feature

Евробаскет: Србија е нов европски шампион!

Во големото финале кое се играше во Валенсија, Србинките ја совладаа Франција со (63:54) и го повторија успехот од 2015. година, кога против истиот ривал дојдоа до својата прва круна.

Иако „триколорките“ беа фаворити пред натпреварот, Србија водеше во најголемиот дел од мечот и заслужено стигна до победата и титулата.

Првата „опиплива“ предност ја направи во втората четвртина кога по серијата од 13-0 поведе со 31-18. Франција врати со осум поени во низа, но Србија во третиот период стигна до највисоките +18 (46-28).

Повторно противникот постигна девет поени во низа, но тоа беше се што успеа да направи. Србинките мирно го одиграа последниот квартал и стигнаа до титулата.

Српската репрезентативка Соња Васиќ е прогласена за најкорисна кошаркарка на Европското првенство.

Во финалето против Франција постигна 12 поени, а шампионатот го заврши со просечен индекс 15 и и 18,6 поени по меч.

Заедно со неа, во идеалната петорка се најдоа уште Ема Месеман и Џули Олеман од Белгија, Џонкел Џоунс од БиХ и Енди Мијем од Франција.



Јуве го продава Турчинот Мерих Демирал

Дефанзивецот Мерих Демирал може да го напушти Јувентус ова лето. Турскиот репрезентативец имал средба со управата на клубот и потенцирал дека не е задоволен од улогата која ја има во екипата.

Јувентус е подготвен да ги разгледа предлозите за трансфер на Демирал, доколку за него бидат понудени најмалку 40 милиони евра. Евертон, Тотенхем, Аталанта и Рома покажуваат интерес за турскиот дефанзивец, но засега нема клуб кој може да ја плати целата сума на трансферот. Затоа многу поверојатно е тој ова лето да оди на позајмица со опција за откуп на договорот следната сезона.



„Кралевите“ сакаат само супер-ѕвезди: Или Халанд и Мбапе или никого!

Реал Мадрид не планира да прави голем број трансфери ова лето. Од клубот се децидни, летово се заинтересирани само за две имиња: Халанд од Борусија и Мбапе од ПСЖ.

Новиот тренер Карло Анчелоти најавил дека клубот нема намера да купува нови играчи ова лето, освен ако двајцата млади голгетери успеат да се договорат со управата на мадридскиот тим.

Италијанецот е подготвен да работи со постојниот состав, со едно конкретно засилување во името на Мартин Одегард, кој се врати на „Бернабе“ по позајмицата во Арсенал. Анчелоти верува дека тој ќе биде изненадувањето на Реал во новата сезона.



Стеф Кари би можел да го напушти Голден Стејт

Стеф Кари, за многумина најдобриот шутер на сите времиња, би можел да го напушти тимот на Голден Стејт Вориорс. За тоа се зборува уште од Ол-Стар викендот, кога како што се тврди, Леброн Џејмс тргнал во мисија да го наговара својот добар пријател да се пресели во Лос Анџелес Лејкерс.

Навивачите на Вориорс почнаа да стравуваат што ќе се случи во 2022. година, кога на Кари ќе му истече договорот, а би можеле да стравуваат уште повеќе по зборовите на сопственикот на клубот Џо Лакоб.

„Ако сака да замине по истекот на договорот, може да го направи тоа. Ќе биде слободен играч и го заслужил“- изјави Лакоб.

Сепак, тој е сигурен дека Кари ќе ја продолжи верноста со Вориорс.

„Не ме загрижува играчот за кого говорат дека сакаат да го доведат. Не мислам дека тоа ќе се случи. Се надевам дека Стеф ќе остане со нас до крајот на кариерата, а мислам дека тоа е и негова желба.“



Oсимен одморот го минува играјќи фудбал во ненормални услови

И покрај астрономската сума која ја заработува, Осимен не заборавил каде ги направи своите први фудбалски чекори.

Некои играчи уште не ја завршиле сезоната поради настапот на Еуро, други уживаат со семејствата на егзотични дестинации, а Осимен одморот го поминува на еден посебен начин.

