feature

Стружанецот Колоски го засили Голден Арт

Стефан Колоски ја засили левата бековска позиција на Голден Арт КЛ7. Стефан Колоски е нов играч на младиот тим на Голден Арт КЛ7. 24 годишниот Стружанец доаѓа во Голден Арт КЛ7 од екипата на ГРК Тиквеш, за да ја пополни левата бековска позиција и да ја зацврсти одбраната.

Претходно во својата кариера Колоски има настапувано и за Струга, Работнички и Јуниор КВ.

„Драго ми е што сум дел од ваков проект насочен кон вложување во македонски ракометари. Можноста да тренирам во висок ритам, да добијам шанса и минутажа беа клучни за мојата одлука да пристапам на Голден Арт КЛ7. Стабилноста на функционирање на клубот ми е добро позната и можам да кажам дека сум одлично примен”, изјави Стефан после неколку тренинзи во новиот клуб.


Дрогба го најави трансферот на Лукаку во Челзи

На големо веќе се најавува трансферот на Ромелу Лукаку во редовите на Челзи. Последните информации говорат дека Интер за Лукаку ќе добие 115 милиони евра, а за Лукаку тоа ќе биде враќање во Англија.

Првата посериозна авантура на Лукаку почна токму во Челзи, а потоа следуваа ангажмани во Евертон, Манчестер Јунајтед и Интер.

Трансферот на Лукаку го најави и поранешниот напаѓач на Челзи Дидиер Дрогба.

Дрогба објави фотографија од Лукаку во дрес на Челз и порача: Се враќа дома!


Кејн се врати од одмор, но ќе го скокне дербито со Сити

Капитенот на Тотенхем и англиската репрезентација Хари Кејн се врати од својот одмор на Бахамите, но ќе го пропушти дербито од првото коло на Премиер лигата кое е на програмата идниот викенд.

Поради строгите ковид-протоколи во Англија, тој мора да остане во изолација во следните пет дена, односно до среда, а дури потоа да почне со тренинзи со екипата. Дотогаш може да тренира индивидуално во базата на Спарс каде и ќе биде сместен во посебна соба, но ќе тренира во различни термини од своите соиграчи.

Сапуницата со Кејн почна минатиот месец кога беше објавено дека тој штрајкува и по секоја цена бара трансфер во Манчестер Сити. Со оглед на тоа што уште е под договор со лондонскиот клуб, нема шанси да биде ослободен, па навивачите го сфатија неговото отсуство како обид за притисок врз раководството.


Дурент и Батлер добија нови договори со Бруклин и Мајами

Кевин Дурент и Џими Батлер добија нови богати договори од Бруклин Нест и Мајами Хит.

Дурент кој со репрезентацијата на САД дојде до златото на ЛОИ во Токио се согласи да стави потпис на четиригодишен договор со Бруклин вреден 198 милиони долари. Во минатава кампања популарниот Кеј-Ди одигра 35 мечеви на кои имаше просек од 26.9 поени, 7.1 скокови и 5.6 асистенции за да во плејофот биде на уште повисоко ниво и на 12 средби реализира по 34.3 поени, 9.3 скокови and 4.4 асистенции.

Тој заедно со Кајри Ирвинг и Џејмс Харден ќе имаат задача во следната кампања да направат се за да го донесат шампионскиот трофеј во Бруклин.

Батлер пак како клучен играч на Мајами ја продолжи соработката за четири години за кои ќе заработи 184 милиони долари. Џими беше главен во носењето на Кајл Лаури во овој преоден рок, па тие заедно со Адебајо, Робинсон и останатите треба да бидат група која ќе има што да каже на Истокот.


Ковач: Ако дојде Меси, Лига 1 драстично ќе порасне

Како што стојат работите Лионел Меси ќе го засили тимот на ПСЖ.

Барселона завчера објави дека Аргентинецот нема да го продолжи договорот од првиот момент ПСЖ се истакна како најголем фаворит. Се споменуваше Манчестер Сити, но Гвардиола вчера потврди дека после ангажманот на Грилиш не можат да тргнат по Меси. Челзи исто така влезе во игра, но изгледа повеќе нема дилеми дека Меси ќе го гледаме во Париз.

На темата Меси – ПСЖ зборуваше и Нико Ковач по ремито на неговиот Монако со Нант, натпревар со кој беше отворена Лига 1.

