feature

Вардарци ќе добијат висока премија ако ја елиминираат Лозана

Фудбалерите на Вардар ќе поделат премија од 100.000 евра доколку го минат и второто квалификациско коло во Конференциската лига во кое играат против Лозана од Швајцарија.

Вардар го мина првото квалификациско коло од ова натпреварување откако со вкупни 5-2 ја совлада екипата на Ла Фиорита од Сан Марино. За овој успех црвено-црните поделија премија од 50.000 евра.

Сега раководството на клубот им вети двојно повеќе пари за успех против швајцарскиот претставник кој минатата сезона заврши на петтата позиција во домашната лига.

Лозана ќе биде вистински предизвик и слика за квалитетот на овој тим на Вардар.

Првиот натпревар меѓу Вардар и Лозана се игра на 24. јули (четврток) во Скопје, реваншот е седум дена подоцна во Швајцарија.


Несторовски се повреди и ќе го скокне стартот на првенството на Хрватска

Македонскиот напаѓач Илија Несторовски нема да биде подготвен за почетокот на новата сезона во хрватскиот шампионат, откако на подготовките во Словенија заработи незгодна повреда.

Несторовски беше еден од клучните играчи на Славен Белупо во минатата сезона, но сега го чека пауза од најмалку две недели, што значи дека дефинитивно нема да биде во комбинација за првите натпревари од новата кампања.

Славен Белупо ќе мора да бара алтернативи во нападот додека Несторовски се рехабилитира и се враќа во форма.


Тиквеш потпиша со Турчинот Толга Јакут

Екипата на Тиквеш се пофали со ново име за средниот ред, а тоа е Толга Јакут.

Станува збор за турски фудбалер за врска кој има офанзивни карактеристики. 24-годишникот доаѓа во Тиквеш од редовите на турска Чанкаја, а претходно има повеќе ангажмани во оваа земја. Како младинец се промовира во неколку клубови, а дебитира за Ескисехирспор во сениорскиот фудбал.

Кавадарчани беа доста активни на трансфер пазарот ова лето. Досега во клубот пристигнаа Илиески, Ацковски, Стевковски, Тасев, Рамадани, Спасов, Ивановски и Ѓорѓиевски по преземањето на Тиквеш од новиот турски сопственик.


Реал мора да се помачи да го добие Конате

Челниците на Реал Мадрид стапиле во контакт со луѓето од Ливерпул за да добијат информација околу можен трансфер на фудбалерот, Ибрахим Конате, наведуваат дел од медиумите во Шпанија и Англија.

„Белите“ сакаат да ја дознаат сумата што ќе треба да ја платат за дефанзивецот на „црвените“ кој според неофицијални информации, има желба да остане на „Енфилд“.

Неговиот активен договор е валиден до летото во 2026 година.


Маркез доминатно до победата во Брно

Шпанскиот возач на Дукати, Марк Маркез, супериорно победи на трката за Голема Награда на Чешка.

Тој на патеката „Брно“ стана првиот возач на италијанскиот производител кој забележал пет последователни победи во Мото ГП. Второто место го обезбеди Италијанецот, Марко Беџеки член на Априлија додека трет заврши Акоста Педро од Шпанија со Ред Бул. Маркез е лидер во шампионатото со 381 поен пред неговиот помлад брат Алекс и Франческо Банаја.

Наредната трка во Мото Гран При ќе биде возена на 17 август на патеката Ред Бул Ринг за Големата награда на Австрија.


Монтоја: Верстапен ќе потпише за Мерцедес

Поранешниот возач на Формула 1, Хуан Пабло Монтоја, проговори за можната средба меѓу шефот на Мерцедес, Тото Волф и возачот Ред Бул, Макс Верстапен.

„Макс и Тото веројатно се сретнале за да ги потпишат документите. Ако Макс стигнал до оваа фаза од преговорите, тоа значи дека видел сè, разговарал за сè и донел одлука.“- рече Монтоја.

„Веројатно имаше уште еден последен чекор. Лично, го гледам Верстапен во Мерцедес “– вели Монтоја.


МекТоминеј: Титулата со Наполи е најдобар момент во мојата кариера

Скот Мектоминеј минатото лето направи изненадувачки трансфер и од Манчестер Јунајтед се пресели во Наполи, потег кој се покажа како полн погодок за него како индивидуалец, но и за клубот од Неапол.

Шкотот перфектно се снајде во системот на Антонио Конте и со 12 гола и 6 асистенции одигра клучна улога во освојување на Скудетото.

„Вклопувањето во Серија А беше многу лесно благодарение на тренерот Конте и моите соиграчи, кои беа фантастични со мене од првиот момент кога пристигнаа.

