feature

Рамос со порака до Марсело: Твоето наследство е вечно

Бразилскиот фудбалски ветеран, Марсело, во понеделникот ја одржа својата конференција за медиумите на која се збогува од Реал Мадрид, клубот за кој настапуваше полни 15 години и стана најтрофејниот играч во историјата на клубот.

Некогашниот негов соиграч и поранешен капитен на Реал Мадрид, Серхио Рамос, не може да ги заборави успесите кои Бразилецот ги постигна во дресот на „кралскиот клуб“.

„Брате, денес се простуваш од клубот, но твоето наследство во Реал е вечно. Ти честитам на постигнувањето на невозможното“, напиша Рамос на социјалните мрежи.

Марсело порача дека не размислува да стави крај на играчката кариера. Наводно, интерес за него веќе покажува Фенербахче кој ќе се обиде да го доведе во Истанбул.


Бернд Лено од Арсенал се сели во Фулам

Фулам, кој избори промоција во Премиер лигата, е во преговори со Арсенал за трансфер на голманот Бернд Лено, тврди „Скај Спортс“.

30-годишниот Германец беше стартер во Арсенал, но откако го ангажираа Арон Рамсдејл, стана втор избор за Микел Артета и имаше само осум натпревари минатата сезона. Американецот Мет Тарнер, кој ќе биде резерва на Рамсдејл, од 1 јули и официјално ќе стане играч на Арсенал. Тоа значи дека лондончани лесно можат да се разделат со Лено, кој има договор со клубот на уште 12 месеци.

Марек Родак и Пауло Газанига беа голмани на Фулам минатата сезона. Сега, сепак, Марко Силва сигурно ќе сака да го засили својот тим за Премиер лигата. Бернд Лено може да стане првото ново засилување ова лето за Фулам.


Арсенал се засили со Бразилецот Маркињос

Англискиот премиерлигаш Арсенал, објави дека ја засили екипата со доведување на бразилскиот напаѓач Маркињос.

Младиот Бразилец кој има 18 години во Арсенал пристигнува од екипата на Сао Паоло. Во клубот од Лондон се задоволни од реализираниот трансфер, и се надеваат дека со Маркињос ќе обезбедат долгорочно засилување за нападот на екипата.


Баерн Минхен го доведе Гравенберх од Ајакс

Рајан Гравенберх и официјално е нов играч на Баерн Минхен. Доскорешниот играч од средниот ред на Ајакс потпиша договор со Баварците до 2027 година. Неговиот трансфер во Баерн изнесуваше 18,5 милиони евра. 

„Горд сум што станав дел од семејството на Баерн. Подготвен сум за сите предизвици кои следуваат“, напиша на Твитер 20-годишниот Гравенберх.


Интер одби 50 милиони, ПСЖ ќе понуди и повеќе за Шкрињар

Пари Сен Жермен е подготвен да ја зголеми понудата до Интер за трансфер на дефанзивецот Милан Шкрињар, објави „Фудбал Италија“.

Откако Интер ја одби првичната понуда на ПСЖ од 50 милиони евра за дефанзивецот, парискиот клуб е подготвен да ја зголеми таа сума. Италијанскиот тим сака да добие 70-80 милиони евра за својот играч.

Изворот вели и дека Шкрињар сака да остане во Интер, но тој е свесен за финансиските потреби на клубот и нема да има ништо против да се пресели во Париз доколку се договорат сите услови од договорот меѓу двата клуба.

Шкрињар дојде во Интер во 2017 година. Минатата сезона на 47 натпревари во сите натпреварувања, словачкиот играч стана автор на четири гола. Договорот на Шкрињар со Интер е до крајот на следната сезона.


Австралија се пласира на СП во Катар

Фудбалската репрезентацијата на Австралија успеа да се пласира на Светското првенство во Катар. Популарните „Сокероси“, во баражот за пласман на СП ја победија селекцијата на Перу и петти пат по ред успеаја да се пласираат на фудбалски мундијал.

Натпреварот после регуларниот дел и продолженијата заврши без голови, па патникот за Катар беше одлучен после изведувањето на пеналите. Херој во селекцијата на Австралија беше голманот Редмејн кој успешно одбрани пенал во шестата серија.

Австралија во Катар ќе игра во групата Д, каде се наоѓаат селекциите на Франција, Данска и Тунис.


Наполи одбил астрономска понуда од Арсенал за Осимен

Лондонски Арсенал понуди 60 милиони евра за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, но веднаш беше одбиена оваа понува. Италијанскиот клуб планира да заработи околу 100 милиони евра за играчот, објавија медиумите во Италија.

Интернет порталот Трансфермаркт го проценува Виктор Осимен на 60 милиони евра. Договорот на фудбалерот со Наполи е до јуни 2025 година. Во сезоната 2021/2022, Нигериецот одигра 32 натпревари за тимот во сите натпреварувања, постигна 18 гола и шест асистенции.

Да потсетиме дека претходно медиумите пишуваа за интересот за Осимен од англиски и германски клубови. Конкретно, се работеше за евентуален трансфер на Виктор Осимен во Манчестер Јунајтед, Њукасл Јунајтед или Баерн Минхен.


Луис Хамилтон неизвесен за трката во Канада

Седумкратниот  светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон успеа да го освои четвртото место на трката за Големата награда на Азербејџан. Но и покрај успешната трка Хамилтон е неизвесен за учество на трката која наредната недела ќе се вози во Канада.

Имено, Хамилтон за време на целата трка во Азербејџан чувствувал силни болки во грбот кои што изгледа ќе го спречат неговиот настап во Канада. Тоа го потврдува и првиот човек на Мерцедес, Тото Волф кој изјави дека повредата на Хамилтон изгледа е од посериозна природа.


Новак Ѓоковиќ не е повеќе прв тенисер на светот

Според најновото рангирање на АТП, Србинот Новак Ѓоковиќ не е повеќе светски тенисер број еден. Неговото владеење со светскиот тенис заврши после изминати рекордни 373 недели на врвот.

Првото место сега му припаѓа на Русинот Данил Медведев кој има 7950 бодови, а за првпат во својата кариера, второто место на АТП листата му припадна на Александар Зверев кој има 7075 бода. Ѓоковиќ се наоѓа на третата позиција со 6770, додека Рафаел Надал е четврт со 6525 бода.


Матеус загрижен за проектот на Флик кој не се развива

Лотар Матеус изрази загриженост дека националниот тим не се развива под водство на селекторот Ханси Флик.

Флик, кој имаше многу успешен престој на кормилото на Баерн Минхен, го предводеше Бундестимот од минатата есен, преземајќи ја функцијата на која Јоаким Лев помина 15 години.

Лев ја освои светската титула во 2014 година, но по 2016 година настапот на германската репрезентација опадна, а според Матеус, Флик не бележи големо подобрување.

„Игрите што ги прикажуваат нашите репрезентации во моментов не покажуваат никаков напредок. Досега не сум видел ништо што би ме убедило во тоа“, изјави Матеус, кој има рекордни 150 натпревари за германската репрезентација.

Во саботата Германија стигна до реми 1-1 на гостувањето во Унгарија, а според Матеус, Германците треба да му се заблагодарат на голманот Мануел Нојер, кој „повторно не спаси од пораз“.