feature

Наполи бара 50 милиони евра за Фабиан Руиз

Реал Мадрид е силно заинтересиран за играчот за врска на Наполи, Фабиан Руиз. 25-годишниот Шпанец пристигна во Наполи од Бетис и веднаш се промовираше во клучен играч во тимот, па сега е стандарден и во шпанската репрезентација.

Фабиан Руиз на лето влегува во последната година од договорот, па поради тоа Наполи е спремен да слушне понуди.

Најсилен интерес за него покажува Реал Мадрид, бидејќи Анчелоти одлично го познава Шпанецот и верува дека ќе биде долгорочна замена за Модриќ.

Наполи за неговата слобода бара 50 милиони евра, сума која Реал Мадрид е спремен да ја плати.


Иско го избрал новиот клуб, ќе му се придружи на Пелегрини во Бетис

Шпанските медиуми пренесуваат дека плејмејкерот на Реал Мадрид, Иско кариерата ќе ја продолжи во Бетис. Договорот на Иско со Реал Мадрид истекува на крајот на сезоната и тој како слободен агент имаше понуди од многу клубови ширум Европа.

Меѓутоа, Иско се одлучил кариерата да ја продолжи во Бетис и постигнал комплетен договор со клубот од Севиља.

Бетис пред неколку дена го освои Купот на Шпанија, а се уште има шанси да избори пласман во Лигата на шампионите.


Федерер го потврди учеството во Базел

Роџер Федерер го потврди своето учество на тенискиот турнир во неговиот роден град Базел кој се одржува во октомври, соопштија организаторите. 

Поранешниот светски рекет број еден, кој во август ќе наполни 41 година, е надвор од тениските терени од минатиот јули, кога беше елиминиран во четвртфиналето од Вимблдон. 

Федерер имаше две операции на коленото во 2020 година и се врати минатата година, но потоа имаше уште една операција на коленото по Вимблдон што го принуди да го пропушти вториот дел од сезоната.


Белоти бира меѓу трите понуди кои ги има на маса

Андреа Белоти на крајот од сезоната го напушта Торино, а на маса веќе добил неколку добри понуди. Неговиот договор со „биковите“ истекува во јуни, а тој нема да потпише нов и сигурно е дека ќе си замине како слободен играч.

Новинарот Руди Галети тврди дека Италијанецот е на мета на Севиља, Вест Хем и Аталанта, но дека има мали шанси да остане во Серија А.

Белоти има 28 години, а некогаш беше на мета на Арсенал. Торино бараше над 60 милиони евра за голгетерот, а сега ќе остане практично без ништо.


Европските гиганти со интерес за Ријад Марез

Барселона и Јувентус покажуваат голем интерес за фудбалерот на Манчестер Сити Ријад Марез.

Според информациите од медиумите, и челниците на ПСЖ сакаат да го доведат Марез во своите редови. Сити би можел да го продаде 31-годишниот играч од средниот ред за да ослободи доволно финансии за ангажманот на ѕвездата од Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд.

Договорот на Марез со шампионот на Англија важи до 30 јуни 2023 година.

Марез оваа сезона на 25 настапи за Сити во Премиер лигата, постигна 11 гола.


Баерн Минхен заинтересиран за Алер од Ајакс

Германскиот весник Билд пренесува дека екипата на Баерн Минхен е заинтересирана за доведување на напаѓачот од Ајакс, Себастијан Алер.

Според изворот, претставници на клубот од Минхен веќе стапиле во контакт со менаџерите на 27-годишниот фудбалер. 

Поранешниот играч на Вест Хем игра во одлична форма сезонава и е прва опција за замена на Роберт Левандовски.

Вредноста на трансферот би била околу 40 милиони евра, а фудбалерот посакува плата од 10 милиони евра годишно.


Араухо го продолжува договорот со Барселона

Уругвајскиот репрезентативец, Роналд Араухо постигна договор со раководството на Барселона за потпишување на нов договор со клубот.

Актуелниот договор на дефанзивецот истекува на крајот на јуни 2023 година. Двете страни се договорија фудбалерот да остане на „Камп Ноу“ до летото 2026 година.

Каталонците преку својот клупски сајт објавија дека потпишувањето на новиот договор ќе се случи во петок на 29 април на „Камп Ноу“.


Прогресот на Карлос Алкараз: За една година од стото до деветто место

Младиот шпански тенисер, 18-годишниот Карлос Алкараз денеска за првпат во кариерата влезе во најдобрите десет тенисери во светот. Откако ја освои тутилата во Барселона минатата недела, тој скокна две места на АТП-листата и успеа да ги престигне Канаѓанецот Феликс Ожер-Алиасим и Британецот Камерон Нори.

Пред само една година Алкараз не беше ниту во Топ 100, но благодарение на блескавите игри и големиот напредок во сите сегменти од играта, денес е деветти тенисер во светот.


Ибра го сруши рекордот на Тоти

Златан Ибрахимовиќ стана најстариот играч кој имал ефективен настап во Серија А.

Ибрахимовиќ тоа го направи на 40 години, 6 месеци и 21 ден. На тој начин успеа да го собори рекордот на поранешниот напаѓач на Рома, Франческо Тоти, кој имаше асистенција на 40 години, 4 месеци и 23 дена.

Да потсетиме, во рамките на 34. коло од италијанската Серија А, Лацио беше домаќин на Милан. Средбата се одигра во Рим на стадионот „Олимпико“ и заврши со победа на гостите со резултат 2:1. На оваа средба Ибрахимовиќ имаше асистенција за победничкиот гол на Милан.

Милан по 34 одиграни кола е на првото место на табелата во италијанската Серија А со 74 бодови.


Анчелоти: Знаеме како да се справиме со Манчестер Сити

Реал Мадрид се бори за своето прво финале во Лигата на шампионите од 2018 година, но ќе мора претходно во полуфиналето да се справи со Манчестер Сити, клуб кој важи за прв фаворит за освојување на турнирот. Тренерот на Реал, Карло Анчелоти ја почитува силината на противникот, но истакна дека неговиот тим знае како да се спротивстави.

„Против Манчестер Сити мора да се игра максимално компактно, во спротивно ќе биде незгодно. Нашиот настап во дефанзивна смисла ќе биде клучен за исходот на натпреварот. Ќе има периоди во кои противникот ќе проба долго да ја контролира топката. Многу е едноставно, мораме да пробаме да ја одземеме топката и да играме добра одбрана“, изјави Анчелоти.