Македонскиот фудбалски репрезентативец, Адис Јаховиќ, се очекува овој месец да го напушти неговиот сегашен клуб Гезтепе, откако двете страни се договориле за спогодбен раскин на договорот.
За Јаховиќ интерес изразиле неколку прволигашки екипи од Турција, а како фаворити за негов ангажман се истакнува Бурсаспор.
Арсенал го посакува Тилеманс од Лестер
Медиумите во Англија пренесуваат дека Арсенал е заинтересиран за играчот на Лестер Сити, Јури Тилеманс.
Доколку изборат пласман во Лигата на шампионите, тимот од Лондон се надева дека ќе може да го привлече во своите редови репрезентативецот на Белгија кој веќе најави дека нема намера да го продолжува договорот со Лестер и е можно да си замине ова лето.
Тилеманс е еден од најдобрите играчи од средината на теренот кои настапуваат во Премиер лигата, и оваа сезона во дресот на „лисиците“ постигна 5 гола на14 натпревари.
Кимих пред Хаверц во изборот за најдобар германски играч
Германскиот фудбалски сојуз објави дека играчот на Баерн Минхен, Џошуа Кимих е избран за најдобар германски фудбалер во 2021 година.
Изборот се изврши според добиените гласови од страна на фановите. За 26-годишниот Кимих гласале 33.8%, додека на втората позиција се најде Каи Хавертц од тимот на Челзи со 22.7% од гласовите. На третата место се пласира соиграчот на Кимих од Баерн, Лерој Сане со освоени 13.6 проценти.
Бонучи казнет заради испадот во Суперкупот
Леонардо Бонучи е казнет со 10.000 евра поради конфликтот со техничкиот секретар на Интер, Кристијано Моџило, на крајот од финалето на италијанскиот Супер-куп.
Бонучи по поразот се вмеша во физичка пресметка со човек од централата на Интер кога Алексис Санчез го постигна победничкиот гол за а Моџило се радуваше пред дефанзивецот. -Што правиш? Дали си нормален да се радуваш пред мене? Ќе те убијам!“, му рекол италијанскиот репрезентативец според медиумите на Апенините.
Интер е казнет со 5.000 евра затоа што дозволил член на персоналот да биде на клупата во близина на теренот.
Македонија силно го намачи светскиот футсал шампион
Во пријателскиот натпревар кој се одигра вчера вечер футсал репрезентацијата на светскиот шампион Португалија ја победи Македонија со 3-1 во Лисабон.
Македонија одиграла еден одличен натпревар и после првото полувреме резултатот беше 1-1. Коељо погоди за водство на Португалија во 19. минута, а Македонија изедначи преку Рамадани две минути подоцна.
Тој резултатот беше се до 30. Минута кога Ерик погоди за 2-1 за во последната минута од натпреварот Матос да стрела за конечни 3-1. Денес Португалија и Македонија ќе одиграат уште еден натпревар.
Двата дуели се во рамките на подготовките на Португалија за Европското првенство кое започнува на 16 јануари.
Бесник Ферати најново засилување на Шкупи
Шкупи денес го претстави Бесник Ферати како ново засилување.
За 21-годишниот фудбалер за врска ова е враќање во Чаир после неколку години. Ферати со Шкупи потпиша договор на една ипол година.
„Среќен сум што се враќам во тимот на Шкупи. Доаѓањето во овој клуб за мене носи посебна емоција и се надевам дека ќе имам успеси. Убеден сум дека ќе продолжиме со добрата работа. Ќе се обидам да дадам максимум за дресот кој за мене е посебен“, изјави Ферати.
Ферати доаѓа од редовите на Академија Пандев, инаку е член и на репрезентацијата до 21 година.
Лазаров: Горд сум како одигравме, со малку среќа можевме до бод
Репрезентацијата на Македонија со пораз го започна Европското првенство. Подобра од нашата репрезентација денес беше Словенија (27-25), но сепак ние не разочаравме.
