Тен Хаг молчи за поврзаноста со Манчестер Јунајтед
Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг одби да ги коментира шпекулациите дека би можел да застане на чело на Манчестер Јунајтед.
52-годишниот стручњак силно се поврзува со нов менаџер на „црвените ѓаволи“, а британските медиуми инсистираат дека тој ќе го преземе тимот од „Олд Трафорд“.
„Фокусиран сум на сезоната во Холандија. Ја вложив целата моја енергија во Ајакс. Сакам да извлечам максимум од тоа, мислам дека „дублот“ е достижен“, прокоментира Тен Хаг.
Дуплантис постави нов светски рекорд во скок со стап
Швеѓанецот Арманд Дуплантис повторно го собори светскиот рекорд во скок со стап во сала, овој пат на планетарниот собир во Белград прескокнувајќи 6,20 метри.
Популарниот Мондо во третиот обид го собори светскиот рекорд. Тој така го надмина својот досегашен најдобар планетарен резултат од 6,19 метри, кој го направи само две недели претходно, исто така во Арената во Белград.
„За само две недели поставив два нови светски рекорди на исто место, овој град е посебен за мене“, изјави Дуплантис.
Тој и претходно го обебзеди златото, бидејќи беше единствениот натпреварувач кој прескокна шест метри (6,05). Во својата кариера Швеѓанецот има олимписко злато (2021), светско сребро (2019) и европско злато (2018) на отворено. Минатата година ја понесе титулата шампион и на континенталниот шампионат во сала.
Роман Абрамович ќе му помага на турскиот клуб Гезтепе
Некои турски медиуми пренесуваат информација дека милијардерот Роман Абрамович има желба финансиски да му помогне на клубот Гезтепе кој се бори за опстанок во фудбалската Супер лига на Турција.
Изворите пишуваат дека рускиот олигарх неодамна двапати ја посетил Турција и имал разговори околу ваков договор, кој сепак ќе стане реалност откако Русинот ќе го продаде Челзи. Исто така, се наведува дека две суперлуксузни јахти на Абрамович биле забележани во Измир, каде Гезтепе ги игра своите домашни натпревари.
Турција нема воведено санкции за руските олигарси, како што тоа го направија земјите од ЕУ, што значи дека нема пречка за тие да работат во земјата.
Популарниот Мајк Дин заминува во судиска пензија
Британските медиуми пренесуваат дека легендарниот судија од англиската Премиер лига, Мајк Дин, на крајот од сезоната заминува во пензија.
Планот беше тој да се пензионира на крајот на минатата сезона, но бидејќи пандемијата со корона вирусот ги спречи навивачите да бидат на трибините, тој го одложи своето заминување, сакајќи да ја суди својата последна кампања пред навивачите.
Мајк Дин ќе му каже збогум на професионалното судење после 535 натпревари и 22 сезони. Тој е познат како една од легендите на фудбалот во Англија, а како што се шпекулира, би можел да стане шеф на судиската организација при ФА.
Манчини го повика Де Шиљо на местото на повредениот Ди Лоренцо
Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини поради повреда го загуби Џовани Ди Лоренцо во пресрет на плеј-оф дуелот за Светското првенство против репрезентацијата на Македонија. Крилниот бек на Наполи се повреди на саботниот првенствен натпревар против Удинезе, а беше повикан за натпреварите со Македонија и евентуално бараж-финалето со подобриот од дуeлот меѓу Турција и Португалија.
На негово место Манчини веднаш го повика Матија Де Шиљо од Јувентус.
Веднаш по натпреварот против Салернитана кој го одигра вчера, Де Шиљо замина во таборот на „аѕурите“.
Чави: Вратата на Барселона секогаш ќе биде отворена за Меси
Тренерот на Барселона Чави Ернандез изјави дека вратата од клубот е отворена за Лионел Меси. Двајцата фудбалери беа соиграчи во каталонскиот клуб, но сега Чави е на чело на тимот, а Меси е дел од францускиот Париз Сен Жермен.
„Меси е најдобриот фудбалер во историјата на клубот. Тој го заслужи правото вратата од клубот секогаш да е отворена за него. Се додека јас сум тренер, тој секогаш ќе биди добредојден доколку сака да се врати еден ден. Како клуб му должиме големо признание, тој тоа го заслужува. Но, сега тој има договор со Пари Сен Жермен, па не сакам повеќе да зборувам“, изјави Чави Ернандез.
