Бразилскиот дефанзивец Дани Алвес најверојатно ќе ја напушти Барселона. Фудбалерот уште чека одговор дали ќе биде во плановите на тренерот Чави за следната сезона.
Договорот на искусниот Алвес истекува на крајот на месецот, а досега двете страни не разговарале за продолжување на истиот.
Барселона веќе го обнови договорот со Серхи Роберто, а се очекува истото да го направи и со Сержињо Дест.
Барди: Поразот е минато, веќе мислиме на Гибралтар
Нашиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди, вели дека мора брзо да се заборави поразот од Грузија во „Ц“ сегментот во Лигата на Нации и да се размислува за наредните мечеви.
„Секој пораз боли, но сето тоа е минато. Мора да мислиме и да гледаме напред, мора да ги поправиме грешките. Нема фудбалер во соблекувалната кој не го дава максимумот, но фудбалот е таков, некогаш и неправеден а ние примивме такви голови со Грузија“, рече Барди.
Мечот меѓу Македонија и Гибралтар ќе биде одигран од 18:00 часот на Арената во Скопје.
Арсенал достави понуда за Милинковиќ-Савиќ
Арсенал е сериозно заинтересиран за српскиот репрезентативец Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Приоритет на Артата ова лето е засилување на средниот ред, а прва желба е токму Милинковиќ-Савиќ.
„Кориере“ тврди дека Арсенал нуди 50 милиони евра, но Лацио бара 65 милиони и не брза да ги продаде бидејќи Србинот има уште две години договор. Но, Арсенал сака со преговори да ја намали разликата и побрзо да го договори трансферот.
Милинковиќ-Савиќ е седум години во Лацио, а неговиот агент истакна дека сега е вистински момент за трансфер и чекор напред во кариерата.
Меѓутоа, неколку европски гиганти покажуваат интерес за Србинот, па поради тоа Арсенал сака што побрзо да го договори трасферот.
Синот на Шекил О’Нил на проба во ЛА Лејкерс
Синот на Шекил О’Нил, Шариф ќе биде на проба во Лос Анџелес Лејкерс, објави на Твитер новинарот на Атлетик, Јован Буха. 22-годишниот кошаркар, кој игра на центарската позиција, веќе бил тестиран во Милвоки и ќе тренира со Кливленд, Атланта и Вашингтон.
Лос Анџелес Лејкерс немаат избор на драфтот на 23 јуни. Лејкерси можат да купат или да разменат драфт пик за да го земат О’Нил. Исто така, клубот од Лос Анџелес може да потпише со кошаркар за периодот од Летната лига и потоа да потпише договор со него доколку не биде избран на драфтот.
Минатата сезона, Шариф О’Нил играше во колеџ шампионатот за Универзитетот во Луизијана, каде што имаше просек од 2,9 поени за 9,0 минути во 14 натпревари.
Шекил О’Нил играше за Лејкерс од 1996 до 2004 година. Тој е четирикратен шампион во НБА, 15-кратен Ол-стар играч, најкорисен играч во НБА (2000), МВП на финале (2000-2002), олимписки шампион во Атланта во 1996 година и светски шампион во 1994 година со Соединетите држави.
Луис Хамилтон доби бразилско државјанство
Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, доби почесно државјанство на Бразил. Хамилтон со државјанство се стекна откако тамошниот парламент донесе закон со кој се поздравува и потврдува поврзаноста на Ф1 возачот со Бразил како и неговото високо почитување кон легендарниот Ајритон Сена.
Луис Хамилтон веста за добивањето почесно државјанство на Бразил, ја прими со големо изненадување но и искрена радост.
Голема победа на македонските одбојкари во БиХ
Македонските одбојкари ја обезбедија и третата победа во групата „Б“ во Сребрената Лига откако беа подобри на гостувањето кај БиХ со убедливи 0-3.
Нашите одиграа одлично во сите три сета и успеаја да ја прекинат серијата од три пораза и да се вратат во игра за врвот на табелата. Утре во нашата група во рамките на 7 коло ќе биде одигран мечот меѓу Романија и Албанија.
Романците се лидери со 11 бодови, Македонија и Албанија имаат по 10 додека БиХ остана на 2 бода.
Луис Суарез прави неочекуван трансфер во Аталанта?
Според објавите во медиумите од Јужна Америка, поранешниот напаѓач на Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид би можел да направи неочекуван трансфер во Серија А, и тоа во Аталанта од Бергамо.
Во последните денови многу се зборуваше за трансфер на Суарез во Ривер Плата, но според информациите, можно е изненадување и негово заминување во Бергамо. Главниот мотив за напаѓачот е тоа што сака да помине барем уште една или две сезони во клуб од Европа.
Челзи го испрати Кристенсен во Барса
Фудбалерот, Андреас Кристенсен, го напушти составот на Челзи. Данецот си замина од стадионот – „Стемфорд Бриџ“ откако му истече договорот.
Негова наредна дестинација е шпанската Барселона. Стоперот дојде кај „сините“ во 2012 година и беше дел од вториот тим.
Тој во периодот од 2015 до 2017 година беше позајмен во германскиот тим Борусија Менхенгладбах. За англискиот состав одигра вкупно 161 меч.
Бернардо Силва не коментира за можноста да ја засили Барса
Пред една година Бернардо Силва беше на излезни врати од Манчестер Сити, но сега 12 месеци подоцна ситуацијата му е поинаква затоа што одигра одлична сезона.
Силва беше еден од најважните играчи на Гвардиола во освојувањето на Премиер лигата. Пеп Гвардиола и самиот во неколку изјави потенцираше колку работите можат да се променат, меѓутоа медиумите и понатаму гледаат сценари ово кое Португалецот би можел да го напушти Манчестер ова лето.
Во последно време Бернардо Силва се поврзуваше со Барселона, а сега прашање на оваа тема добил и самиот фудбалер.
„Барселона? Во овој момент не можам да кажам ништо, почекајте…Сконцентриран сум на репрезентацијата кога се ќе заврши тогаш може да зборуваме. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, изјави Бернардо Силва.
Чуамени е нов играч на Реал Мадрид
Раководството на Реал Мадрид и официјално го објави трансферот на Аурелиен Чуамени од екипата на Монако. Неговиот договор со „кралскиот клуб“ е со важност од шест години.
Целиот трансфер е вреден 80 милиони евра , плус дополнителни 20 милиони во форма на бонуси.
Чуамени одбра да го облече белиот дрес на Реал и покрај сериозниот интерес од Ливерпул и Париз Сен Жермен.
Францускиот репрезентативец официјално ќе биде претставен како играч на Реал Мадрид во вторник, откако претходно ги помина задолжителните медицински тестови.