Кога се ќе се собере се добива впечаток дека Словенија на искуство го доби натпреварот со нашата подмладена репрезентација. Задоволство од она што го прикажавме на теренот по мечот истакна и Лазаров.
„Горд сум на тоа што го прикажаа момците денес. Словенија е репрезентација која има играчи во најдобрите тимови во Европа. Секако дека сум разочаран затоа што мислам дека заслуживме најмалку бод, па и два. Физички ги уморивме и ги надигравме, на крајот како да не верувавме дека можеме да победиме. Се обидов да ги убедам, но не усепав и тоа единствената работа од која сум разочаран. Тоа што треба сега да го направиме е да го заборавиме овој натпревар и да се спремиме за следните два. Следи натпреварот со Црна Гора. Треба прво да победиме против Црна Гора, па потоа да мислиме на Данска. На големите натпреварувања секој натпревар е тежок, но очекувам да бидеме се подобри и подобри. На вистинскиот пат сме со овие млади момци“, истакна Лазаров.
Анчелоти: Му се налутив на Пике по натпреварот и лично му ги кажав причините за тоа
Реал Мадрид се пласираше во финалето на шпанскиот Суперкуп, откако ја совлада Барселона со 3-2 по продолженија во Саудиска Арабија.
Тренерот Карло Анчелоти е задоволен поради победата на неговите избраници, па по дуелот даде кратка изјава.
„Мислам дека Барселона не играше добро. Тие напаѓаа преку контра-напади, додека ние седевме длабоко за да може да искористиме некоја контра, што се покажа како продуктивно. Како што кажав претходно, пресингот е тежок за нас поради фудбалерите за врска. Создадовме доволно шанси и постигнавме три квалитетни голови“, кажа Анчелоти.
Италијанецот доби прашање од шпанските новинари и за конфликтот кој го имаше со Жерар Пике, кога Барселона не ја исфрли топката, иако Винисиус Жуниор беше повреден.
„Му бев лут на Пике и му кажав зошто. Требаше да ја исфрли топката како што ние направивме во првото полувреме. Тој ми кажа дека никогаш не ја исфрлале топката надвор од игра во таква ситуација и се извини“, открива Италијанецот.
Хамилтон со можно повлекување од Формула 1
Како што пренесува угледниот „BBC“, Луис Хамилтон сеуште нема донесено конечна одлука дали повторно ќе биде дел од Формула 1 во наредната сезона, поради скандалот со победата на Макс Ферстапен во одлучувачката трка во Абу Даби.
Хамилтон пред да одлучи дали ќе се врати во болидот на Мерцедес, сака да добие објаснување од ФИА, што се случи во последниот круг од трката и зошто било променето правилото околу безбедносното возило на патеката.
По добиениот одговор ќе биде позната судбината на Англичанецот во Ф1 и дали повторно ќе биде дел од најбрзиот циркус на светот.
Роналдо: Не сум тука за да бидам шести или седми на табелата
Ѕвездата на Манчестер Јунајтед излезе со изјава дека е неприфатливо за клуб со такво реноме да се стреми кон помал пласман од Топ 3 во Премиер лигата и истакна дека тој не е во тимот за да биде на седмото место.
Клубот од „Олд Трафорд“ има доста разочарувачка сезона со лоши резултати кои беа причина и за смена на тренерот Солскјер кој во декември беше заменет од германецот Рангник.
„Не прифаќам дека нашиот менталитет е таков да целиме на нешто помалку од првите три позиции во Премиер лигата. Се надевам дека Јунајтед може да го подигне нивото и да биде она што го сакаат навивачите“, изјави Роналдо.
Новиот тренер Ралф Рангник победи на четири од седум натпревари и прими само три гола, но екипата и натаму е седма во Премиер лигата, со 22 бода зад лидерот Манчестер Сити.