feature

Салихамиџиќ потврди дека Баерн преговара со Де Лихт

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ потврди дека преговараат за трансферот на дефанзивецот на Холандија и Јувентус, Матијас де Лихт.

„Преговараме, но не можам да ви кажам ништо повеќе. Дали сум оптимист? Секогаш сум оптимист“, изјави Салихамиџиќ за „Фудбал Италија“.

Претходно беше објавено дека Матијас уште од детството го поддржувал германскиот клуб и сакал да се пресели во тимот од Минхен во 2019 година, но тогаш Баерн се повлече од преговорите поради преголемата сума за трансфер.

Тренерот на германскиот шампион Јулијан Нагелсман лично е заинтересиран за трансферот на младиот дефанзивец и очекува тој да стане предводник на одбраната на неговиот тим.


Лидс ја прифати понудата на Барселона за Рафиња

Познатиот италијански новинар Фабрицио Романо објави дека челниците на англискиот премиерлигаш Лидс Јунајтед ја прифатиле понудата на Барселона за бразилскиот фудбалер Рафиња.

Барселона наводно за ангажман на Рафиња понудила 58 милиони евра плус 10 милиони евра на име бонуси.

Споре новинарот Романо, трансферот би требало да биде финализиран во наредните денови, и Рафиња ќе допатува во Барселона на медицински прегледи и потпишување на договорот.

25-годишниот Бразилец минатата сезона за Лидс одигра 36 натпревари и постигна 11 гола.


Родри го продолжи договорот со Манчестер Сити

Фудбалерот на Манчестер Сити,Родриго, го продолжи договорот со клубот на уште три години.

Од шампионот на Англија соопштуваат дека со новиот договор 26-годишниот шпански фудбалер ќе остане во клубот до 2027 година.

Родри во Сити пристигна пред три години од Атлетико Мадрид, и досега во дресот на клубот од Манчестер одигра 151 натпревар и постигна 13 гола. Со англискиот клуб освои две титули во Премиер лигата, два Лига купа и беше финалист во ЛШ.

Сити во летниот преоден рок ги доведе Ерлинг Халанд и Калвин Филипс.


Никола Калиниќ е нов кошаркар на Барселона

Досегашниот играч на Црвена Звезда,Никола Калиниќ, е ново засилување на кошаркарскиот клуб Барселона.

Искусниот крилен кошаркар со каталонскиот клуб потпиша двегодишен договор и според информациите ќе заработува 1.3 милиони евра по сезона.

30-годишниот Калиниќ минатата сезона во Евролигата просечно постигнуваше 12.6 поени, 4 скока и 3.4 асистенции. Српскиот кошаркар во 2017 со Фенербахче ја освои Евролигата.


Сити се вклучи во трката за Матијс Де Лихт

Манчестер Сити е заинтересиран за потписот на дефанзивецот на Јувентус, Матијс де Лихт, кој е во сферата на интерес на Баерн Минхен, Челзи и Ливерпул.

Де Лихт му се приклучи на Јувентус во 2019 година од Ајакс за 85,5 милиони евра. До денес, холандскиот дефанзивец постигна седум гола и даде три асистенции на 117 натпревари. Договорот меѓу двете страни истекува по сезоната 2023/2024. Во 2017 година, Де Лихт го направи своето деби за репрезентацијата на Холандија и досега има одиграно 38 средби на кои постигна два гола и три асистенции.

Претходно се дозна дека напаѓачот на Манчестер Сити Рахим Стерлинг е блиску до преселба во Челзи и веќе ги поминал медицинските прегледи во новиот тим.


Мурињо незадоволен од преодниот рок

Тренерот на Рома Жозе Мурињо изјави дека е загрижен бидејќи римскиот клуб во досегашниот преоден рок доведе само тројца играчи, пренесуваат италијанските медиуми.

Рома досега ги ангажира Немања Матиќ, Миле Свилар и Зеки Челик. Италијанските медиуми пренесуваат дека двајца од овие тројца нови фудбалери пристигнаа во Рим без обештетување.

Екипата на Рома минатата година беше освојувач на Лигата на конференции.


Шпанското првенство добива ново име од следната сезона

Шпанската Ла Лига или Примера Сантандер, наскоро ќе добие ново име, а тоа ќе се случи од сезоната 2023/24 кога ќе добие ново име.

Банката Сантандер нема повеќе да биде прв спонзор на најсилната фудбалска лига во Шпанија. Новото име ќе биде откриено во август, кога ќе биде потпишан спонзорски договор.

Во изминатите пет години Примера значително ги подигна приходите од своите спонзори. Пред пет години добиваше 50 милиони, а сега лигата инкасира 155 милиони евра годишно. Двојно беа зголемени и примањата од телевизиските права за екипите. Во 2017 година ТВ правата се продаваа за 825 милиони, а моментално за 1,6 милијарда евра.


Руди Фернандез го продолжи договорот со Реал

Кошаркарот на Реал Мадрид Руди Фернандез го продолжи договорот со мадридскиот клуб до јуни 2023 година.

37-годишниот Фернандез е член на Реал од 2012 година, а пред тоа настапуваше за Денвер, Портланд и Хувентуд. 

Искусниот кошаркар со Реал освои два трофеи во Евролигата, шест титули во шпанското првенство, како и пет Купа на кралот.

Фернандез минатата сезона во Евролигата имаше просек од шест поени, три скока и две асистенции по натпревар.


Хуго Екитике пред потпис со ПСЖ

Напаѓачот на Ремс, Хуго Екитике, начелно се согласил да премине во Пари Сен Жермен. 20-годишниот фудбалер веќе се договорил со парижаните за трансферот.

Тој беше многу посакуван од англискиот Њукасл, а тимот од Островот понуди 36 милиони евра и дополнителни 10 милиони евра како бонуси за неговите услуги, но тој одби таков трансфер.

Причината е неговата желба да игра во Пари Сен Жермен.

Младинскиот репрезентативец на Франција минатата сезона постигна 11 гола и даде четири асистенции на 27 натпревари во сите натпреварувања. Тој е оценет како еден од најталентираните напаѓачи на негова возраст во Европа.


Озил го раскина договорот со Фенербахче

Поранешниот германски репрезентативец Месут Озил после 18 месеци несогласувања и турбуленции го раскина договорот со Фенербахче.

Иако уште додека беше член на Арсенал, Озил форсираше трансфер во Фенербахче, сепак после година и пол тој побара раскин на договорот со турскиот клуб поради конфликт со раководството на истиот. Тој ќе го напушти Фенербахче две години пред истекот на договорот и сега е слободен играч.

Во дресот на Фенер, Озил одигра 36 натпревари, постигна осум гола и забележа три асистенции.