feature

Жереми Доку се врати меѓу „Црвените ѓаволи“ по раѓањето на синот

Жереми доку насмеан

Жереми Доку денеска официјално му се приклучува на белгискиот национален тим во Сиетл, ставајќи крај на бурните неколку дена во кои се вкрстија елитниот спорт и приватниот живот. Дваесет и четиригодишното крило на Манчестер Сити привремено ги напушти обврските на Светското првенство и замина за Лондон, за да биде покрај својата сопруга, Ширин, при раѓањето на нивното прво дете: синот Прејс.

Фудбалската федерација на Белгија му одобри отсуство на офанзивецот непосредно пред неделниот натпревар од групната фаза. Оваа одлука се покажа и како прагматична, со оглед на тоа што Доку веќе се мачеше со полесна респираторна инфекција поради која пропушти дел од тренинзите. Репрезентативниот лекар Брахим Хасене потврди дека мајката и бебето се чувствуваат одлично, со што се отвори патот за експлозивниот фудбалер веднаш да се врати во тактичките замисли на Руди Гарсија пред клучниот натпревар в петок.

Додека Доку славеше еден од најубавите моменти во животот, неговото заминување предизвика жестока дебата за очекувањата од модерните спортисти. Франс Пиерон, аналитичарка на француската телевизија L’Équipe предизвика лавина од негативни реакции во јавноста откако остро го критикуваше белгискиот репрезентативец, нарекувајќи го неговиот потег „одвратен“ и додавајќи дека татковците се „целосно бескорисни“ за време на самиот чин на породување.

Реакциите на социјалните мрежи и во медиумите беа итни и гласни, ги надминаа клупските ривалства и наидоа на осуда од фудбалскиот свет. Поддршка за Доку јавно упати и англискиот репрезентативец Оли Воткинс: „Да се дочека првото дете на свет е благослов и таа можност не се враќа. Сметам дека тој го имаше секое право да замине и да биде таму.“

По жестоките критики за застарените ставови на аналитичарката, L’Équipe упати официјално јавно извинување и ја суспендираше, со што се испрати јасна порака за почитта кон балансот меѓу професионалниот и приватниот живот на спортистите.

Доколку воопшто постоеше сомнеж за важноста на Доку во оваа генерација на Белгија, неделниот натпревар даде дефинитивен одговор. Без својот најдинамичен дриблер, Белгијците изгледаа креативно немоќни и безидејни, завршувајќи со фрустрирачки 0-0 против организираната одбрана на Иран. На тимот очигледно му недостигаше неговата непредвидливост и продорност по левата крилна позиција.

Со оглед на тоа што ситуацијата во групата Г е многу непредвидлива пред последното коло, враќањето на ѕвездата на Манчестер Сити доаѓа во идеален момент. Неговата достапност против Нов Зеланд ѝ ја враќа на Белгија главната офанзивна сила. Мотивиран од новата животна улога, но и со мотив да им одговори на критичарите, Доку би можел да биде токму тој катализатор што им е потребен на „Црвените ѓаволи“ за вистински блесок на овој Мундијал.


Атлетико му објави војна на Барселона: Мадриѓаните поднесуваат тужба до ФИФА за Хулијан Алварез

Хулијан Алварез и скршеното лого на Барселона

Кршливото примирје меѓу елитата во Ла Лига е повторно нарушено. Атлетико Мадрид се подготвува да поднесе официјална жалба до ФИФА против Барселона поради наводни нелегални преговори со нивниот напаѓач, Хулијан Алварез.

Според неофицијалното соопштение кое клубот го достави до шпанскиот весник Diario AS, на раководството на Атлетико им прелеа чашата од трансфер-тактиките на каталонскиот гигант. „Планот е да поднесеме тужба до ФИФА бидејќи Барселона преговара со фудбалер кој има важечки договор“, порачаа мадриѓаните, најавувајќи правна битка која би можела сериозно да го затресе европскиот фудбал.

Ова не е првпат овие два шпански клуба да ги вкрстат копјата зад кулисите. Раководството на Атлетико не штедеше зборови, директно потсетувајќи на минатите преседани за да го илустрира она што го гледаат како системско однесување на Барселона.

„Веќе видовме како оперира Барселона. Додека Атлетико се подготвуваше за двомечот во Лигата на шампионите против Јувентус, тие им ветуваа провизии на сестрата на Гризман, на неговото семејство, па и на самиот играч…“: се вели во дописот на Атлетико до Diario AS.

