feature

Тен Хаг изби како прв фаворит за клупата на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед по се изгледа го стави тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг на врвот на листата на потенцијални кандидати за местото менаџер на клубот следната сезона.

Англискиот клуб веќе влегол во контакт со тренерот на Ајакс. Клубот направи анализа на ситуацијата во која сега се наоѓа Тен Хаг и е решен нему прв да му понуди можност да го преземе клубот во јуни.

Претходно беше објавено дека Тен Хаг навистина сака да го води Манчестер Јунајтед, но најпрво сака добро да го научи англискиот јазик.


Интер бара Аргентина да ги ослободи Лаутаро и Кореа од мартовските натпревари

Првите луѓе на Интер ќе побараат од Аргентинската фудбалска федерација да ги изостави репрезентативците, Лаутаро Мартинез и Хоакин Кореа за квалификациските мечеви против Венецуела (26 март) и Еквадор (30 март).

Италијанците се определија за такво барање бидејќи „гаучосите“ имаат обезбедено место на СП а „нероаѕурите“ ги чека дерби со Јувентус на 3 април веднаш по паузата за репрезентативните активности.

Италијанскиот тим сака Мартинез и Кореја да бидат максимално подготвени за да настапат против „старата дама“. Тоа може да биде решавачки меч за титулата во Серија А.


Лоши вести за Гвардиола и Сити – Рубен Дијаз го чека подолга пауза

Дефанзивецот на Манчестер Сити, Рубен Дијаз, поради повреда ќе биде надвор од терените помеѓу четири и шест недели.

Оваа вест ја потврди тренерот на екипата, Пеп Гвардиола, кој истакна дека 24 годишниот Португалец, повредата ја заработи на натпреварот од ФА купот против тимот на Петерборо.

После деталните медицински прегледи стана јасно дека Дијаз го чека подолга пауза. Неговото отсуство ќе претставува голем проблем за актуелниот шампион на Англија, пред наредните дуели во Премиер лигата, особено пред градското дерби со Манчестер Јунајтед кое се игра во недела.


Јокиќ добива супермаксимален договор со Денвер Нагетс

Никола Јокиќ е на прагот да потпише супермаксимален, петгодишен договор со Денвер Нагетс, според кој треба да заработи 241 милион долари!

Оваа информација ја пренесе агентот на српскиот кошаркар, Мишко Ражнатовиќ во интервју за подкастот „Урбонас“, чиј водител е познатиот кошаркарски новинар Донарас Урбонас.

„Според нашите очекувања, договорот треба да биде потпишан на лето. Тој го заслужува максимумот“, изјави Ражнатовиќ гостувајќи во подкаст со новинар од Литванија.

Она што дополнително привлекува внимание е коментарот на Боби Маркс, специјалист за финансии во НБА лигата. Тој истакна дека договорот на Никола ќе биде најголемиот во историјата на лигата, бидејќи досегашниот рекорд го држи Јанис Адетокумбо.


Македонија пријави три атлетичари на Балканското првенство

Македонија со тројца атлетичари ќе се појави на Балканското првенство за сениори во сала, кое утре почнува во Истанбул, Турција. На балканскиот шампионат ќе учествуваат 22 држави, членки на Балканската федерација, со преку 350 атлетичари.

Македонија ќе ја преставуваат Јован Стојоски во дисциплината 400 метри., пријавен со личен резултат и рекорд на Македонија 47,18 секунди, Дарио Ивановски во дисциплината 3000 м. со личен резултат и рекорд на Македонија 8.01:63 минути, како и Андреас Трајковски, кој ќе се натпреварува во две дисциплини, скок во далечина со личен резултат и рекорд на Македонија 7,65 метри и 60 м. со личен резултат 6,90 секунди.

Дарио Ивановски минатата година донесе златен медал од ова првенство, па останува да видиме дали ќе биде потврден овој успех и закитен со уште некој медал.


Тухел: Челзи е совршено место за мене

Тренерот на Челзи, Томас Тухел, нема никакви дилеми околу останувањето на тренерската позиција во екипата и покрај желбата на сопственикот Роман Абрамович да го продаде клубот.

Абрамович веќе најави дека си заминува од клубот чиј сопственик е од 2003 година. За купување на Челзи веќе се појавија неколку заинтересирани купувачи, меѓу кои швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис и американскиот инвеститор Тод Бели.

„Неколку пати досега истакнав дека обожавам да работам во Премиер лигата. Ја сакам Англија и ја осеќам нејзината фудбалска традиција на секој чекор. Ова е совршено место за мене и посакувам да останам уште многу долго“, изјави Тухел.


Фајнал фор турнирот од Евролигата ќе се игра во Белград

Белград ќе биде домаќин на завршниот турнир на кошаркарската Евролига за 2022 година.Турнирот требаше да се одржи во германскиот Берлин, но наместо тоа беше преместен во главниот град на Србија. Дополнително се изврши и промена на датумите на одигрување. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 19. мај, а натпреварот за третото место и финалето се закажани за 21 мај.

Раководството на Евролигата се согласи да го премести турнирот од Берлин поради анти ковид мерките и здравствените правила кои се на сила во главниот град на Германија. Овој потег ќе им овозможи на повеќе навивачи да ги следат натпреварите во живо.

Белград беше домаќин на фајнал фор турнирот и во 2018 година, кога победник беше екипата на Реал Мадрид.


Де Врај сака промена, Тотенхем спремен да достави понуда

Стефан де Врај би можел да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Тотенхем е заинтересиран за услугите на 30-годишниот играч и ќе направи се, ова лето да го донесе во Лондон.

Според информациите, англискиот клуб е подготвен да му понуди на играчот 4-годишен договор со плата од 6,5 милиони евра по сезона. Италијанскиот клуб може да го продаде дефанзивецот за сум од 25 до 30 милиони евра.

30-годишниот Де Врај игра во актуелното италијанско првенство од 2018 година, а има договор со „нероаѕурите“ кој му истекува следната година.


Париз Сен Жермен заинтересиран за Сергеј Милинковиќ – Савиќ

Иако во моментов, најголем приоритет на ПСЖ е обидот да го задржи Килијан Мбапе во екипата, сепак челниците на клубот размислуваат и околу потенцијални засилувања за летниот период.

Според француските медиуми, една од главните трансфер мети на парижаните ќе биде фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ – Савиќ.

Српскиот играч од средината на теренот игра во одлична форма оваа сезона и веќе интерес за него покажуваат Јувентус, Атлетико Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Како опција за негово доведување во ПСЖ, спортскиот директор Леонардо, освен потребната сума за обештетување би можел да вклучи и некои играчи кои би заминале во Лацио, како Вајналдум или Дракслер.


Бундеслигата нема да суспендира фудбалери од Русија и Белорусија

Воената инвазија на Украина скапо ја плаќаат руските и белоруските спортисти кои веќе се казнети на повеќе полиња. Тимовите и репрезентациите на овие земји се суспендирани од различни спортови.

Сепак, Бундеслигата го одби ваквото барање. Германската лига соопшти дека нема намера да ги суспендира руските и белоруските спортисти кои играат во нивните клубови иако инвазијата врз Украина од страна на Русија трае неколку денови.

Покрај фудбалската Бундеслига на таков потег се решија, ракометната, одбојкарската и хокеарската лига. Според нив нема потреба да се казнуваат спортистите поради политичката ситуација во Украина.