feature

Кимих го продолжи договорот со Баерн до 2026 година

Баерн Минхен и официјално потврди дека играчот за врска Џошуа Кимих ќе продолжи да игра за Баерн Минхен и во следните 4 години. Баварците објавија продолжување на договорот со германскиот репрезентативец до 2025 година.

Според најавите, тој ќе стане еден од најплатените играчи во тимот, втор по Роберт Левандовски. 26-годишниот Кимих игра за Баерн Минхен од 2016 година.


Ѓоковиќ и натаму „царува“ на АТП листата

Најдобриот тенисер на денешницата, Новак Ѓоковиќ ја започнува 335. недела на врвот на АТП листата, а според разликата во бодови со конкуренцијата, тешко дека некој набрзо ќе го стигне.

Ѓоковиќ има 11.113 поени на првото место, втор е Данил Медведев со 9.980, додека на третото место Стефанос Циципас со 8.350 поени.

Србинот во најлоша ситуација може да биде симнат од врвот во октомври, што му гарантира најмалку 341 недела на врвот на АТП, но тешко е да се верува дека некој ќе го симне од врвот до крајот на годината.


Шакири потпиша за Лион

Олимпик Лион лошо ја започна новата сезона во француското првенство, а раководството се обидува да го засили тимот до крајот на преодниот рок.

Тренерот Питер Бош очигледно има одредени побарувања во однос на ростерот, па Лион преку соопштение се пофали со засилување од редовите на Ливерпул, обезбедено преку спортскиот директор Жунињо.

Се работи за швајцарскиот репрезентативец Џердан Шаќири, кој беше ставен на трансфер листата на „црвените“ и конечно ќе настапува во тим во кој ќе може да очекува поголема минутажа.

Францускиот тим ќе плати 11 милиони евра за Шаќири кој зад себе има голем број настапи на европски и светски првенства со Швајцарија, а освои и две европски клупски титули.

Шаќири дојде во Ливерпул во 2018 година и одигра само 45 натпревари за оваа екипа.


Десетгодишник го изненади светот на атлетиката! (видео)

Десетгодишниот Омар Томас од САД го изненади светот на атлетиката кога истрча неверојатна трка на 400 метри.

Тој настапи на Олимписките игри за млади во организација на Аматерската атлетска унија во САД и истрча 400 метри со време 55,74.

Коментаторот беше импресиониран од техниката на трчање, посебно за неговите години. Омар изјави дека негов спортски идол е Вејд ван Никерк, кој го држи светскиот рекорд на 400 метри со време 43,03 поставен во 2016. година.

https://twitter.com/FloTrack/status/1428759985417297928



Фиорентина нема лесно да го пушти Влаховиќ

Фиорентина ја одби понудата што Атлетико Мадрид ја испрати за српскиот фудбалер Душан Влаховиќ, пренесува добро информираниот новинар Фабрицио Романо.

Според странските медиуми, мадридскиот клуб понудил 50 милиони евра фиксни за 21-годишниот играч, со 10 милиони кои би биле реализирани преку бонуси.

Сепак, Фиорентина не ја прифати оваа понуда. Ваквиот развој на ситуацијата не е неочекуван, со оглед на тоа што претседателот на клубот, Роко Комисо, неодамна изјави дека нема да го ослободи српскиот напаѓач за помалку од 100 милиони евра.

Договорот на Влаховиќ е со важност до јуни 2023 година, а Фиорентина е подготвена да ја продолжи соработката до 2026 година.


ШК Алкалоид ја одбрани титулата првак на Македонија

Шаховскиот клуб Алкалоид е победник на 29. Екипно првенство на Македонија кое од 15 до 21 август се одржа во Струга.Со овој триумф, ШК Алкалоид во последниве 10 години бил девет пати шампион (во 2020 година првенството не се одржа), а вкупно ова е 18. титула за „фармацевтите“, кои се најуспешен македонски колектив во овој спорт.

Во седумте одиграни кола Алкалоид имаше само еден изедначен резултат, со Гостивар, а славеше во останатите шест средби, односно освоија 13 од можни 14 бода.