Оваа реакција не враќа во 2019 година и горчливата сага околу Антоан Гризман, кога Мадриѓаните тврдеа дека Барселона тајно преговарала со францускиот напаѓач долго пред да биде активирана неговата откупна клаузула. Со отворањето на старите рани, „Јорганџиите“ јасно ставаат до знаење дека за нив случајот со Хулијан Алварез е само реприза на минатото, но овој пат нема намера да премолчат.

Реториката на Атлетико ескалираше од обично незадоволство во отворено непријателство. Во еден од најострите коментари во поновата историја меѓу два елитни клуба, челниците на Атлетико беа брутално искрени за своите ривали:

„Сите знаат дека тоа е клуб кој се служи со измами. Но, овој пат налетаа на противник кој нема само да се насмее на тоа“, децидни се од Мадрид.

Според строгите правила на ФИФА, на клубовите им е строго забрането да влегуваат во директни преговори со фудбалери под договор, освен ако до крајот на нивната обврска не преостануваат помалку од шест месеци. Заобиколувајќи ги официјалните канали за да му ја „заврти главата“ на Алварез, Барселона предизвика жесток одговор. Атлетико е подготвен да оди до самиот крај пред највисокото фудбалско тело, што ветува правен дуел кој до крај ќе ги тестира правилата на ФИФА против недозволено трансфер-мешање.


Стерлинг Браун го напушти Партизан

Американскиот кошаркар Стерлинг Браун и официјално повеќе не е член на Партизан, соопшти белградскиот клуб.

Браун пристигна во редовите на „црно-белите“ во летото 2024 година и брзо се наметна како еден од важните играчи во тимот.

Во изминатата сезона од Евролигата просечно постигнуваше 13,7 поени, надополнети со 2,8 скока и 2,3 асистенции по натпревар.

Во АБА лигата неговите бројки изнесуваа 10,7 поени, 2,5 скока и 2,5 асистенции во просек.„

Стерлинг Браун кариерата ќе ја продолжи во друг клуб. По две сезони минати во црно-белиот дрес, искусниот бек заминува со договорено обештетување и ќе започне ново поглавје во својата кариера“, соопштија од Партизан.


Лијевски е наследникот на Талант во Киелце

Кжиштоф Лијевски е официјално нов тренер на полскиот ракометен гигант, Кјелце.

Новиот тренер беше веќе претставен од клубот и доаѓа како замена за легендарниот Талант Дујшебаев.

Лијевски работеше како привремен тренер откако замина Дујшебаев, а сега ја доби целосната доверба од клупската управа, која од него ќе очекува добри резултати во домашни и меѓународни рамки.

Пред само неколку недели се закити со шампионската титула во домашното првенство, што беше јасен знак за управата дека поседува квалитет за клупата на славниот полски тим. Договорот е со важност до 2028 година.


Суспензија на Марко Бецеки по инцидентот на патеката во Брно

Лидерот во МотоГП шампионатот, Марко Бецеки, е суспендиран од главната трка за Големата награда на Чешка откако физички нападна редар по пад на спринт трката.

Овој инцидент, кој предизвика остри реакции во спортската јавност, сериозно ги загрозува неговите шанси за освојување на титулата во тековната сезона.

За време на спринт трката одржана на 20 јуни 2026 година на патеката во Брно, Чешка, италијанскиот возач Марко Бецеки, кој настапува за тимот на Априлија, доживеа пад во свијокот број 3. Додека редарот по име Ладислав се обидуваше да го подигне оштетениот мотоцикл, дојде до ненамерно активирање на гасот, што предизвика бурна реакција кај Бецеки.

Италијанецот го оттурна и физички го удри редарот, што беше протолкувано како сериозно кршење на правилникот на ФИМ (Меѓународната мотоциклистичка федерација), конкретно членот 3.3.2.2 кој се однесува на постапки штетни за интересите на спортот.


Марез го уништи Јордан, Алжир остана со шанси за втората фаза

Фудбалерите на Алжир го совладаа Јордан со 2-1 (0-1) во натпревар од второто коло во групата Ј на Светското првенство 2026.

Уште еден пресврт беше виден на Мундијалот, откако Јордан имаше предност по првото полувреме, а Алжир во возбудлива завршница успеа да дојде до трите бода.

