feature

Ди Марија се согласи да настапува за Јувентус

Италијанските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Париз Сен Жермен Анхел Ди Марија се согласи да ја продолжи својата кариера во Јувентус.

Ди Марија пристигна во ПСЖ во 2015 година, а неговиот договор со клубот од Париз истекува на 30. јуни.

Аргентинецот веќе неколку недели е во преговори со Јувентус кој му понуди двегодишен договор со заработка од осум милиони евра по сезона.

Медиумите тврдат дека тренерот на Јуве Масимилијано Алегри го убедил Ди Марија да го облече црно-белиот дрес. Фудбалерот имаше понуда и од Барселона но сепак се одлучи за заминување во Торино.


110 милиони евра е цената за Виктор Осимен која ја одреди Наполи

Наполи одреди конкретна цена од 110 милиони евра за својот напаѓач Виктор Осимен.

Раководството на клубот одлучило дека тоа е сума која ќе го задоволи клубот и доколку се најде кандидат подготвен да ја плати, нема да го попречат заминувањето на Нигериецот. Наполитанците не сакаат да се разделат со играчот, но не лесната финансиска ситуација околу клубот го оневозможува одбивањето на посолидни понуди за играчи, како што се случуваше во минатото.

Посебно се очекува заминувањето на уште еден многу важен играч за тимот во последните години – Калиду Кулибали. Њукасл е најмногу заинтересиран за Осимен.


Ареола потпиша договор со Вест Хем

Од премиерлигашот Вест Хем соопштуваат дека францускиот голман Алфонс Ареола потпиша долгорочен договор со клубот.

Ареола минатата сезона ја помина во Вест Хем како позајмен играч на Париз Сен Жермен, за сега да потпише петгодишен договор со екипата од Лондон.

Французинот не успеа да се избори за место во ПСЖ, и често беше испраќан на позајмици во други клубови. Тој го бранеше голот на Ленс, Бастија, Виљареал, Реал Мадрид, Фулам.


Серена Вилијамс потврди дека е спремна за Вимблдон

23-кратната гренслем шампионка Серена Вилијамс (САД) објави дека се чувствува подготвена да учествува на Вимблдон. Третиот Грен Слем сезонава ќе се одржи од 27 јуни до 10 јули, а Вилијамс веќе доби „вајлд-карта“ за настап на турнирот во Лондон.

„Работам од утро до мрак. Се чувствувам доволно самоуверена за да се осмелам повторно да бидам најдобра“, напиша таа на социјалните мрежи.

Вилијалмс има седум трофеи на Вимблдон, а минатата година поради повреда на тетивата на мечот од првото коло мораше рано да го заврши настапот на турнирот.


Галатасарај доставил понуда за ангажман на Видал

Артуро Видал сигурно нема да остане во Интер, а нема недостиг од луѓе кои сакаат да го привлечат. Меѓу нив е и турскиот гигант Галатасарај, кој е подготвен да му понуди речиси иста плата како што ја добива Чилеанецот од „нероазурите“.

Видал има понуди од неколку други клубови – Фламенго, Бока Јуниорс и Интер Мајами, но нивните понуди финансиски се инфериорни во однос на турската.

35-годишниот играч од средниот ред веќе изјави дека не му пречи да се врати во Јужна Америка, но во оваа фаза поверојатно е кариерата да ја продолжи во Галатасарај.

Минатата сезона Видал одигра вкупно 41 натпревар на кои постигна два гола и четири асистенции.


Србинот Давидовац прво засилување на Рајковиќ во ЦСКА

Македонскиот кошаркарски тренер Емил Рајковиќ го донесе првото засилување откако стана шеф на стручен штаб на московска ЦСКА. Станува збор за долгодишниот играч на Црвена Ѕвезда и повремен српски репрезентативец, Дејан Давидовац.

Давидовац одигра уште една одлична сезона, со Црвена звезда ја освои тројната круна, Купот Радивоје Корач, АБА лигата и кошаркарската лига на Србија.

Сега веќе спаѓа во групата на поискусни играчи, наполни 27 години, има богато искуство и завидна бројка на трофеи, вкупно десет.

Србинот ја напушти Црвена звезда со која договорот му истекуваше на последниот ден од јуни.

За услугите на Давидовац беше заинтересиран и Баерн Минхен, но откако рускиот тим му понуди 800.000 евра годишна плата на Србинот тој ја прифати понудата.


Лукаку одлета за Миланo да потпише за Интер

Интер треба да го комплетира трансферот на  Ромелу Лукаку следната недела. Напаѓачот на Челзи се враќа во италијанскиот клуб на позајмица.

Во среда тој ќе пристигне во Милано, ќе ги помине медицинските прегледи и ќе потпише договор со Интер. Ромелу Лукаку  наводно се согласил на 30% намалување на платата за да се врати во Интер, од 10 милиони фунти годишно на 7 милиони фунти годишно по оданочување.

Белгиецот играше за Интер од 2019 до 2021 година. Тој минатото лето беше продаден на Челзи за 115 милиони евра. 29-годишниот напаѓач минатата сезона постигна 15 гола на 44 настапи за Челзи  во сите натпреварувања.


ЕХФ ги објави клубовите кои добиваат „вајлд-карта“ за Лигата на шампиони

Европската ракометна федерација денес ги објави имињата на клубовите кои ќе добијат специјална покана за настап во групната фаза од Лигата на шампионите следната сезона.

„Вајлд-карта“ за учество во ЛШ обезбедија екипите на ППД Загреб, Нант, Веспрем, Елверум, Висла Плок и Целје Пивоварна Лашко.

Овие екипи ќе им се приклучат на ГОГ Гудме, ПСЖ, Барселона, Магдебург, Кил, Пик Сегед, Киелце, Порто и Динамо Букурешт кои веќе си имаа обезбедено пласман во Лигата на шампионите.


Руските и белоруските тенисери в година се враќаат на Вимблдон

Тенисерите од Русија и Белорусија не можат да учествуваат на овогодинешниот Вимблдон, но нивното враќање би можело да се очекува следната сезона.

Директорката на тенискиот клуб Ол Ингланд, Сали Болтон изјави дека забраната на Русите и Белорусите да играат на Вимблдон најверојатно ќе биде ограничена само на оваа година.

„Одлуката што ја донесовме се однесува само на оваа година. Сè уште веруваме дека одлуката беше правилна. Сепак, невозможно е да се предвиди каде ќе бидеме за една година“, рече Болтон.

Иако се чинеше дека Вимблдон е многу експлицитен кога станува збор за оваа одлука, Болтон истакнува дека било многу тешко да се одлучи за судбината на руските и белоруските тенисери.

„Беше многу тешко да се донесе таква одлука и длабоко жалиме за сите оние кои ќе бидат погодени од тоа“, истакна Болтон.


Барселона со ултиматум до Дембеле

Фудбалерот на Барселона Усман Дембеле доби ултиматум до 30.јуни да одговори дали ќе ја прифати понудата за продолжување на договорот со каталонскиот клуб.

Францускиот фудбалер сеуште не дал мислење за новиот предлог договор со кој се предвидува пониска плата од досегашната. Тренерот на Барселона, Чави Ернандез изјави дека посакува Дембеле да остане во тимот, но прашање е дали фудбалерот ќе прифати намалување на платата.

Дембеле пристигна во Барселона во 2017 година од Борусија Дортмунд за сума од 140 милиони евра. Според шпанските медиуми тој има шанса да ја продолжи својата кариера во Барса, или да направи трансфер во Ливерпул, Челзи или ПСЖ.