feature

Овермарс ги одбил понудите од Њукасл само за да остане во Ајакс

Марк Овермарс ја одби понудата на Њукасл да стане спортски директор во клубот. 48-годишниот Холанѓанец ја извршува функцијата во Ајакс од 2012 година и за тоа време стекна репутација како специјалист за откривање и развивање таленти од светска класа. Затоа новите сопственици на Њукасл сакаа да го привлечат во својот проект. Сепак, според одредени медиуми на Островот, Овермарс одлучил да остане во Холандија и да ја продолжи својата работа во Ајакс.

Во меѓувреме, Њукасл се очекува денеска да го објави назначувањето на Еди Хау, кој ќе го замени Стив Брус на менаџерската позиција. Поранешниот тренер на Бурнемаут во живо го следеше гостувањето кај Брајтон во саботата, а Њукасл е на претпоследното место на табелата во Премиер лигата само благодарение на подобрата гол-разлика од Норич.


Стивен Џерард седнува на клупата на Астон Вила?

Легендата на Ливерпул и актуелен тренер на Глазгов Ренџерс, Стивен Џерард е голем фаворит за преземање на клупата на Астон Вила, по отказот кој му беше доделен на довчерашниот тренер Дин Смит.

Според англиските медиуми, Џерард е на врвот на листата кај управата на Астон Вила, но како можни кандидати се споменуваат и имињата на Ралф Хазенхотл кој е актуелен тренер на Саутхемтон, и селекторот на данската фудбалска репрезентација,Каспер Хулманд.


Лоши вести за ЛА Лејкерс, се повреди Леброн Џејмс

Најдобриот играч во екипата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, ќе мора да паузира најмалку два месеци поради повреда на мускулот во пределот на абдоменот, пренесуваат медиумите од САД.

Популарниот Леброн, повредата ја заработил на натпреварот против Оклахома во кој ЛА Лејкерс загуби со 107:104.

 Џејмс оваа сезона има просек од 24,8 поени, 7 асистенции и 5,5 скока по натпревар.


Симеоне: Не ги обвинувајте фудбалерите, јас сум виновник за ремито во Валенсија

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, го коментираше резултатот од натпреварот од 13. коло на шпанскиот шампионат со Валенсија (3-3).

„Противникот беше фокусиран. Ова е пристојно реми за Валенсија. Што имам да кажам, го кажав во соблекувалната. Тешко е да се загубат бодови, но не можам да бидам лут на тимот по работата што ја направија на овој натпревар и на натпреварот против Ливерпул. Во фудбалот треба да платите за грешките. Беше одличен натпревар, имавме 80-85 одлични минути, но за жал сите понекогаш грешиме. Кривицата за загубената победа не би ја префрлил на ниту еден од играчите. Ако треба да обвинете некого, виновен е тренерот, а не некој играч“, изјави Симеоне.

По 12 одиграни кола, Атлетико се наоѓа на четвртото место на табелата со 23 бода.


ПСЖ не сака да ги пушти повредените Меси и Паредес на репрезентативните активности

Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, изрази мислење дека Парижаните не се обврзани да ги пуштат играчот од средниот ред Леандро Паредес и напаѓачот Лионел Меси во репрезентацијата на Аргентина за ноемвриските натпревари, поради фактот што играчите продолжуваат да закрепнуваат од повредите.

„Не се согласуваме дека сме обврзани да испраќаме фудбалери во репрезентацијата кои според нас се во слаба физичка форма или се во фаза на опоравување. Ова е нелогично и таквите ситуации заслужуваат ФИФА да го регулира овој процес од правна гледна точка“, рече Леонардо во својата изјава пред ноемвриските квалификации за СП. Да потсетиме дека Меси ги лекува коленото и тетивата, а неговиот сонародник штотуку се врати на тренинзите откако се опорави од повредата на колкот.

Лекарскиот тим на Аргентина се надева дека и двајцата играчи ќе се вратат во форма за натпреварот против Бразил на 17 ноември, додека нивниот настап против Уругвај четири дена претходно изгледа малку веројатен.


