feature

Милан го договори Ориги, но сака уште еден фудбалер на Ливерпул

Милан постигнал комплетен договор со напаѓачот на Ливерпул, Дивок Ориги.

Ориги на лето го напушта Ливерпул како слободен агент, а кариерата ќе ја продолжи на „Сан Сиро“. Белгиецот ќе потпише 3-годишен договор со „росонерите“ и ќе заработува 4 милиони евра по сезона. Меѓутоа, „росонерите“ се заинтересирани за уште една ѕвезда на Ливерпил, а станува збор за Наби Кеита.

Кеита на крајот на сезоната влегува во последната година од договорот, но нема намера да преговара со Ливерпул за продолжување на неговиот престој на „Енфилд“.

Таквата ситуација сака да ја искористи Милан, кој во Кеита гледа идеална замена за Франк Кеси, кој заминува на крајот на сезоната.


Кјелини се повлекува од италијанската репрезентација

Капитенот на Италија Џорџо Кјелини за медиумите објави дека ќе се повлече од фудбалската репрезентација на 1 јуни по натпреварот против Аргентина. 

„ На 1 јуни би требало да настапам на „Вембли“ против Аргентина. Би сакал да се збогувам со репрезентацијата и националниот дрес на ваков празничен натпревар“, изјави Кјелини.

Италија на 1 јуни на стадионот „Вембли“ во Лондон ќе игра против Аргентина  во натпревар меѓу европскиот првак и победникот на Копа Америка. Натпреварот ќе се вика „Финалисима“, а овој настан ќе биде прв во соработката меѓу УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација. Во летото 2021 година Италија стана европски шампион, а Аргентина е актуелен освојувач на Копа Америка.


Тен Хаг го сака Ериксен во Манчестер Јунајтед

Кристијан Ериксен после долгата пауза поради срцевите проблеми се врати на терените и потпиша договор со Брентфорд до крајот на сезоната.

Ериксен покажа дека е во одлична форма, а неговите квалитети никогаш не биле под знак прашалник.

Данецот игра фантастично во Премиер лигата, се врати во данската репрезентација, но неговиот договор со Брентфорд завршува на крајот на сезоната.

Ериксен со настапите го сврте вниманието и последните информации се дека Манчестер Јунајтед сака да го донесе на „Олд Трафорд“.


Меси се доближи до рекордната витрина на Дани Алвес

Десниот бек на Барселона, Даниел Алвеш изјави дека нема да биде вознемирен доколку аргентинскиот напаѓач на Пари Сен Жермен и поранешен соиграч од каталонскиот гигант, Лионел Меси го престигне по бројот на освоени трофеи во кариерата.

Бразилецот е најтрофејниот фудбалер во светот, со 43 трофеи. Со титулата во Франција, трофеите на Меси станаа 39.

„Ако некој е пред вас, тоа значи дека бил подобар од вас“, напиша Алвеш на социјалните мрежи и објави списоци со неговите и трофеите на Меси.

Алвеш има договор со Барселона до крајот на сезоната, земајќи минимална плата за играч во шпанското првенство – 155.000 евра.


Нагелсман: Не беше лесно да се освои титулата во Баерн

Баерн Минхен на домашен терен ја потврди новата титула во Бундеслигата и тоа против тимот кој е нивни најголем ривал за пехарот Борусија Дортмунд.

„Баварците“ славеа со 3-1 за десетто славје во низа во шампионатот, но прво под водство на тренерот Јулијан Нагелсман.

„Чувството е извонредно. Знам колку беше важна победата над Дортмунд, бидејќи сега целата сезона се прикажува во подобро светло. Ова е мојот прв голем трофеј и се чувствувам одлично. Морам да кажам дека сезоната не беше лесна. Не сум од оние луѓе кои се жалат, но многу работи се случија, имаше многу пречки. Мило ми е што ја освоивме титулата. Велам, не беше лесна сезона, па среќен сум што ја запечативме со титулата. И следната сезона ќе го чувствувам истиот притисок, ако не и поголем. Се надевам дека ќе бидеме поуспешни во другите натпреварувања и дека ќе ја освоиме единаесетатта титула“, заклучи предводникот на Баерн.


