feature

Де Хеа: Привилегија е да се игра за Манчестер Јунајтед

Шпанскиот голман на Манчестер Јунајтед, Давид Де Хеа изјави дека му претставува голема чест што е дел од клубот од „Олд Трафорд“. Згора на тоа, тој наведува дека за него тоа е поважно од освојување трофеи.

„Секако дека сакаме да победуваме, но да се биде дел од овој клуб е повеќе од кој било трофеј.

Поминав многу време во клубот и тој стана мојот дом. Уживам во секој момент во Манчестер Јунајтед, дури и во лошите моменти. За мене е голема чест што сум дел од „црвените ѓаволи“, прокоментира Де Хеа.


Јонас Вингегард е победник на Тур де Франс

Велосипедистот на екипата Јумбо Висме, Данецот Јонас Вингегард е победник на овогодинешното издание на Тур де Франс.

Вингегард е првиот Данец кој победил на оваа најпозната велосипедска трка уште од Бјарне Рисе во 1996.година.

Втор во генералниот пласман беше Словенецот Тадеј Погачар а третото место му припадна на Британецот Герајнт Томас.

Белата маица за најдобар млад натпреварувач му припадна на Погачар, а точкестата маица за најдобар искачувач ја доби Вингегард. Зелената маица која се доделува на натпреварувачот со најмногу поени ја доби Белгиецот Ваут ван Арт.

Најдобар тим на трката е Инеос Гренадирс.


Чави воодушевен од победата против Реал

Тренерот на Барселона Чави Ернандез беше воодушевен од победата на својот тим против вечниот ривал Реал Мадрид, на пријателскиот натпревар одигран во Лас Вегас.

Барселона го совлада Реал со резултат 1:0, а единствениот гол на натпреварот го постигна Бразилецот Рафиња кој ја засили екипата во овај трансфер период.

„Првото полувреме беше одлично, но второто малку покомплицирано. Додовме тука да победиме и успеавме во тоа. Имавме малку проблеми пред крајот на натпреварот, но сум задоволен од одиграното. Бевме подобар тим. За Барселона нема пријателски натпревари, бидејќи секогаш сакаме да победуваме, а посебно против Реал“, изјави Чави.

Новата сезона во Ла Лига стартува на 13.август. Барселона во првото коло на свој терен ќе игра со екипата на Рајо Ваљекано.


Анчелоти: Овој Реал е посилен од минатогодишниот

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го коментираше настапот на тимот на пријателскиот натпревар со Барселона.

„Добар натпревар. Се обидов да користам нови играчи за да се прилагодам на стилот на тимот. Игравме рамноправно. Сакам да играм натпревари со силни противници. Отпрвин делувавме како во втор план, моравме малку да трпиме. Очигледно, кога ќе ги внесете Каземиро, Крос и Модриќ, станува полесно, но јас сакав да ги вклучам младите. Бев задоволен од играта на тимот во одбраната. Составот на Реал Мадрид е голем, имаме многу играчи. Овој состав е подобар од минатата сезона. Го зголемивме интензитетот на тренинзите. Продолжуваме да работиме“, изјави Карло Анчелоти за „Марка“ .

Да потсетиме дека средбата помеѓу Барселона и Реал Мадрид се одигра во Лас Вегас и заврши со победа на каталонскиот тим со резултат 1-0.


Халанд: Дадов гол, но уште не сум во оптимална форма

Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Холанд, призна дека се уште не е во топ форма по деби голот во победата од 1-0 над Баерн во контролниот натпревар одигран синоќа.

„Беше одлично да се игра против Баерн и да се види во каква состојба сум пред натпреварот против Ливерпул следната недела. Да бидам искрен, се уште не сум во идеална форма, но тоа ќе се случи. Не сум загрижен за тоа. Се чувствувам добро во целина. Беше убаво што се вратив во игра по шест недели без фудбал. Добро е чувството“, изјави Халанд по мечот со Баварците.


Тропските температури го одложуваат стартот на сезоната во Серија А

Поради тропските горештини кои ја зафатија Европа, стартот на Серија А може да биде одложен, најави претседателот на елитниот ранг на италијанскиот фудбал, Лоренцо Касини.

„Првата грижа е климата. Доколку продолжат овие високи температури, ќе биде многу тешко да се започне сезоната според планираното на 13 август. Сигурно ќе биде сезона со аномалии поради зимската пауза за време на Светското првенство во Катар и тажно е што нема да учествуваме таму. Сепак, тоа е предупредување да вложуваме повеќе во нашите млади играчи“, изјави Касини за време на обиколката на стадионот на Удинезе, пренесуваат бројни италијански медиуми.

Милан ја брани титулата шампион на Италија, а заедно со Росонерите, Италија во Лигата на шампионите ќе ја претставуваат Интер, Наполи и Јувентус.


Федерацијата нема пари, БиХ ќе го откаже настапот на Евробаскетот?

Кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина соопшти дека настапите на репрезентативните селекции на големите натпреварувања, вклучително и машката, се под знак прашалник поради недостиг на финансии.

„Ситуацијата, да бидеме целосно отворени и директни, е токму таква што претстојните настапи на Европското и Светското првенство на нашите репрезентации се под голем знак прашалник. Во моментов нема излез, па не е далеку моментот кога ќе бидеме принудени да го откажеме учеството на споменатите натпреварувања“, се наведува во соопштението на Кошарската федерација на БиХ.

Машката репрезентација на Босна и Херцеговина е во групата Б на Евробаскетот и во Келн треба да ги одмери силите со селекциите на Франција, Литванија, Словенија, Германија и Унгарија. 


Надал: Секој тенисер има различен стил на игра

Шпанскиот тенисер, Рафаел Надал, кој принудно се повлече од терените на Вимблдон, изјави дека максимално ќе се подготвува за последниот сезонски Грен Слем кој ќе се реализира во САД.

„Одредени тенисери имаат талент за силно удирање на топката, други не пропуштат ниту една топка а одредени се најдобри на мрежата“, вели Надал.

Тенисерот од Пиринеите има 22 пехара од големите турнири или еден повеќе од Србинот, Новак Ѓоковиќ.


Федерер загуби околу 200 милиони долари со повредата

Роџер Федерер загуби најмалку 200 милиони долари, објави швајцарски „Bluewin“. Федерер е акционер на компанијата „Оn“, која се занимава со производство на спортски чевли.

Се шпекулира дека тој поседува три отсто од споменатата компанија, а кога вложил пари во компанијата, цената на една акција била 38,95 долари.

Војната во Украина, пандемијата на коронавирус и други фактори предизвикаа пад на цената на акцијата на 17,37 долари, што му донесе огромна загуба на Федерер.

„Треба да се нагласи дека берзата е непредвидлива и дека со скок на акциите за краток временски период, Федерер би можел да го надомести сето тоа, па дури и да заработи уште побрзо“, пишува „Switzerland Times“.


Нејмар сака да остане во Париз Сен Жермен

Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Нејмар, изјави дека сака да игра за тој клуб и оваа сезона, и покрај шпекулациите дека ќе го напушта Париз.
„Секогаш сум сакал да останам во клубот. Досега никој од клубот не ми соопштил какви планови има за мене“, потенцира Нејмар.

Тимот на ПСЖ во моментов се наоѓа на турнеја во Јапонија, а Нејмар беше дел од екипата која одигра пријателски натпревар со Урава Ред Дајмондс.

Бразилецот Нејмар во ПСЖ пристигна од Барселона во 2017 година, во трансфер вреден 222 милиони евра. Тој минатата сезона одигра 28 натпревари, постигна 13 гола и забележа осум асистенции.