Милевски го повика Даци на местото на повредениот Јаховиќ
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Адис Јаховиќ , поради повреда отпадна од списокот за дуелот со Италија (24 март) и евентуалниот завршен бараж за СП против подобриот од мечот Турција – Португалија.
Фудбалерот на Гезтепе почуствувал болка во тетивата на денешниот првенствен натпревар од турското првенство а лекарските прегледи потврдија дека не е во можност да игра.
Затоа селекторот, Благоја Милевски, веднаш прати повик до Ердон Даци кој настапува за белгискиот Вестерло.
Почетино: Срамно беше како игравме против Монако
Тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино беше крајно разочаран по тешкиот пораз од 3-0 од Монако во францускиот шампионат. Ова е четврти последователен пораз за тимот на гости.
„Ова е срамно и неприфатливо. На ниту еден натпревар не можеме да пристапиме така. Треба да застанеме на нозе и да ставиме крај на очајот предизвикан од испаѓањето од Лигата на шампионите. Сите се виновни и мора да престанеме да наоѓаме изговори. Не покажавме дух да се бориме против екипа која исто беше повредена по елиминацијата од европските турнири. Нашето прво полувреме беше незамисливо. Можеме да губиме натпревари и да играме слабо, но не можеме да си дозволиме вакво нешто. Работите се сериозни. Мора да најдеме решение“, додаде тренерот на парижани.
Надал: Чувствував дека не можам да дишам во еден период од натпреварот
Рафаел Надал не успеа да влезе во сезоната на земја со перфектен скор. По титулите во Мелбурн, Австралија Опен и Акапулко, Шпанецот беше неочекувано поразен во финалето на турнир од „Мастерс“ серијата од Американецот Тејлор Фриц со 6-3, 7-6 (7-5).
„Искрено сакав да ја завршам оваа сезона со победа во Индијан Велс. Сите знаат дека ова е еден од моите омилени турнири на тврда подлога. Жал ми е што не можев да дадам максимум поради повредата. Тоа искрено најмногу ме боли“, истакна Надал.
Шпанецот имаше одредени потешкотии и во полуфиналето против неговиот сонародник Алкараз, а во финалето двапати побара помош од физиотерапевт.
„Имав проблеми со дишењето. Не знам точно што е. Кога се движев, се чувствував како да имам грутка во грлото. Исто така чувствував болка во моите ребра. Сето тоа целосно ме спречи. Многу повеќе ме загрижува овој проблем отколку поразот, кој веднаш го прифатив“, вели Шпанецот кој се проби на третото место на АТП листата.
Тој му честиташе и на Фриц, кој го постигна најголемиот успех во кариерата.
„Браво за Тејлор. Ја заслужи титулата. Дадов се од себе во овие две недели, жал ми е што не победив на крајот“, изјави Надал.
Сопственикот на 21. Гренд слем титула сега се упатува кон сезоната на земјена подлога, откако претходно најави дека ќе го прескокне турнирот во Мајами, кој никогаш не го освоил во кариерата.
Дибала одбил продолжување на договорот со Јувентус
Пауло Дибала ја одбил понудата за продолжување на договорот со Јувентус, пренесуваат бројни италијански медиуми. На последната рунда преговори не бил постигнат договор и како што сега стојат работите, Аргентинецот на лето ќе го напушти клубот како слободен играч.
Според написите , раководството на „бјанконерите“ значително ги променило условите на договорот кои ги понудиле во октомври.
Тогашната понуда кон Дибала беше 10.000.000 евра по сезона, од кои 8.000.000 фиксен дел, и соработка на четири и пол години, која Дибала беше подготвен да ја прифати.
Челниците на Јувентус сега ја променија својата понуда и фиксниот дел го спуштија на 7.000.000 евра, за со бонуси цифрата да стигне до 10.000.000 евра. Во понудата е намалена и должината на договорот, односно сега е предложена соработка на три години.
Пауло Дибала не се согласил со понудените услови и тоа веќе му ги соопштил на потпретседателот на клубот Павел Недвед.