feature

Барса фаворит за потписот на Гундоган

Германскиот играч за врска од Манчестер Сити, Илкај Гундоан, кариерата би можел да ја продолжи во Барселона.

Според италијанскиот новинар Фабрицио Романо, 31-годишниот Германец е мета на интерес кај Барселона и лондонски Арсенал.

Гундоан оваа сезона во Премиер лигата забележа 26 настапи за Сити, постигнувајќи шест гола и четири асистенции. Вчера стана јасно дека тој добил информација дека може ова лето да го напушти клубот и да си побара нова средина.

Дел од германските медиуми пишуваа дека Гундоан би можел да замине и во американската МЛС лига.


ЦСКА Москва ќе настапува во Евролигата како домаќин во Белград

Кошаркарскиот клуб ЦСКА од Москва, од идната сезона би можел повторно да настапува во Евролигата, но своите натпревари како домаќин да ги игра во Белград.

Според информациите, рускиот клуб поднел барање до Евролигата, да остане член на Евролигата, и предлогот да биде разгледан на Фајнал Фор турнирот кој викендов се одржува во Белград.

Руските екипи беа исфрлени од Евролигата, поради почетокот на војната во Украина, а покрај ЦСКА, забрана за настап добија и екипите на Зенит и Уникс.


Французинот Дика Мем го продолжи договорот со Барса

Барселона потврди дека е продолжен договорот со Французинот Дика Мем.

Дика Мем имаше договор до 2024 година и се споменуваше дека ПСЖ сака да го доведе во своите редови, а сега е јасно дека тоа нема да се случи. Новиот договор на одличниот француски ракометар со Барселона има важност до 2027 година.

„Многу сум среќен што го продолжувам договорот, од самиот почеток тоа беше мојата желба. Не размислував за понудите од други клубови, Барселона секогаш беше мојот прв избор. Сега сум мирен и можам да се фокусирам на други работи“, изјави Дика Мем при потпишувањето на договорот.


Конте ќе ги задржи Кулушевски и Ромеро

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, планира да ги откупи договорите на Дејан Кулушевски и Кристијан Ромеро.

Тотенхем направи вистински резултатски подвиг оваа сезона во Премиер лигата, и најверојатно ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите за наредната година.

Голема заслуга за остварување на добрите резултати имаат играчите Кулушевски и Ромеро, кои во Лондон пристигнаа како позајмени играчи. За Кулушевски кој на 17 натпревари постигна 3 гола и запиша осум асистенции, Јувентус побарува 35 милиони евра, додека за останување на аргентинскиот репрезентативец, Ромеро, Тотенхем на Аталанта ќе мора да му исплати 45 милиони евра.


Рафиња преговара за трансфер во Барса

Фудбалерот на Лидс, Рафиња, би можел да и се приклучи на Барселона во летниот преоден рок. Бразилскиот фудбалер се договорил со шпанскиот тим, но, преговорите меѓу клубовите се прекинати до крајот на сезоната.

25-годишниот напаѓач во сезонава забележа 35 настапи во сите конкуренции. Постигна десет голови и имаше три асистенции.

Договорот на Рафиња со Лидс е до 30 јуни 2024 година. Неговата трансферна вредност е околу 45 милиони евра.


Саша Калајџиќ од Штутгарт најнова желба на Баерн Минхен

Баерн Минхен е сериозно заинтересиран по голгетерот на Штутгарт, Саша Калајџиќ.

Калајџиќ има 24 години, есенскиот дел сезонава го пропушти поради повреда на рамото, а во вториот дел од сезоната на 15 натпревари постигна шест гола. 

Австрискиот репрезентативец го привлече вниманието на многу клубови, меѓу кои и ПСЖ, па Баерн сака да ја победи конкуренцијата.

Баварците се во потрага по нов напаѓач, бидејќи иднината на Левандовски е неизвесна, а во Калајџиќ гледаат идеален наследник на Полјакот.


Хофенхајм ја прекина соработката со тренерот Хенес

Од таборот на бундеслигашот Хофенхајм соопштуваат дека Себастијан Хенес не е повеќе тренер на екипата.

Како причина за прекин на соработката се наведуваат лошите резултати на тимот, посебно поразот со 1:5 од Борусија Менхенгладбах во последното коло сезонава.

Себастијан Хенес на позицијата тренер на Хофенхајм беше назначен во  јули 2020 година.


Ќатип Османи останува тренер на Ренова

Членот на Првата македонска фудбалска лига, екипата на Ренова, го продолжи договорот со тренерот Ќатип Османи.

Османи ќе остане на тренерската позиција и во наредната сезона, и ќе се обиде да обезбеди подобар пласман од петтото место кое тимот го освои оваа сезона.


Еурофарм Пелистер се раздели со тренерот Бабиќ

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, соопшти дека ја прекинува соработката со тренерот на екипата, Жељко Бабиќ.

Хрватот Бабиќ беше главен тренер на битолските ракометари во последниве две и пол години, но неговото заминување од клубот беше очекувано после неуспехот во првенството и Купот на Македонија, каде Пелистер ја загуби битката за трофеите од скопски Вардар.

Од Еурофарм Пелистер изразуваат јавна благодарност до Бабиќ за неговата работа во развојот на клубот, а името на новиот тренер ќе биде соопштено во најскоро време.


Ричарлисон ќе биде замената за Левандовски во Баерн

Ричарлисон би можел да се префрли од англиската Премиер лига во германската Бундеслига, објавија медиумите во Германија.

Истите тврдат дека за трансферот на играчот е заинтересиран Баерн Минхен, кој го гледа како потенцијална замена за полскиот напаѓач Роберт Левандовски, кој може да го напушти германскиот тим ова лето.

Баерн веќе влезе во преговори со англискиот клуб, но засега е во рана фаза.

Бразилскиот напаѓач Ричарлисон (25) оваа сезона во Премиер лигата на 29 натпревари за Евертон постигна девет гола и даде пет асистенции. Неговиот договор со клубот е до 30 јуни 2024 година. Порталот Трансфермаркт ја проценува вредноста на играчот на 50 милиони евра.