Казна за украинските фанови заради навреди кон Русија
Дисциплинската комисија на УЕФА изрече две казни на Украинската фудбалска асоцијација (УАФ) поради однесувањето на нејзините навивачи.
Првата казна беше 19.000 евра за навивачите кои истрчаа на теренот и користеа пиротехнички средства за време на квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 2026 година против Исланд.
Втората казна беше 15.000 евра за истакнување транспарент на кој Русија се обвинува за тероризам за време на натпреварот од плејофот за квалификациите за Евро 2024 против Босна и Херцеговина. УЕФА го оцени транспарентот како политички, провокативен и неприфатлив за употреба на фудбалски натпревари.
За потсетување, Украина заврши втора во групата Д од квалификациите за Светското првенство во ФИФА 2026 година. Тие ќе играат против репрезентацијата на Шведска во плејофот.
Рутински совладана Струга, пелистерци се загреаја за дербито со Вардар
Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, очекувано славеше против Струга со 22-42 во првиот натпревар по раскинувањето на договорот со тренерот Рубен Гарабаја. Натпреварот од 15. коло од Суперлигата се одигра во Битола, наместо претходно најавеното во Струга. Стручниот штаб на битолчани им даде слободно попладне на Хаидарирад, Абутовиќ, Манасков, Радивојевиќ, Хосни и Пешевски.
Пелистерци мечот го реши во првото полувреме по кое имаше предност од +6, а во вториот набрзина дојде до двоцифрено водство за мирен финиш. Очекувано се штедеа сили, па голем дел од ракометарите не се најдоа во составот, а и оние стандарните беа на клупа.
Никола Митревски беше на голот во второто полувреме и запиша 11 одбрани, додека Давид Брестовац бранеше во првиот дел и имаше 8 интервенции. Прв стрелец беше Петар Атанасијевиќ со 12 гола, зад него беше Кузмановски со седум. Кај поразениот тим Стефан Атанасовски запиша осум гола.
Во следното 16. коло Еурофарм Пелистер в среда ќе го пречека тимот на Вардар 1961.
Познати мундијалските групи: Шпанија со Уругвај, Англија во група со Хрватска
Вечерва во Вашингтон беше извршена ждребката за групит на следното СП во фудбал кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико и за прв пат ќе настапат 48 репрезентации. Токму поради тоа овој шампионат ќе биде историски, а селекциите се поделени во дванаесет групи, по четири селекции.
Еве каков е составот на сите групи
Група А: Мексико, Јужна Африка, Јужна Кореја, победник на Турнирот Д (европски плејоф);
Група Б: Канада, победник на турнирот А (европски плејоф), Катар, Швајцарија;
Група Ц: Бразил, Мароко, Хаити, Шкотска;
Група Д: САД, Парагвај, Австралија, победник на турнирот Ц (европски плејоф);
Група Е: Германија, Курасао, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор;
Група Ф: Холандија, Јапонија, победник на турнирот Б (европски плејоф), Тунис;
Група Г: Белгија, Египет, Иран, Нов Зеланд;
Група Х: Шпанија, Зеленортски Острови, Саудиска Арабија, Уругвај;
Група I: Франција, Сенегал, победник на турнирот 2 (интерконтинентален плејоф), Норвешка;
Група Ј: Аргентина, Алжир, Австрија, Јордан;
Група К: Португалија, победник на турнир 1 (интерконтинентален плејоф), Узбекистан, Колумбија;
Група Л: Англија, Хрватска, Гана, Панама;
Според новиот формат првите две репрезентации од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани селекции, ќе се пласираат во 1/16 -финалето. Значи, за првпат на Светските првенства ќе имаме 1/16 финале, што ја зголемува нокаут-фазата за уште едно коло. На крај тоа ни носи вкупно 104 натпревари, најмногу досега.
Првиот натпревар од Светското првенство ќе се игра на 11 јуни на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, а финалето е на 19 јули во Њујорк.
Македонија е во игра за настап на СП во 2026 година, најнапред игра бараж со Данска , а доколку успее да направи изненадување во Копенхаген ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Ирска и Чешка. Селкцијата која ќе обезбеди пласман на СП од овие бараж средби ќе игра во групата А заедно со Мексико, Јужна Африка, Јужна Кореја.
Охрид пресилен за Еурофарм Пелистер 2, прекината победничката серија на битолчани
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја прекинаа победничката серија и загубија во салата „Биљанини извори“ во Охрид од фаовиризираниот домаќин со 33-20. Момците на Зарков брзо заостанаа и не можеа да парираат како на првиот натпревар пред два месеци.
По петнаесет минути игра, ГРК Охрид воден од Ѓукиќ и Петриќ кои беа главни во нападот, се одлепи на 10-5, предност која ја задржа и до полувремето кога беше 16-9. По десет минути во вториот дел, домашниот тим првпат поведе двоцифрено (23-13), тоа беше и највисоката разлика дотогаш која ја имаше на мечот на семафорот и тука мечот беше готов.
Најдобар стрелец кај победникот беше Никола Ристески со шест гола од шест обида, додека по пет имаа Лиапис, Петриќ, Ѓукиќ. Кај Еурофарм Пелистер 2, Мохамед Азиз погоди шест пати, а Марковски и Митревски имаа по три гола.
Во следното 15. коло Еурофарм Пелистер следната недела ќе го пречека Бутел Скопје.
Лапорта нема да се кандидира за уште еден мандат во Барселона
Претседателот на шпанскиот фудбалски првак Барселона, Жоан Лапорта, нема да се кандидира за нов мандат, објави денеска весникот „Мундо Депортиво“.
