feature

Михтарјан го продолжи договорот со Рома

Играчот за врска на Рома, Хенрих Михтарјан се договори за нов договор со клубот, објавија италијанските медиуми. Тековниот договор на играчот е до 30 јуни 2021 година, а сега тој ќе потпише нов на уште една година. 31-годишниот ерменски репрезентативец оваа сезона одигра 21 натпревар за тимот, постигнувајќи девет гола и девет асистенции.


Аргентинецот Гаич пред позајмица во Бешикташ

Напаѓачот на ЦСКА, Адолф Гаич, може да ја продолжи кариерата во Бешикташ, пренесуваат аргентинските медиуми. Турскиот клуб ја разгледува опцијата за изнајмување на напаѓачот. Претходно беше објавено дека фудбалерот на ЦСКА, Адолфо Гаич е на чекор да се пресели во Бока јуниорс, но, тој веднаш одби да замине во аргентинскиот клуб. Според информациите од Русија, обештетувањето за Гаич е 30 милиони евра.


Сасуоло ослабен против Јувентус

Фудбалерот на Сасуоло, Доменико Берарди ќе го пропушти претстојниот натпревар против Јувентус во Серија А поради повреда на бутниот мускул на десната нога, соопшти неговиот клуб. Берарди се повреди во средата на натпреварот против Џенова, на кој триумфираа со 2:1. „Фудбалерот започна со лекување и терапии, неговата состојба постојано се следи.“ – соопшти Сасуоло. Берарди поради повреда ќе го пропушти натпреварот против Јувентус во недела. Сасуоло е петти во Серија А со бод помалку, но и натпревар повеќе од четвртопласираниот Јувентус. Берарди на 15 натпревари сезонава постигна седум погодоци.


ФИФА на Светското клупско првенство воведува ново правило

Меѓународната фудбалска федерација ФИФА потврди дека на идното Светско клупско првенство ќе ја тестира замената на играчите поради сомнеж на потрес на мозокот. Светското клупско првенство, кое ќе се одржи од 1. до 11. февруари во Катар, ќе биде првото меѓународно натпреварување на кое ќе се тестира ваквата замена на играчи. Секоја екипа ќе може да користи една таква замена во натпревар. Играчот кој ќе биде заменет веќе нема да може да игра на тој натпревар, но тоа нема да влијае на бројот од пет други замени. Како би се избегнало „крадење на врее“, секоја екипа ќе има три можности за пет замени, а истите можат да се прават и на полувреме. ФИФА објасни дека со овој потег сака да го намали притисокот на здравствените служби за брза проценка на повреда на главата. Вакво правило претходно беше воведено и во англиската Премиерлига.


Чалханоглу бара двојно поголема плата од Милан

Милан продолжува да преговара за нов договор со играчот од средниот ред Хакан Чалханоглу. Тековниот договор на играчот истекува на крајот на летото оваа година. Според „Скај Спорт Италија“, „росонерите“ на 26-годишниот турски фудбалер му нудат договор, според кој ќе добива 3,5 милиони евра годишно. Од друга страна Хакан не е задоволен од ова, тој сака да заработува двојно повеќе – 7 милиони евра. Следната недела агентот на играчот за врска ќе пристигне во Италија на дополнителни преговори. Претходно беше објавено дека Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид и Јувентус се заинтересирани за услугите на Чалханоглу. Играчот го носи дресот на Милан од 2017 година, а пред тоа ги бранеше боите на Баер Леверкузен, Хамбургер и Карлсруе.


Раул ќе биде наследникот на Зидан во Реал

Реал Мадрид се одлучи за тоа кој е тренерот кој е способен да го води тимот по сегашниот тренер Зинедин Зидан. Според весникот „АС“, Кралскиот клуб решил да се потпре на нивниот легендарен фудбалер Раул Гонзалез, кој моментално го води вториот тим на Реал Мадрид. Друга опција за Реал Мадрид беше поранешниот тренер на Тотенхем, Маурицио Покетино, но тој веќе не е алтернатива откако го презеде ПСЖ на почетокот на овој месец. Раул е тренер на вториот тим на Реал Мадрид од 2019 година. Под негово водство, минатото лето тимот ја освои младинската лига на УЕФА. Реал Мадрид со 36 бода по 17 кола го зазема второто место на табелата во Ла Лига. Лидерот во шампионатот Атлетико Мадрод кој има предност од 2 бода, но има два меча помалку одиграно.