Второпласирани се шахистите на Гостивар кои имаат 11 поени колку и Гамбит, но имаат подобар скор на освоени поени во сите партии. Натаму следат ШК Прилеп со 8 бода, ГШК Куманово со 7 бода, Ан Пасан со 4 бода, додека Карпош и Центар освоија само еден поен во меѓусебниот изедначен дуел.

Како поединци, од македонските играчи се истакнаа ИМ Дејан Стојановски кој на четвртата табла за Гостивар имаше 5,5 бода од 7 партии, како и 17-годишниот ФМ Емил Ристески, кој имаше ист скор на четвртата табла за Гамбит, но за нијанса послаб параметар на „перформанс“.


Тренерот на Јувентус проговори за ситуацијата со Роналдо

Јувентус со кикс ја започна сезоната во која има намера да ја врати шампионската титула во Италија, откако Интер му ја прекина деветгодишната доминација. Водеше со 2:0, но Удинезе искористи две грешки на голманот Шчешни и израмни, а ВАР поради офсајд го поништи победничкиот погодок на Кристијано Роналдо, кој влезе во игра половина час пред крајот.

„Одигравме добар натпревар, но за жал, тоа е фудбалот. Требаше да бидеме подобри во второто полувреме, но не знаевме како да се носиме со неочекуваните случувања. Ова мора да ни биде лекција.“ – изјави Масимилијано Алегри, повратникот на клупата на Јувентус.

Сепак, приказна на денот беше Кристијано Роналдо кој натпреварот го започна на клупата. Италијанските медиуми веднаш заклучија дека Португалецот побарал трансфер, а Павел Недвед мораше тоа веднаш да го демантира.

„Роналдо се чувствува добро. Разговаравме пред натпреварот и му реков дека ќе започне на клупата. Тоа го прифати и играше добро откако влезе во игра, дури и постигна погодок, но му го поништија.“ – ја објасни Алегри ситуацијата со Роналдо.


Никој како Мурињо!

Жозе Мурињо успешно ја започна авантурата со Рома и во првиот официјален натпревар ја победи Фиорентина со 3:1.

Во својот прв мандат во Италија, на клупата на Интер од 2008. до 2010. година, Мурињо во Серија А оствари 49 победи во 76 натпревари. Првата во улогата тренер на Рома му беше јубилејна 50. во најсилната италијанска лига.

Мурињо на тој начин стана италијански рекордер, бидејќи никој побрзо не стигнал до 50 победи во Серија А, откако за победа се добиваат три бода (сезоната 1994/95).

Со тоа Мурињо ја продолжи импресивната низа, бидејќи истиот рекорд го држи и во Англија и Шпанија. Додека за 50 победи во Серија А му требаа 77 натпревари, во овие две земји до нив стигна уште побрзо – во Премиерлигата во 63, а во Ла Лига во 62 натпревари.


Елмас по првиот гол сезонава: Имам поголема самодоверба со Спалети

Елиф Елмас го запиша првиот гол сезонава за Наполи, во натпревар во кој клубот од Неапол победи со 2:0 против Венција и тоа со играч помалку.

Македонскиот репрезентативец беше задоволен од прикажаната игра, од постигнатиот погодок и од фактот дека му помогна на тимот да победи.

„Задоволство е да се постигне гол пред нашите навивачи на почетокот на новата сезона. Ваква победа докажува дека сме одличен тим кој и со 10 играчи на теренот, покажа дека може да ја контролира играта и да доминира. Сакам да му се заблагодарам на тренерот Спалети за огромната доверба која ми ја укажа од самото пристигнување во тимот. Верувам дека наша сила оваа сезона ќе биде и нашиот тренер.“ – изјавил Елмас.


Пропадна Влаховиќ, Атлетико го носи Матеус Куња

Атлетико Мадрид е се уште активен на трансфер пазарот и интензивно бара нов напаѓач.

Прва мета беше напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ, но откако преговорите пропаднаа Атлетико се насочи кон бразилскиот напаѓач Матеус Куња.

Симеоне на крајот најде поефтина опција од Влаховиќ и трансферот на Куња е пред реализација за 30 милиони евра.

22-годишниот напаѓач покажа добри одлични партии во Херта, а одигра добро и на Олимписките игри.