feature

Атлетико Мадрид добива нови сопственици

Атлетико Мадрид би можел да добие нови сопственици, тврдат шпанските медиуми. „Експансион“, беше првиот што објави дека сопствениците на Атлетико Мадрид се во финални преговори со американскиот инвестициски фонд „Аполо Глобал Менаџмент“, кој треба да стане нов мнозински акционер на клубот. „Аполо“ ја проценува вредноста на клубот на 2,5 милијарди евра.

Моменталниот мнозински акционер на клубот е „Атлетико Холдко“, компанија која поседува повеќе од 70 проценти од акциите.

Компанијата е првенствено управувана од Мигел Анхел Хил, а другите акционери се американската приватна инвестициска компанија „Арес Менаџмент“ и Енрике Серезо, претседателот на Атлетико. Останатите акции на клубот се во сопственост на „Квантум Пацифик“, британска компанија основана од израелскиот тајкун Идан Офер.

„Аполо“, котира на њујоршката берза, управува со средства вредни повеќе од 800 милијарди долари и планира да лансира спортски инвестициски фонд вреден 5 милијарди долари, објави „Фајненшл тајмс“. Се наведува дека „Аполо“ не разгледува промени во раководството на клубот.

Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона се во сопственост на навивачи, без приватна сопственост, па затоа Атлетико Мадрид треба да стане највредниот приватен клуб во Шпанија.


Лука Зидан одлучи да игра за алжирската репрезентација

Синот на легендарниот француски фудбалер Зинедин Зидан, Лука, госмени спортското државјанство и во иднина ќе игра за Алжир, објави денес Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Како што објави ФИФА, барањето на Лука Зидан е одобрено бидејќи тој никогаш не бранел за Франција во сениорската конкуренција, туку само во помладите категории.

Лука Зидан има 27 години и го брани голот на шпанскиот второлигаш Гранада, а според најавите, селекторот на Алжир, Владимир Петковиќ, ќе го покани да дебитира во октомври, кога Алжир ќе игра против Сомалија и Уганда во квалификациите за Светското првенство.

Алжир е на чекор од директен пласман на Светското првенство, во квалификациската група Г има 19 бода, четири повеќе од Уганда и Мозамбик, а остануваат уште две кола.


Интер и Милан ќе вложат богатство за реновирање на „Сан Сиро“

Претседателот на Милан, Паоло Скарони, истакна дека Интер и Милан ќе го добијат најдобриот стадион во Европа до 2031 година, кој ќе биде гордост на сите граѓани на Милано, објавија италијанските медиуми.

„Проектот за нов стадион во градскиот округ Сан Сиро е во изработка веќе долго време, инвестирани се многу пари и сигурно ќе ја постигнеме зацртаната цел. Милан и Интер ќе го добијат најдобриот стадион во Европа, на кој сите граѓани на Милано ќе бидат горди“, рече Скарони, претприемач кој за време на својата бизнис кариера беше на чело на италијанските енергетски компании Енел и Ени.

Компанијата „Популос“ е одговорна за прелиминарниот дизајн на стадионот. Стадионот е дел од генералниот план за ревитализација на клучна урбана област на Милано во округ посветен на спорт и забава.

Општина Милано, исто така, одлучи да го трансформира квартот Сан Сиро во пешачка зона со околу 110.000 квадратни метри зелена површина (40 проценти од вкупната квадратура).

Паркингот, кој моментално зафаќа 40% од целиот простор, ќе биде преместен во целосно подземен простор. Повеќето спортски и рекреативни објекти, затворени и отворени, ќе бидат бесплатни или субвенционирани од градот.

Правоаголниот стадион со 60.000 седишта е инспириран од градските знаменитости, како што се Дуомо ди Милано и Галерија Виторио Емануеле, па и прекарото на овој предложен дизајн е „Катедрала“. Околу стадионот ќе има вертикални летвички кои ќе се издигаат и ќе го поддржуваат стаклениот ѕид што го опкружува просторот наречен дневна галерија. Внатрешната структура на стадионот е дизајнирана да биде „најинтимна во Европа“, доближувајќи ги гледачите што е можно поблиску до игралиштето.