Актуелниот мандат на Лапорта на чело на Барселона истекува во 2027 година.
„Можам повторно да се кандидирам, но не планирам. Тоа би било несоодветно“, рече Лапорта.
Шеесетитригодишниот Лапорта е претседател на Барселона од 2021 година. Претходно ја извршуваше функцијата од 2003 до 2010 година. Под негово водство, каталонскиот гигант освои шест титули во Ла Лига, три трофеи во шпанскиот Куп и четири во Суперкупот на Шпанија, како и две титули во Лигата на шампиони, еден Суперкуп на УЕФА и едно Светско клупско првенство на ФИФА.
Скандал во Турција: Приведени 29 лица заради сомнеж за местење натпревари
Турските власти, во петокот наредија апсење на 46 лица, вклучувајќи 29 фудбалери, како дел од широка истрага за местење натпревари, објави обвинителството во Истанбул.
Меѓу уапсените е и Метехан Балтаџи, играч на Галатасарај, актуелниот трикратен шампион на Турција, а обвинителството не ги откри идентитетите на другите 26 фудбалери. Мерт Хакан Јандаш, играч на Фенербахче, уште еден голем клуб од Истанбул, е осомничен за обложување на разни натпревари преку трето лице.
Обвинителите, открија дека досега се уапсени 35 од 46 барани лица, исто така наредиле апсење на претседателите на два клуба осомничени за „обид да влијаат на исходот“ од натпревар меѓу нив во третата лига во сезоната 2023/2024.
Истрагата на обвинителството во Истанбул, која го тресе турскиот фудбал, веќе доведе до притворање на шест судии и претседателот на Ејупспор, клуб од првата лига, на почетокот на ноември.
Турската фудбалска федерација (ТФФ), која тврди дека сака да го „исчисти“ турскиот фудбал, суспендираше речиси 150 судии неколку дена претходно откако беа прогласени за виновни за обложување на натпревари.
Дваесет и пет играчи во првата лига и речиси 1.000 други кои играат во втората, третата и четвртата дивизија, исто така, добија суспензии до дванаесет месеци во ноември.
Запален олимпискиот оган во Рим
Два месеци пред почетокот на Зимските игри 2026 во Милано и Кортина д’Ампецо, денеска во Рим официјално беше запален олимпискиот оган.
На церемонијата пред претседателската палата присуствуваа шефот на италијанската држава Серџо Матарела и претседателката на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри.
Олимпискиот оган беше пренесен од Грција во четвртокот, штафетната рута низ земјата домаќин на Зимските олимписки игри 2026 ќе стартува в сабота.
Вкупно 10.001 факелоносци ќе го пренесуваат олимпискиот оган низ 20 италијански региони на рута долга 12.000 километри.
Оганот беше запален на 26 ноември во Олимпија, местото на античките игри што го инспирираа модерното олимписко движење.
Зимските олимписки игри (ЗОИ) ќе се одржат во Милано и Кортина д’Ампецо од 6 до 22 февруари следната година.
Италија последен пат беше домаќин на ЗОИ во 2006 година во Торино.
Вардар го освои Ѓорче Петров и ја освои есенската титула
Со победа од 1-2 на гостувањето кај Македонија ЃП, екипата на Вардар стана есенски првак во домашниот фудбалски шампионат. По шест години пауза, „црвено-црните“ успеаја да ја завршат полусезоната на водечкото место на табелата во ПМФЛ.
Избраниците на Гоце Седлоски денеска во Ѓорче Петров слевеа со пресврт, откако по првото полувреме беше 0:0, но на стартот на вториот дел во 53. минута Еступињан ги доведе домашните во водство од 1:0. Вардар одговори многу брзо и преку централниот напаѓач Азер Омерагиќ успеа најпрво да израмни во 62. минута, а потоа истиот фудбалер постигна и втор гол во 66. минута за конечни 1:2.
Струга ТЛ славеше со 0:1 на гости во Кавадарци кај Тиквеш и остана на второто место на табелата со бод помалку од есенскиот шампион.
Директорот Звонко Шундовски ќе го води Еурофарм Пелистер до крајот на полусезоната
По оставката на досегашниот тренер на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, до крајот на полусезоната екипата ќе ја води директорот на клубот, Звонко Шундовски.
Пред клучните натпревари од сезоната 2025/2026, Звонко повторно храбро и несебично ја презема одговорноста за тимот, како и многупати досега кога било најпотребно, сè до назначувањето на нов тренер.
Ги повикуваме сите вистински љубители на ракометот, како и битолската јавност, да застанеме обединето зад нашиот клуб во претстојните предизвици. Да покажеме што значи љубов кон клубот, кон ракометот и кон Битола.
Рубен Гарабаја поднесе оставка, Еурофарм Пелистер ќе добие нов тренер
Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека тренерот на екипата Рубен Гарабаја поднесе оставка од својата позиција и клубот ја прифати истата. Гарабаја заминува од Битола пред истекот на договорот и клубот наскоро ќе назначи негов наследник. Со Гарабаја на клупата клубот го освои Суперкупот на Македонија и одигра достоинствени десет натпревари од Лигата на шампионите за сезоната 2025/25. Гарабаја пред заминувањето од клубот и градот ја објасни својата одлука.
Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжение на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина.
РК Еурофарм Пелистер му се заблагодарува на Рубен Гарабаја за професионалноста и му посакува успеси во понатамошниот тек на кариерата.