Јирген Клоп тргнува по Педро Гонсалвеш од Спортинг

Екипата на Ливерпул сака во своите редови да го доведе играчот на Спортинг Лисабон, Педро Гонсалвеш.

Јирген Клоп се надева дека Португалецот ќе пристигне на „Енфилд“  во јануари со што ќе ги засили опциите во нападот на тимот.

Како главна причина за доведување на Гонсалвеш е фактот што Ливерпул ќе остане без услугите на Мохамед Салах и Садио Мане кои на почетокот од следната година ќе учествуваат на Африканскиот куп на нации.

Главен проблем при доведувањето на 23-годишниот фудбалер е неговата висока откупна клаузула со шампионот на Португалија која изнесува 67,5 милиони фунти.


Верстапен по победата во Мексико: Ситуацијата во првенството изгледа добро

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на трката за Големата награда на Мексико. За Верстапен ова беше трета победа на патеката во Мексико Сити.

Холанѓанецот Верстапен, по победата изјави дека ситуацијата во првенството за него изгледа добра, но е свесен дека работите можат да се променат многу брзо.

„Ни претстои долг пат. Работите изгледаат добро во моментов, но можат многу брзо да се променат. Со нетрпение ја чекам трката во Бразил, од каде носам убави спомени“, изјави Верстапен по завршетокот на трката во главниот град на Мексико.

На 4 трки до крајот на сезоната, возачот на Ред Бул е прв на табелата со 19 поени предност пред Луис Хамилтон од Мерцедес.


Новак Џоковиќ ја освои рекордната 37-ма Мастерс титула

Српскиот тенисер Новак Џоковиќ е победник на турнирот од Мастерс серијата кој се одржа во Париз, победувајќи го во финалето Русинот Данил Медведев со 2:1 во сетови.

Со освоениот трофеј во Париз, Џоковиќ сега има рекордни 37 победи на турнирите од Мастерс серијата со што го надмина Рафаел Надал кој остана на 36 освоени титули.

Со самиот пласман во финалето на парискиот турнир, Новак Џоковиќ ја заврши годината на првото место од АТП листата по рекорден 7-ми пат, еден повеќе од легендарниот Пит Сампрас.


Тотре и Бабунски повикани во репрезентацијата на Македонија

Ердал Ракип и Адис Јаховиќ поради повреда нема да се стават на располагање на тимот за подготовките и натпреварите на македонската А репрезентација против Ерменија (11 ноември) и Исланд (14 ноември) од квалификациите за Светското првенство 2023. 

Фудбалерот на шведски Малме има болка во коленото и денешниот извештај од магнетната резонанца ќе потврди колку време Ракип ќе отсуствува од терените. Адис Јаховиќ поради повреда излезе во 16. минута во вчерашниот настап за својот тим Гезтепе против Конјаспор од турското првенство. 

Селекторот на нашата најдобра репрезентација, Благоја Милевски дополнително ги повика Енур Тотре од Тирана и напаѓачот на Ботев Враца, Доријан Бабунски. Двајцата фудбалери ќе бидат на првиот тренинг на репрезентацијата. 

Денес националниот тим го имаше првиот собир спроти последните два меча од мундијалските квалификации. Првиот тренинг е денес од 17:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.


Бруно Фернандеш: Време е сите да се погледнеме в очи

Бруно Фернандеш не го криеше разочарувањето по поразот со 0-2 од Манчестер Сити во Премиер лигата.

„Треба да зборуваме помалку, а да правиме повеќе. Ова важи и за мене. Треба да се промениме, бидејќи ова веќе ни се случува многу, многу пати. Тоа што го направивме не беше доволно. Ако сакаме да бидеме рамноправни со нив, мора да направиме повеќе. Сега покажаа дека не сме на исто ниво. Секој треба да се погледнеме себеси. Затоа е добро да се погледнеме во огледало и да видиме што правиме погрешно“, вели Португалецот.