во едно интервју пред неколку години кажа дека живее како бездомник и дека е алкохоличар.