Почетино ги сака Агуеро и Али во ПСЖ

Маурицио Почетино ја постави главната трансфер цел на клубот следното лето. Аргентинскиот тренер, кој го замени германецот Томас Тухел, кој беше ослободен на крајот на декември, сака да го види својот сонародник Серхио Агуеро во својот тим. Напаѓачот е еден од лидерите на англискиот Манчестер Сити, а Почетино добро ги знае неговите квалитети. Сепак, неговиот договор со „граѓаните“ истекува на лето и тој може да заврши на „Паркот на принцовите“ како слободен играч. Информацијата за најавениот трансфер ја пренесе фудбалскиот агент Бруно Сатин во изјава за „Канал +“. Вчера стана јасно дека Почетино сака во ПСЖ да го донесе и Деле Али за кого нема место во Тотенхем.


Солскјер се откажа од двајца играчи

Тренерот на англискиот фудбалски великан Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, им соопшти на голманот Серхио Ромеро и дефанзивецот Маркос Рохо дека имаат дозвола во јануари да го напуштат Олд Трафорд. Солскјер за англиските медиуми изјави дека аргентинскиот двоец нема да добие нов договор по крајот на сезоната. Рохо во моментот се наоѓа во Аргентина, додека Ромеро се врати пред неколку дена. Рохо пристигна во Јунајтед во 2014. година од Спортинг за 20 милиони евра, а во дресот на „црвените ѓаволи“ запиша 122 настапи и постигна два погодоци. Последната сезона ја помина како позајмен играч во аргентински Естудијантес. Ромеро пак, на Олд Трафорд пристигна во 2015. година од Сампдорија, а помеѓу стативите беше на 61 натпревар.


Беа великан, сега им се заканува неславен рекорд

Откако го држеа неславниот рекорд повеќе од половина век, на германскиот фудбалски клуб Тасманија Берлин би можел да му се придружи и Шалке 04. Тасманија 1900 Берлин во својата единствена сезона во Бундеслигата во 1965/66, нанижа 31 натпревар без победа освојувајќи само 10 бода, со гол разлика од минус 93. Шалке засега е на 30 натпревари без победа, со што се приближи до негативниот рекорд на берлинскиот клуб кој згасна во 1973. годиан. Но, дел од водството и играчите го основаа аматерскиот клуб СВ Тасманија 73 Нојколн, кој во моментот се наоѓа во петтата германска лига. Иако други радо би го избришале црниот рекорд, во Тасманија се горди на својот „подвиг“. „Овој рекорд е култен за нас. Доколку останеме без него, никој веќе нема да зборува за Тасманија. Подобро да се зборува за нас, отколку никој да не не знае.“ – изјави претседателот на клубот, Алмир Нумиќ. Последната победа во првенството на Шалке беше во јануари 2020. година против Борусија Менхенгладбах, а оттогаш клубот од Гелзенкирхен има 20 порази и 10 нерешени натпревари. Реми или пораз во денешниот натпревар против Хофенхајм, ќе значи израмнување на рекордот на берлинскиот клуб.


Невреме го одложи натпреварот Атлетико Мадрид – Атлетик Билбао

Мадрид синоќа беше погоден од снежна бура каква локалните жители не паметат скоро половина век. Бурата „Филомена“ создаде бројни проблеми на неподготвените жители на Мадрид, а една од последиците е и одложување на спортски натпревари. Денеска нема да се игра натпреварот помеѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао. Гостите беа на пат кон Мадрид, но не можеа да слетаат, па се вратија во Баскија. Играчите на Атлетико тренираа на затворено, додека Реал одработи „нормален“ тренинг пред заминувањето за Памплона. На полетување, чекаа четири часа, но отпатуваа на денешното гостување кај Осасуна. Второлигашот Рајо Валекано тргна на гостувањето кај Мирандес со автобус, но се врати назад откако за пет часа успеа да помине само 20 километри. Натпреварот засега е одложен за утре. Поради непроодни патишта, одложен е и натпреварот помеѓу Алкоркон и Албасете.