„Доаѓањето на Меси е добро за Лига 1. Секако дека ПСЖ така ќе биде уште потешко да се победи, но сум задоволен од идејата да го видам Меси во ова првенство“, изјави Ковач.


Само македонски екипи на Струшкиот ракометен турнир годинава

Шест македонски прволигаши ќе настапат на 49. издание на Струшкиот ракометен турнир, на кој годинава, спротивно на традицијата, нема да учествуваат екипи од странство.

Бранителот на трофејот Еурофарм Пелистер ќе игра во групата Б заедно со Металург и Тиквеш, додека актуелниот шампион Вардар за противници во групата А ќе ги има екипите на домаќинот Струга и Бутел.

„Меѓународниот ракометен турнир – Струга 2021“ своето 49. издание ќе го има од 12 до 15 август на отвореното игралиште на Женска плажа во Струга.


Финансиска помош за македонските спортисти од ИОК

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ќе издвои 120.000 долари со кои ќе се финансираат подготовките на најдобрите македонски спортисти во квалификациите за настап на следните Олимписки игри во Париз.

Договорот со Маркетинг одделението на ИОК во Токио го потпиша претседателот на Македонскиот олимписки комитет – МОК, Даниел Димевски.

Договорот, како што соопшти македонската страна, предвидува MOK во следните четири години да добие донација во износ од 30.000 долари годишно, кои исклучиво ќе се користат за подготовки на најдобрите македонски спортисти и нивно учество на меѓународните натпревари кои се квалификациски за учество на Олимписките игри Париз 2024.


Иличиќ пред потпис со Милан

Joсип Иличиќ после четири години ќе ја напушти Аталанта, но веројатно ќе остане во Серија А.

Иличиќ не беше повикан за денешниот пријателски натпревар на Аталанта, па тоа е најава дека е пред заминување. Според информациите Иличиќ карирата ќе ја продолжи во редовите на Милан и неговиот трансфер ќе изнесува околу шест милиони евра.

Откако Чалханоглу си замина бесплатно во Интер на Милан му беше потребен офанзивен играч за врска, па изборот паднал на Иличиќ.

Иличиќ во Италија игра повеќе од 10 години претходно настапуваше за Палермо и Фиорентина. Благодарение на одличните настапи во дресот на Аталанта во последните сезони прерасна во еден од најдобрите играчи во Серија А.


Ребров е наследник на Шевченко на украинската клупа

Сергеј Ребров официјално ќе биде претставен како селектор на националниот тим на Украина. Од страна на фудбалската федерација на Украина на 9 август ќе биде официјално објавено назначувањето на Ребров на селекторската функција, а тогаш ќе следува и преставувањето на новиот селектор.

Познато е дека договорот со Сергеј Ребров ќе биде потпишан на две години. 47-годишниот фудбалски стрчњак ќе биде предводник на репрезентацијата во квалификациите за СП 2022 и ЕП 2024. Договорот може да се продолжи за уште една година по резултатите од селекцијата за Европското првенство.

Претходно беше објавено дека во договорот на Ребров со Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати ќе биде прекинат и искористена клаузулата дека ако биде поканет во украинската репрезентација, не треба да се плати надомест за прекин на договорот.


Интер и Челзи договорија враќање на Лукаку на „Стемфорд бриџ“

Челзи постигна договор со Интер за трансферот на Ромелу Лукаку, тврдат медиумите во Англија. Договорот ќе биде вреден 115 милиони евра (97,5 милиони фунти), што е клупски рекорд за лондончани.

Белгискиот репрезентативец се враќа на „Стемфорд Бриџ“ по седум години откако беше продаден на Евертон. Тој ќе потпише петгодишен договор, добивајќи нето плата од 195.000 фунти неделно.

Преговорите постигнаа значителен напредок во петокот. Првично, Челзи се испроба со две понуди, во кои беа вклучени двајца лондончани – Марко Алонсо и Давиде Запакоста. Сепак, Интер сакаше целосно финансиски договор, што на крајот успеаја да го постигнат.

На „Стемфорд Бриџ“, се среќни што ќе го вратат Лукаку за помалку од 100 милиони фунти. Самиот Лукаку исто така изрази желба да се врати во Челзи, каде играше помеѓу 2011 и 2014 година.