Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски по едногодишниот настап во Романија, повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје.
Магдевски во минатото беше еден од најдобрите играчи на клубот од Скопје, со кој ги освои титулите во 2019 и 2021 година. Претходно македонскиот кошаркар има играно за белградски Партизан, а има настапувано и за младинските категории на Реал Мадрид.
Ги продава двата шампионски прстени за помош на Украина
Поранешниот украински кошаркар Слава Медведенко одлучи да ги продаде своите два шампионски прстени во НБА лигата, кои ги освои како член на Лос Анџелес Лејкерс во 2001 и 2002 година, а сите пари од продажбата ќе бидат наменети за помош на неговата земја, разурната од војна.
Целта на Фондацијата Медведенко е да ги поддржи украинските деца со обновување на спортската инфраструктура во училиштата и започнување мрежа на социјални спортски клубови.
„Сакаме да ги обновиме салите и просториите за обука бидејќи руската армија бомбардираше повеќе од 100 училишта. На нашата земја и требаат многу пари за обнова на училиштата, а спортските сали ќе бидат последни во редот за поправка. Во Украина во текот на зимата децата мора да си играат во затворени простории“, изјави Медведенко.
Аукцијата за прстените на Медведенко ќе трае од среда, 27 јули до петок, 5 август, а се проценува дека ќе достигне цена од најмалку 100.000 долари.
Јувентус со понуда до Ливерпул за Фирмињо
Според објавата на некои англиски медиуми, италијанскиот гигант Јувентус испрати понуда до Ливерпул за ангажман на Роберто Фирмињо во вредност од 23 милиони евра.
Јувентус очигледно не престанува со плановите за засилувања на екипата ова лето. Понудата за Фирмињо, доаѓа после пристигнувањето на Погба, Ди Марија и Бремер.
Бразилскиот фудбалер во последно време не е во прв план кај тренерот Јирген Клоп поради големата конкуренција во нападот. Тој се наоѓа во последната година од договорот со Ливерпул и постои можност клбот од Енфилд да ја прифати понудата со цел да заработи на играчот.
Фирмињо е играч на Ливерпул од 2015 година кога пристигна од германскиот клуб Хофенхајм.
Мусети е освојувач на АТП турнирот во Хамбург
Италијанскиот тенисер Лоренцо Мусети е победник на тенискиот турнир во Хамбург, Германија. Тој во возбудливиот финален дуел со 2:1 во сетови беше подобар од шестиот играч на светот, Шпанецот Карлос Алкараз.
Титулата во Хамбург е прва АТП титула за 20-годишниот Мусети. Турнирот припаѓа во АТП серијата 500 и се игра на земјена подлога.
Дибала го сруши рекордот на Роналдо
Пауло Дибала премина во Рома како слободен играч, и веќе првите денови покажуваат дека неговиот ангажман е полн погодок.
Кориере дело Спорт наведува дека навивачите на Рома целосно полудеа за новиот фудбалер и дека продажбата на дресовите од Дибала во еден ден го надмина рекордот на Кристијано Роналдо од 2018 година кога тој пристигна во Јувентус.
Аргентинецот ја заслужи и големата доверба од навивачите бидејќи од почит кон легендата на Рома , Тоти, го одби дресот со број 10.
Нејмар негира заминување од ПСЖ
Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Нејмар , изрази желба да остане во францускиот клуб.
„Сакам да останам во ПСЖ. Никој од клубот не ми кажа ништо за плановите за мојата иднина. Не знам што сака клубот, но сакам да останам“, изјавил Нејмар.
Претходно беше објавено дека ПСЖ е подготвен да се раздели со Нејмар, бидејќи Бразилецот не е вклучен во плановите на новиот тренер на тимот, Кристоф Галтиер. Се пишуваше дека Нејмар го понудиле на Манчестер Сити, но „граѓаните“ ја одбиле понудата со образложение дека се задоволни од својата напаѓачка линија. Нејмар му се приклучи на ПСЖ во 2017 година со трансфер од Барселона од 222 милиони евра, што останува најскапиот трансфер во историјата на фудбалот.
На 144 натпревари за парискиот тим, напаѓачот постигна 100 гола и даде 60 асистенции. Договорот меѓу двете страни истекува во 2025 година.
Тите горд на младата гарда бразилски фудбалери
Фудбалскиот селектор на Бразил, Тите, верува дека неколкуте млади репрезентативци ќе му помогнат на Нејмар да одигра добро на Светското првенство во Катар кон крајот на годинава.
Станува збор за Винисиус Жуниор и Родриго од Реал Мадрид, Рафиња од Барселона, новото засилување на Тотенхем Ричарлисон, сестраниот играч за врска на Њукасл, Бруно Гимараеш, крилниот напаѓач на Ајакс, Антони и Матеус Куња од Атлетико Мадрид.
Стратегот откри дека ќе го користи Нејмар во поцентрална улога што ќе им овозможи на помладите да играат многу послободно на нивните позиции.
Анчелоти: Рудигер може да игра како лев бек
Новото засилување на Реал Мадрид, Антонио Рудигер, иако е класичен централен стопер, доби улога да игра на позицијата лев бек на пријателскиот меч со Барселона.
Тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти, вели дека свесно го поставил Германецот да игра на страчната позиција и дека тоа нема да се менува.
„Не сум луд, тој е многу интелигентен, може да игра на таа позиција“. Алаба ќе игра лев бек само кога ќе биде потребно“, изјави Италијанецот.
Халанд задоволен од дебито за Сити
Фудбалерот на Манчестер Сити и норвешки репрезентативец Ерлинг Халанд изјави дека е задоволен од своето деби во дресот на англискиот клуб во натпреварот против Барен Минхен.
Манчестер Сити на турнејата во САД го совлада Баерн Минхен со 1:0, а единствениот гол на натпреварот го постигна Халанд.
„Задоволен сум, секогаш е добро кога постигнувам голови и кога можам да му помогнам на тимот во победата“, изјави Халанд после натпреварот.
Норвешкиот фудбалер уште истакна дека е свесен за големите очекувања од него во новата сезона, и дека е подготвен за почетокот на Премиер лигата.
Де Хеа: Привилегија е да се игра за Манчестер Јунајтед
Шпанскиот голман на Манчестер Јунајтед, Давид Де Хеа изјави дека му претставува голема чест што е дел од клубот од „Олд Трафорд“. Згора на тоа, тој наведува дека за него тоа е поважно од освојување трофеи.
„Секако дека сакаме да победуваме, но да се биде дел од овој клуб е повеќе од кој било трофеј.
Поминав многу време во клубот и тој стана мојот дом. Уживам во секој момент во Манчестер Јунајтед, дури и во лошите моменти. За мене е голема чест што сум дел од „црвените ѓаволи“, прокоментира Де Хеа.