Евертон се чини дека е решен да го потпише играчот од средниот ред на Јувентус, Даглас Луиз, а извештаите од Италија сугерираат дека „Карамелите“ веќе дале понуда од 30 милиони евра за Бразилецот.
Сепак, „Бјанконерите“ бараат пакет вреден 40 милиони евра, обидувајќи се да надоместат поголем дел од 50-те милиони евра што ги платија на Астон Вила за Луиз минатото лето.
Според информациите објавени на „Тутомеркатовеб“, Јувентус би можел да се согласи на опција од 30 милиони евра, плус уште 10 милиони евра во додатоци.
Уште еден англиски клуб, Вест Хем Јунајтед, е заинтересиран за Даглас Луиз, кој исто така се поврзува со трансфер на 26-годишниот бразилски играч од средниот ред.
Русија сака да организира Олимписки игри следната деценија
Рускиот министер за спорт и претседател на Рускиот олимписки комитет, Михаил Дегтјарев, изјави дека Русија е подготвена да организира трети Олимписки игри. Во интервју за ТАСС најави дека Москва повторно ќе поднесе кандидатури за организација на летните и зимските Олимписки игри.
Тој нагласи дека Русија веќе двапати покажала дека може да организира натпревари „на највисоко ниво“. Според него, земјата наскоро ќе ги обнови односите со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), потенцирајќи го руското гостопримство и развиената инфраструктура.
„Луѓето сѐ уште се сеќаваат на Светското првенство во фудбал во Русија. Се сеќаваат колку Русија беше гостопримлива, како луѓето се забавуваа и навиваа во Москва, Екатеринбург, Казањ, Волгоград, Калининград и други градови“, рече Дегтјарев.
Според него, олимпиското движење треба да ги обединува луѓето и не треба да постојат никакви бојкоти.
„Во 1980 година нам ни објавија бојкот, а подоцна и ние бојкотиравме. Сето тоа беше погрешно, исто како што е погрешна и денешната дискриминација врз нашите спортисти врз основа на националност. Тоа треба да престане“, додаде тој.
Претходно беше објавено дека руските гимнастичари и судии се враќаат на меѓународните натпреварувања, но ќе настапуваат под неутрален статус.
Руските спортисти во моментов немаат право да настапуваат на Олимписките игри под името, знамето или химната на Русија поради санкциите воведени по инвазијата врз Украина. Сепак, во ограничен број и под строги услови, одредени руски спортисти може да се натпреваруваат како „Индивидуални неутрални спортисти“, како што беше случајот на Игрите во Париз минатата година.
За да добијат дозвола за учество, не смеат да имаат никаква поврзаност со руската војска или безбедносни служби, не смеат јавно да ја поддржуваат руската агресија врз Украина и мора да поминат процес на проверка од страна на МОК.
Лејкерси ги спојуваат Дончиќ и Јокиќ
Mar 17, 2024; Dallas, Texas, USA; Dallas Mavericks guard Luka Doncic (77) speaks with Denver Nuggets center Nikola Jokic (15) during the second half at American Airlines Center. Mandatory Credit: Kevin Jairaj-USA TODAY Sports
Лука Дончиќ наскоро во Лос Анџелес Лејкерс би можел да добие засилување од соништата, а воедно и добар пријател – Никола Јокиќ.
Роб Пелинка, генералниот менаџер на Лејкерси, ја направи најдобрата размена на 21 век кога го испрати Ентони Дејвис во Далас и го донесе Дончиќ во „градот на ангелите“.
Сега тој има исклучително амбициозен план да ги направи Лејкерси нова сила.
Имено, како што пренесе Ентони Ирвин од порталот „Clutch Points“ кој тврди дека е добро информиран за случувањата во Лејкерси, на Дончиќ би можел да му се придружи Јокиќ во Лос Анџелес или (барем) Јанис Адетокумбo следното лето.
Идејата е Лука прво да потпише нов договор, веднаш по враќањето од Евробаскетот, а потоа да создаде простор за бомбастична аквизиција.
Во буџетот, тој простор би се отворил со заминувањето на Леброн Џејмс, кој би можел да ја промени средината и можеби дури и да се врати во Кливленд, за што се шпекулираше ова лето. Можеби дури и да ја заврши кариерата…
Реал по секоја цена сака да го продаде Давид Алаба
Реал Мадрид има намера да се раздели со австрискиот дефанзивец, Давид Алаба, ова лето со цел да го ослободи фондот за плати и да ослободи средства, објави популарното издание „АС“.
Според изворот, самиот играч не е подготвен да го напушти клубот и сака да го одработи својот договор, кој важи до 30 јуни 2026 година, за да биде во добра форма за Светското првенство, кое започнува следното лето.
Се забележува дека одлуката за иднината на 33-годишниот Алаба зависи од рехабилитацијата и закрепнувањето на фудбалерот. Претходно беше објавено дека Австриецот би можел да отсуствува еден месец поради повреда на мускулот на листот на левата нога, добиена кон крајот на јуни.
Алаба е втор најплатен дефанзивец во Европа и трет најплатен играч во мадридскиот клуб по Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор. Според медиумските извештаи, Австриецот заработува повеќе од 415.000 евра неделно (1,88 милиони евра месечно и 22,6 милиони евра годишно пред оданочување).