Титулата со Наполи беше најдобриот момент во мојата кариера. Не можев ни да сонувам за ништо подобро. Дадов интервју пред четири месеци и им кажав на „Наполитанците“ дека сакам да им ја донесам титулата во лигата и преку напорна работа – го постигнавме тоа. Целта беше многу важна, но сега мора да се фокусираме на новата сезона и мора да го направиме тоа повторно. Одличните тимови и одличните играчи секогаш се поглеадни и ќе дадам се од себе за овој тим. Имаме многу натпревари оваа година и одлична група, -рече Шкотот кој даде коментар и за прославата на пехарот во Серија А.

Беше неверојатно – не очекував нешто такво! Целата поддршка беше неверојатна, да бидам искрен. Били и јас седевме дома потоа, воздивнавме и само рековме „Вау!“. Заслугата за Скудетото му припаѓа на тимот, на тренерот, се разбира, но пред сè на навивачите, тие беа 12-тиот играч во текот на целата сезона. Тие беа тука и во добри и во лоши времиња. Дури и кога имавме тешки моменти, тие ни помогнаа“, заклучи Мектоминеј.


Лукас Хернандез најави останување во Париз

Lucas HERNANDEZ of FC Paris Saint-Germain during the Ligue 1 MCDonald’s match between Paris and Reims at Parc des Princes on January 25, 2025 in Paris, France. (Photo by Philippe Lecoeur/FEP/Icon Sport)

Дефанзивецот Лукас Хернандез се огласи во јавноста и ги расчисти сите дилеми околу неговата иднина во редовите на Пари Сен Жермен.

Французинот падна во втор план кај тренерот Луис Енрике во претходната сезона каде одигра мечеви во Лига 1. Силната конкуренција и одличните изданија на неговите соиграчи, плус резултатите на клубот не му дозволија да игра важна улога, па изминатиов период се појавија информации дека ќе си замине, односно не сака повеќе да биде резерва.

Бекот има договор со „светците“ до 2028 година и има намера истиот да го испочитува, да се бори за своето место што е сосема спротивно во однос на гласините.

„Кратка порака како одговор на разните написи во печатот и гласините кои тврдат дека ќе побарам да го напуштам ПСЖ доколку мојот статус не се промени. Би сакал да кажам дека апсолутно не побарав да си заминам и дека ќе играм во ПСЖ следната сезона, продолжувајќи да работам напорно секој ден за да ги бранам боите на Париз Сен Жермен најдобро што можам секогаш кога тренерот ќе ми даде можност“, порача Лукас кој е екс член на Баерн Минхен и Атлетико Мадрид.


Леао добива покачување на платата за да остане во Милан

Откако ги доведе хрватскиот ветеран Лука Модриќ и играчот од средниот ред Самуеле Ричи, раководството на Милан има важна задача пред себе во врска со нивниот најдобар играч, 26-годишниот Рафаел Леао.

Европскиот шампион ПСЖ почна да се интересира за португалскиот интернационалец, чиј договор со „Росонерите“ важи до јуни 2028 година. Милан нема намера да го продаде Леао, но сака да го обезбеди неговиот престој на „Сан Сиро“ со нов и побогат договор, објавија италијанските медиуми.

Леао заработува близу девет милиони евра годишно со бонуси (пред оданочувањето), а преговорите за нов договор ќе ги води спортскиот директор Иљи Тара.

Португалскиот крилен напаѓач дојде во Милан пред шест години од францускиот Лил во трансфер вреден 50 милиони евра, а на 260 натпревари за „Росонерите“ постигна 70 гола и имаше 62 асистенции.


Трансферот на Ѓокереш во Арсенал пред откажување

Трансферот на Виктор Ѓокереш е во сериозна опасност да пропадне. Од Спортинг настојуваат на барањето за 80 милиони евра за да се разделат со 27-годишниот голгетер.

Од Арсенал пак, нема никаков знак веќе шест дена и почнува сериозно да се наѕира можноста никогаш да не биде достигната посакуваната сума од „зелено-белите“.

Арсенал првично понудија 55 милиони евра плус уште 10 милиони во форма на бонуси за шведскиот репрезентативец, но не поднесоа официјална понуда, бидејќи „топџиите“ сфатија дека се нереални надежите да ја финализираат зделката со такви параметри.

Понатаму лондонците ја зголемија понудата, но таа повторно се покажа како недоволна и зделката скоро пропадна. Потоа преговорите беа обновени, но во атмосфера на крајни позиции и напнатост. Договор сепак не беше постигнат и сега трансферот може комплетно да пропадне.