На социјалните мрежи се појавија фотографии како фудбалерот за кој Наполи плати 70 милиони евра игра фудбал со пријателите во неговото родно место.



Чилвел и Маунт се враќаат во тимот на Англија против Германија

Фудбалерите на Англија, Мејсон Маунт и Бен Чивел, кои беа во карантин откако имаа контакт со шкотскиот интернационалец Били Гилмор, кој беше позитивен на ковид-19, полека се вратија на индивидуални тренинзи.

Бидејќи периодот за карантин им истекува в понеделник на полноќ, тие добија дозвола да работат одвоено од главната група и да вежбаат во теретаната на хотелот. Тоа значи дека дефанзивецот и играчот за врска ќе му бидат на располагање на селекторот, Герет Саутгејт за осмина-финалето со Германија во вторник.

Чилвел сè уште нема запишано ниту една минута на Евро 2020 додека Маут беше меѓу главните играчи на „Трите лава“ на стартот на групната фаза.



Дешамп без леви бекови за натпреварот против Швајцарија

Дидие Дешамп во пресрет на четвртфиналето со Швајцарија, ќе мора да пронајде замена за Стартерот Лука Хернандез од Баерн Минхен и неговата резерва во репрезентацијата, Лука Дин од Евертон кои се повредени.

Тоа значи дека еден играч во тимот ќе мора да биде прекомандуван да игра на позицијата лев бек. Прва опција е централниот дефанзивец на Пари Сен Жермен, Преснел Кимпембе, кој во младинските лиги има одиграно многу мечеви како лев бек.

Втора опција за Дешамп е Корентин Толисо или Адриен Рабио. Двајцата играат лево во средниот ред, но, сега може да добијат дефанзивни задачи. Последната опција на Дешамп е да го искористи десниот бек, Лео Дубоис, кој се уште нема настап на ЕП.



Русинот Кокорин експресно го напушта италијанскиот фудбал

По само шест месеци поминати во Италија, 30-годишниот руски напаѓач од екипата на Фиорентина, Александар Кокорин може да го смени клубот. Клубови од Русија и Блискиот исток се заинтересирани за услугите на играчот.

„Виолетовите“ немаат против да го продадат, но само за соодветна сума.

Кокорин се пресели во италијанскиот клуб од Спартак на крајот на јануари 2021. Тој одигра 4 натпревари за Фиорентина, а има важечки договор до јуни 2024 година.



Беитар договори контролен натпревар со Барса во Ерусалим

Барселона требаше да игра пријателски натпревар против Виљареал, но противникот е заманет и Каталонците на 4 август ќе гостуваат во Израел.

Во главниот град на Израел, Ерусалим, Беитар ќе ја пречека Барселона. Во Ерусалим требаше да се игра дуелот помеѓу Барселона и Виљареал, но победникот од Лига Европа го откажа тој дуел па Барселона за ривал ќе ја има домашната екипа.

И додека Израелците пишуваат за доаѓањето на големите ѕвезди, Шпанците се базираа на еден интересен податок. Имено, екипата на Беитар од клупата ја води Ервин Куман, брат на тренерот на Барселона, Роналд Куман.



Бошковски промовиран во нов тренер на Тинекс Пролет

Поранешниот стратег на Вардар и на Еурофарм Работник, Андон Бошковски, е нов тренер на Тинекс Пролет за наредната сезона.

Од клубот денеска потврдија дека е постигнат договор за двогодишна соработка, а Бошковски ќе го предводи тимот во европската авантура, но истовреме и ќе се обиде да ги повтори резултатите од минатата сезона, кога Тинекс Пролет ја заврши сезоната на извонредната трета позиција на македонската ракометна сцена.

Бошковски минатата сезона ја почна како предводник на проектот Голден Арт КЛ7, клуб со кој бележеше добри резултати и овозможи развој на младите ракометари на оваа екипа. На почетокот од годинава тој си замина од скопскиот суперлигаш, нешто подоцна го прифати предизвикот во Радовиш и со серија извонредни резултати му овозможи на овој клуб да опстане во елитното друштво.