Адемола Лукман е прва трансфер желба на Киву во Интер
Медиумите од Италија пренесуваат дека Интер се договори со Адемола Лукман, „нероаѕурите“ сега ќе треба да најдат заеднички јазик и со Аталанта.
Интер сака да ангажира нов напаѓач, изминатиов период се шпекулираше со неколку имиња, а утрово се појавија информации кои велеа дека Адемола Лукман е идентификуван како топ засилување.
Како што пренесуваат медиумите попладнево, Интер веќе се договорил со Адемола Лукман, и сега ќе треба да најдат заеднички јазик со Аталанта.
Се верува дека клубот од Бергамо бара околу 50 милиони евра за продажба на Нигериецот, додека пак Интер верува дека може да го купи напаѓачот за 40 милиони евра.
Мициќ ја прифати понудата на Хапоел и се враќа во Европа
Српскиот кошаркар Василије Мициќ е нов член на Хапоел, потврди клубот од Тел Авив. По неколку недели шпекулации за тоа каде ќе ја продолжи кариерата, српскиот интернационалец ја избра најдобрата понуда и се одлучи за нов тим од Евролигата од Израел, пренесоа српските медиуми.
Нема официјални информации, но според последните шпекулации, Хапоел му понудил на Мичиќ 14 милиони евра за тригодишен договор. Со 4,6 милиони евра по сезона, ова ќе го направи најплатениот кошаркар во Европа, само малку пред Кендрик Нана од Панатинаикос, кој има 4,5 милиони.
Хапоел ќе игра во Евролигата благодарение на освојувањето на Еврокупот, а пред Мициќ, тие веќе доведоа неколку големи засилувања.
Тимот го предводи Димитрис Итудис, а во текот на летото пристигнаа Елија Брајант, Тајлер Енис, Колин Малколм, Таи Одијасе, Дан Отури и Итај Сегев. Антонио Блекни, Бруно Кабокло, Томер Гинат, Јам Мадар, Џонатан Мотли, Гај Палатин, Бар Тимор и Иш Вејнрајт веќе се под договор.
АБА лигата доби два нови члена, се приклучија Клуж и Виена
Регионалната кошаркарска АБА лига ќе има 18 клуба почнувајќи од следната сезона, беше одлучено на Собранието одржано во среда.
На шампионатот ќе им се придружат романскиот Клуж и австриската Виена, како и Босна односно Илирија, кои обезбедија место во елитниот ранг преку АБА 2.
Иако имаше навестувања, Хапоел од Тел Авив нема да се приклучи на АБА лигата, што дефинитивно ја напуштаат Цибона и Морнар, како два најслаби тима од минатата сезона.
Следната голема промена е поделбата на АБА лигата во две групи, што ќе го намали бројот на натпревари што ќе ги играат тимовите од сезоната 2025/26.
Проширувањето за уште два тима би значело четири дополнителни натпревари, што би било особено проблематично за тимовите што играат во европските натпреварувања.
Барса доби нова десетка, Ламин Јамал потпиша до 2031 година
Каталонскиот клуб го продолжи договорот со тинејџерската фудбалска сензација до 2031 година – и одржа мала церемонија на стадионот за да го одбележи овој настан.
На церемонијата присуствуваше целото семејство на фудбалерот, вклучувајќи ја и неговата баба, која Ламин ја држеше за рака додека одеа кон салата за церемонија.
Јамал ќе добие и нов број на дресот – култната „десетка“ што ја носеа само неколкумина избрани во Барса.
Јуве и Порто договорија откуп на Чико Консеисао
Франциско Консеисао ќе биде нов фудбалер на Јувентус. „Старата дама“ постигна договор со Порто за траен трансфер на португалскиот офанзивец.
Како што објави Фабрицио Романо, зделката е вредна над 30 милиони евра, а плаќањето ќе се одвива во четири рати. И покрај интересот од клубови од Премиер лигата, Консеисао инсистирал на преселба во Торино каде што играше веќе како позајмен и не сакал да чуе за други понуди.
Со ова е исполнета големата желба на тренерот Игор Тудор кој јасно побара задржување на Консеисао во тимот.
Португалецот Кеирош е нов селектор на Оман
Португалскиот стратег Карлос Кеирош е нов селектор на фудбалската репрезентација на Оман.
Еминентниот португалски тренер доаѓа на местото на Рашид Џабер, кој го предводеше Оман до четвртото место во групната фаза од третиот квалификациски круг и со тоа ги одржа надежите за пласман на Светското првенство 2026.
„Кеирош има богато тренерско искуство, ги водеше репрезентациите на Португалија, Иран, Колумбија, Египет и Катар. Тој беше и помошник тренер во Манчестер Јунајтед под водство на Сер Алекс Фергусон“, објави синоќа Фудбалската асоцијација на Оман на социјалната мрежа Икс.
Оман на 17 јули ја очекува жрепката за четвртото коло од квалификациите за Светското првенство во конкуренција со Ирак, Катар, Саудиска Арабија, Индонезија и Обединетите Арапски Емирати.
Шесте репрезентации ќе бидат поделени во две групи од кои победниците ќе добијат мундијалска виза. Јапонија, Јужна Кореја, Узбекистан, Иран, Јапонија и Австралија веќе се квалификуваа за Светското првенство.