Оваа недела, секторскиот комитет на Градскиот совет на Милано даде зелено светло за купување на земјиштето на кое се наоѓа стадионот „Џузепе Меаца“. За земјиштето, кое го вклучува и околниот простор околу стадионот, Интер и Милан ќе треба да платат 197 милиони евра. Проектот на новиот стадион има поддршка од градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, а целата постапка во Градскиот совет треба да биде завршена до крајот на септември.


Ријад домаќин и на следниот италијански Суперкуп

Италијанскиот Суперкуп ќе се игра во Ријад во декември оваа година, објави веб-страницата на натпреварувањето. Турнирот ќе се одржи во Саудиска Арабија, како што беше и минатата сезона, а ќе учествуваат четири екипи.

Полуфиналните натпревари се закажани за 18 и 19 декември, додека финалето ќе се игра на 22 декември.

Италијанскиот Суперкуп ќе го играат минатогодишниот шампион во Серија А, Наполи, второпласираниот Интер, освојувачот на Копа Италија, Болоња, и финалистот Милан.

Во првото полуфинале ќе се сретнат Наполи и Милан, додека Болоња и Интер ќе се сретнат еден ден подоцна.

Милан го освои Суперкупот на Италија минатата сезона, победувајќи го Интер со 3-2 во финалето.

Од четирите учесници најтрофејни се Интер и Милан со по 8 титули од 13 учества, Наполи има 2 трофеја од 5 учества, а Болоња ќе дебитира.


Реџана пресилна за Пелистер, битолчани продолжуваат во Европа Купот

Македонскиот кошаркарски прволигаш Пелистер не успеа да ја мине првата пречка во Лигата на шампионите. Битолчани испаднааа од италијанска Реџана во квалификациите (99-87) и се селат ранг подолу.

Најдобар стрелец кај Реџана беше Кван Читам Јуниор со 22 поени, пред Џејлин Барфорд со 19 поени, додека кај Пелистер, Кевин Брејси-Дејвис даде 20 поени, а Си-Џеј Вилсон постигна уште 19 поени.

Од македонските кошаркари прв стрелец беше Андреј Митревски со 11 поени.

Тимот од претходно ја доби групата во Европа Купот на ФИБА и ќе биде дел од групата Д, каде сигурни ривали се Керавнос од Кипар и Цедевита Јуниор од Хрватска, а уште еден ривал ќе биде познат по квалификациите за ЛШ, можен е Патриоти Левице од Словачка.


Македонските ракометарки минимално поразени од Египет

Минимален пораз од 18-19 од Египет претрпеа македонските ракометарки во дуелот од второто коло на Трофеј Македонија што се игра во Охрид.

Во првото полувреме македонските ракометарки имаа водство, кое сепак на крајот од овој период не успеаја да го сочуваат и на полувреме беше 10-10. Тешко одеше нападот на нашата репрезентација и во воведните минути од вториот дел, а одбраната беше на ниво, па ниту противникот не успеваше да дојде до предност. Во последните десет минути се влезе со нерешен резултат 16-16 и вистинска драма. Во 56.та минута македонските ракометарки за првпат поведоа со 18-17. При 18-18 Египет не реализраше седмерец на 70 секунди до крајот. Во последниот напад на Македонија голманката на Египет Осман имаше две одбрани, а на 10 секунди до крајот Египет со нов седмерец дојде до победата.

Утре на Трофејот Македонија во првиот натпревар од 14 часот ќе играат Тунис и Египет, а во вториот натпревар македонската репрезентација ќе игра против Грција.


