feature

Лидс Јунајтед веќе бара замена за тренерот Биелса

Голема е веројатноста дека тренерот на Лидс Јунајтед, Марсело Биелса ќе го напушти клубот после истекот на неговиот договор ова лето.

По тој повод раководството на Лидс веќе размислува за можни опции со тренерски имиња кои би го замениле легендарниот Биелса.

Како прв фаворит се издвојува поранешниот тренер на Барселона, Ернесто Валверде. 57-годишниот Валверде е најпознат по неговиот тригодишен престој на „Камп Ноу“ во периодот помеѓу 2017 и 2020 година. Под негово водство, Каталонците на два пати ја освоија Ла Лига, и по еднаш Купот на кралот и Шпанскиот Суперкуп. 

Како друга можна опција се споменува и името на Џеси Марш, кој пред неколку месеци доби отказ од тренерското место во бундеслигашот РБ Лајпциг.


Рој Кин го одби тренерското место во Сандерленд

Англиските медиуми пренесуваат дека Рој Кин ја одбил можноста повторно да биде тренер на екипата на Сандерленд.

50-годишниот Ирец, изминатиов период водеше разговори со челниците на третолигашот Сандерленд за седнување на тренерската клупа, но на крајот двете страни не постигнаа конечен договор.

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, ја водеше екипата на Сандерленд во периодот од 2006 до 2008 година, кога успеа да ги внесе во Премиерлигата.


Гут Бехрами олимписка победничка во супервелеслалом

Швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами победи на денешната трка во супервелеслалом.

На зимските олимписки игри ЗОИ во Пекинг, освојувајќи го првиот златен олимписки медал во својата импресивна кариера.

Бројот 7, кој Кинезите го сметаат за многу среќен, и донесе огромна радост на 30-годишната Швајцарка, ја потврди доминацијата во дисциплината во која е актуелен светски првак. Гут – Бехрами триумфираше со време 1:13:51 минути пред Австријката Миријам Пуцхнер, а бронзата ја освои нејзината сонародничка Мишел Гисин. За Гут – Бехрами, која сега е главен фаворит за златното одличје и во спуст, ова е трет олимписки медал, а втор на Игрите во Пекинг, откако ја освои бронзата во велеслаломската трка.


Цветановска 95-та на олимпскиот крос-кантри

Нашата олимпијка, Ана Цветановска, го освои 95-то место во нордиско скијање на трката 10 километри на Зимските игри во Пекинг откако оствари време од 39.57.7 минути.

Ќе потсетиме дека Цветановска не настапи во скијатлон на 7.5+7.5 километри поради одлуката на Меѓународната скијачка федерација да има само лимитиран број на нордијки поради ситуацијата со Ковид-19.

До крајот на Игрите,  Ставре Јада на 19 февруари ќе трча 50 километри слободно додека Дардан Дехари во алпско скијање ќе настапи на 13 февруари во слалом и три дена потоа во велеслалом.


Евролигата го одложи дуелот на Фенербахче и Баерн

Кошаркарската Евро-лига потврди дека поради Ковид-19 е одложен натпреварот од 26 коло меѓу Фенербахче и Баерн Минхен кој требаше да се одигра на 11 февруари.

Германскиот тим има неколку заразени и не може да го обезбеди потребниот минимум од 8 кошаркари.

Според правилата на Евролигата, еден натпревар може да се одложува максимум  три пати доколку има слободни термини.


Штролц го повтори златниот скијачки успех на својот татко

Австрискиот скијач, Јоханес Штролц, го освои златниот медал во алпска комбинација на Игрите во Пекинг.

29-годишниот Штролц забележа најдобро вкупно време по трките во спуст и слалом, и успеа да ја забележи најголемата победа во кариерата повторувајќи го успехот на својот татко Хуберт Штролц, кој ја освои комбинацијата на Зимските олимписки игри во Калгари одржани во 1988 година.

Хуберт и Јоханес Штролц се запишаа во историјата како првиот татко и син што освоиле златни олимписки медали во алпска комбинација.


Македонија останува 67-ма на ФИФА ранкинг листата

Нашите најдобри фудбалери останаа на 67. место на новата ранг листа на ФИФА. Македонија во март ја очекува баражот за место на Мундијалот против селекцијата на Италија.

На врвот на ФИФА листата останува Белгија пред Бразил и Франција. Аргентина се проби на четвртото место пред Англија.

Во топ 10 се уште и: Италија, Шпанија, Португалија, Данска и Холандија.


Харден се сели од Бруклин во Филаделфија

Џејмс Харден е нов кошаркар на Филаделфија!

Тоа што се најавуваше во претходните денови се случи денес. Бруклин го трејдуваше Харден заедно со Пол Милисап. Нетси од Сикерс ќе ги добијат Бен Симонс, Сет Кари, Андре Драмонд и два пика на драфтот.

Џејмс Харден не беше среќен во Бруклин и имаше желба да си замине. Тој беше разочаран затоа што тимот според него не победува доволно и не изгледа како кандидат за титулата иако тоа се највуваше пред почетокот на сезоната. Ќе потсетиме дека и претходно додека беше Хјустон Харден беше тој кој бараше трејд во Бруклин.


Претставен новиот Ф1 болид на Ред Бул

Тимот на Ред Бул го промовира новиот болид РБ18, со кој тимот ќе се натпреварува во новата сезона на Формула 1. 

Новиот болид беше претставен од Кристијан Хорнер, Макс Верстапен и Серхио Перез. Трките во Ф1 од наредната сезона ќе се возат по нови правила, а актуелниот шампион Верстапен се надева дека ќе ја одбрани титулата.

„Подготвен сум за повторно возење. Се чувствувам добро. Многу битно е да се припремиш на најдобар можен начин, посебно поради фактот што се менуваат правилата. Кога се работи за болидот, незнам што посебно да очекувам, ќе ни биде потребно некое време да се навикнеме на новото возило.“, изјави Верстапен.

Новата сезона во Формула 1 започнува на 20.март во Бахреин.


Новак повторно во проблеми ! Итно соопштение од организаторите на Индијан Велс

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се најде на прелиминарниот список за Мастерс 1000 турнирот во Индијан Велс кој на програмата е од 7 до 20 март.

Покрај Србинот, пријавени се и Данил Медведев, Александар Зверев и Рафаел Надал, загарантиран голем спектакл, но со едно големо „но“ …

Имено, САД бараат сите странци да се вакцинираат за да патуваат со авион на територијата на оваа земја. Постојаните жители и оние со американска имигрантска виза не мора да се вакцинираат за да влезат во земјата.

Покрај ова, постојат уште неколку здравствени исклучоци кои дозволуваат невакциниран човек да влезе во САД, но со оглед на проблемите што ги имаше Ѓоковиќ во Австралија, не е јасно што и како би можело да му помогне во овој поглед.

Се огласија и организаторите на Индијан Велс. кој даде уште неколку детали за протоколот кој ќе важи на првиот Мастерс во сезоната.

 Бидејќи здравјето и безбедноста се главен приоритет, турнирот ќе бара валиден доказ за целосна вакцинација за влез во тенискиот комплекс Индијан Велс. Насоките за играчите се регулирани со протоколите воспоставени од ВТА и АТП и ограничувањата наметнати од САД во однос на статусот на вакцинација на меѓународните патници кои влегуваат во земјата…“, се наведува во соопштението на турнирот. За потсетување, Ѓоковиќ и Федерер се рекордери со по пет титули од Индиски Велс.