Баерн спремен да одбие 50 милиони евра за Левандовски

Роберт Левандовски не е сигурен за својата иднина во Баерн Минхен и вчера ја префрли топката кон раководството на клубот, потенцирајќи дека таму треба да се бараат одговори за фактот што се уште нема започнато преговори за нов договор.

Хасан Салихамиџиќ во ексклузивното интервју за германски „Скај“ призна дека Баерн е во напредни преговори за Гравенберх од Ајакс, но исто така му ја затвори вратата на Левандовски, без оглед на оптимистичната изјава од Жоан Лапорта кој пред неколку дена порача дека верува во ангажман на Полјакот.

„50 милиони за Левандовски? Не! Левандовски има договор до 2023-та година и нема да го продадеме. Тука е многу почитуван од сите, фановите го сакаат. Разговарав со Левандовски, ќе разговарам и со неговиот агент. Има договор до 2023-та година и го имаме целото време на овој свет за преговори. Го имаме најдобриот напаѓач во светот и не сме започнале преговори досега. Но тоа ќе го направиме сега откако ја осигуравме титулата“, изјавил Брацо.


ПСЖ му спреми отказ на Почетино, замената веќе е подготвена

Иако викендов математички ја обезбеди титулата, ПСЖ наскоро би требало да му врачи отказ на тренерот Маурицио Почетино.

Од старт е јасно дека работите меѓу тренерот и ПСЖ не „кликнаа“ и дека ниту клубот не е задоволен од него, но дека не е претерано среќен ниту во Париз. Тој има договор до јуни 2023 година, но речиси сигурно е дека нема да ја дочека следната сезона на „Паркот на принцовите“ бидејќи се очекува многу брзо да добие отказ.

Како негов наследник на клупата се споменува Антонио Конте. Сепак, парижаните имаат желба да го ангажираат Зинедин Зидан, но тој наводно имал за цел да биде селектор на Франција по Дидие Дешам, па Конте сепак е пореална опција.


„Кралевите“ ќе понудат 70 милиони евра за Џејмс од Челзи

Реал Мадрид е силно заинтересиран во своите редови да го доведе дефанзивецот на Челзи, Рис Џејмс. Во шпанскиот гигант го гледаат 22-годишниот Џејмс како долгорочно решение за десната бековска позиција и сакаат да го доведат на лето.

Џејмс ги помина сите младински категории на Челзи, каде е од 2006 година и моментално е стандарден во првиот тим на „сините“.

Особено блеска оваа сезона каде директно учествуваше во 16 погодоци за Челзи, па се етаблираше во еден од најдобрите десни бекови во Премиер лигата.


Наполи во казнен карантин по поразот во Емполи

Наполи доживеа големо разочарување со поразот на гостувањето кај Емполи, посебно што избраниците на Лучијано Спалети имаа предност од два гола на десетина минути до крајот на дуелот.

Овој пораз го оддалечи Наполи од борбата за скудетото, бидејќи има Интер има пет бода предност и натпревар помалку во однос на тимот на нашиот Елиф Елмас, кој до крајот на сезоната ќе одигра уште само четири натпревари.

Веднаш по шокантниот пораз, Наполи објави дека сениорскиот тим оди во карантин, односно популарниот „ритиро“, каде фудбалерите ќе се подготвуваат за следниот предизвик, натпреварот со Сасуоло следниот викенд.

Кратко по првичната информација, Наполи испрати дообјаснување дека одлуката е на тренерот Спалети, а била прифатена од клубот.


Голгетерот на Ајакс е трансфер цел на Милан ова лето

Милан е во потрага по квалитетен напаѓач за следната сезона, кој може да биде долгорочна замена за Златан Ибрахимовиќ.

Прва желба на „росонерите“ е голтерегот на Ајакс, Себастијан Халер, пренесува „Газета дело Спорт“. Халер игра фантастична сезона во Ајакс каде на 38 меча постигна 33 гола, а во групната фаза од Лигата на шампиони постигна 10 гола.

Овој 27-годишен напаѓач претходно беше во Вест Хем, но не се прослави во Премиер лигата, а сега во Ајакс игра во животна форма.

Милан стапил во контакт со неговиот агент и е спремен да понуди 45 милиони евра за неговиот потпис.