Марјан Начевски доби нова ЕХФ функција

Поранешниот македонски ракометен судија, сега делегат на Изборниот конгрес доби функција во една од комисиите во ЕХФ (Европската ракометна федерација). Марјан Начевски во следните четири години ќе биде член на Комисијата за жалби на ЕХФ.

Тој оваа функција ќе ја извршува од 2025 до 2029 година.

Претседател на Комисијата за жалби ќе биде Јоанис Каранасос од Грција.

Михаел Видерер ќе продолжи да биде прв човек на европскиот ракомет и во иднина, беше единствен кандидат за претседател. Изборниот конгрес на ЕХФ се одржа во Андау, Австрија.


Хау со проблеми на повредени фудбалери го чека Борнмут

Менаџерот на Њукасл, Еди Хау има неколку нови проблеми со повредите по поразот од Барселона во Лигата на шампионите синоќа. Според информациите, пред дуелот со Борнмут викендов, Хау се соочува со суспензијата на Ентони Гордон, додека Џејкоб Ремзи и Јоан Виса се надвор од тимот до следната репрезентативна пауза поради повреди.

Шер претрпе удар во главата на мечот со Барселона, па денеска ќе оди на нови прегледи, додека Трипие беше повлечен од игра откако се пожалил на мала нелагодност. И за двајцата останува неизвесно дали ќе можат да му се стават на располагање на менаџерот за новиот меч од Премиерлигата.


Рубен Невеш во јануари доаѓа на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед покажува сериозен интерес за 28-годишниот играч од средниот ред на Ал-Хилал, Рубен Невеш. Главниот тренер на „црвените ѓаволи“, Рубен Аморим, ги пофали квалитетите на играчот и доколку остане на клупата и по јануари, би посакал да го види како ново засилување.

Саудискиот клуб може да го продаде Невеш во Европа оваа зима за 20 милиони евра. Оваа сезона, Невеш настапи на осум натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола и асистенции. Неговиот тековен договор со клубот е до летото 2026 година.

Играчот од средниот ред одигра 60 натпревари за португалската репрезентација.


Нов Театар на Соништата: Визијата од 2 милијарди фунти за Олд Трафорд

Предложената реконструкција на Олд Трафорд во вредност од 2 милијарди фунти се смета за трансформативен потег, не само за Манчестер Јунајтед, туку и за поширокиот регион на Голем Манчестер. Поддржувачите го нарекуваат „животен проект“, со потенцијал да го промени изгледот, економијата и идентитетот на областа. 

Во срцето на планот е изградбата на нов стадион со капацитет од 87.000 до 100.000 гледачи, што би го направило еден од најголемите во Европа. Но визијата оди далеку подалеку од фудбалот. Околу стадионот се планира изградба на станбени единици, деловни и трговски простори, како и значајна јавна инфраструктура, со цел да се создаде нов, динамичен урбан кварт. 

Проектот добива силна поддршка од владини претставници и локални власти, кои го сметаат за еден од најголемите урбани развојни проекти во Европа. Се очекува да создаде десетици илјади нови работни места и да внесе милијарди во регионалната и националната економија. 

Планирано е формирање на посебна корпорација под водство на градоначалникот, која ќе го надгледува проектот и ќе обезбеди координација помеѓу Манчестер Јунајтед, Советот на Трафорд и властите на Голем Манчестер. 

Иако преферираната опција е изградба на нов стадион на соседно земјиште во сопственост на клубот, сè уште се водат разговори околу проценката на вредноста на земјиштето и финансирањето. Клубот разгледува комбинација од приватни инвестиции и потенцијални јавно-приватни партнерства за реализација на проектот. 

Освен што ќе го подобри искуството на навивачите, проектот може да биде поттик за пошироки подобрувања во транспортот и заедничката инфраструктура, претворајќи го регионот во нова атракција. Според поддржувачите, амбицијата на проектот е споредлива со наследството што го остави Олимпијадата во Лондон во 2012 година.