Со оваа победа Алжир стигна до три бода и остана во игра за пласман во нокаут-фазата. Во последното коло избраниците на Владимир Петковиќ ќе играат директен дуел против Австрија за место во следната рунда.

Јордан, пак, остана без освоен бод и сега му е потребно вистинско чудо против светскиот шампион Аргентина за да ги задржи шансите за пласман понатаму.

Натпреварот не понуди премногу квалитетен фудбал, но беше неизвесен во поголемиот дел. Во првите триесетина минути најопасен беше Ријад Марез, кој двапати доби долги топки зад одбраната, но не успеа да ги претвори во вистински закани.

Казната стигна во 36. минута кога Јордан една од ретките акции на противничката половина ја претвори во гол. Низар Ал Рашдан прецизно го погоди поблискиот агол на голот што го бранеше Лука Зидан, синот на легендарниот Зинедин Зидан.

До крајот на првото полувреме Алжир безуспешно се обидуваше да израмни, но вистинскиот притисок следуваше во продолжението.

Наградата за иницијативата стигна во 69. минута кога Надир Бенбуали беше највисок по корнерот на Марез и со удар со глава го совлада противничкиот голман за 1-1.

Алжирците веднаш тргнаа по целосен пресврт. По неколку опасни напади и кратка пауза за освежување, решавачкиот момент се случи во 82. минута.

По уште еден корнер од десната страна, Амин Гуири најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја испрати топката во мрежата за 2-1.

Ситуацијата беше исклучително тесна, па словенечкиот судија Славко Винчиќ неколку минути чекаше потврда од ВАР-собата. По долгата проверка голот беше признат, а Алжирците почнаа да слават.

До крајот резултатот не се менуваше, па Алжир остана жив во битката за место меѓу најдобрите 32 селекции на Светското првенство.


Два гола на Мбапе на стотиот настап, Франција пресилна за Ирак

Фудбалерите на Франција го совладаа Ирак со 3:0 (1:0) во натпревар од второто коло во групата И на Светското првенство 2026.

Дуелот во Филаделфија ќе остане запаметен по двочасовниот прекин предизвикан од силно невреме и грмежи, поради што целиот натпревар траеше речиси четири часа.

Според безбедносните правила во САД, доколку гром удри во радиус од 13 километри од стадионот, натпреварот мора да биде прекинат најмалку 30 минути, а гледачите и учесниците да бидат преместени на безбедно место.

Французите уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз играта и постојано го притискаа противничкиот гол. Ирак најчесто се бранеше и се обидуваше да се закани преку контранапади, додека избраниците на Дидие Дешан трпеливо ја градеа играта.

Наградата за доминацијата стигна во 14. минута кога Килијан Мбапе постигна прекрасен погодок за водство од 1:0. За капитенот на Франција ова беше јубилеен 100. настап во националниот дрес, кој го одбележа на најдобар можен начин.

Набргу потоа следуваше големото невреме кое го одложи почетокот на второто полувреме за цели два часа.

По продолжението на натпреварот Франција уште посилно притисна. Во 54. минута Мбапе искористи голема грешка на ирачката одбрана и го постигна својот втор погодок на натпреварот, а четврти на турнирот.

Само неколку минути подоцна Мајкл Олисе ја погоди пречката, Адриен Рабио промаши празен гол, а конечните 3:0 ги постави Усман Дембеле во 66. минута со одличен удар во подалечниот агол.

До крајот Французите рутински ја контролираа играта и без проблеми ја сочуваа предноста.

Со оваа победа Франција стигна до шест бода и веќе обезбеди место во нокаут-фазата на Светското првенство, додека во последното коло ќе игра против Норвешка во директна битка за првото место во групата.


Халанд со два гола го уништи Сенегал и се пласира во елиминационата фаза

Фудбалерите на Норвешка го совладаа Сенегал со 3-2 (1-0) во натпревар од второто коло во групата И на Светското првенство 2026.

Дуелот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, каде што на 19 јули ќе се игра и финалето на Мундијалот, го одбележа Ерлинг Халанд.

Моќниот напаѓач постигна два гола и со вкупно четири погодоци на турнирот остана во чекор со Лионел Меси, кој има пет, и Килијан Мбапе, кој исто така е на четири гола.

Уште поважно за Норвежаните е што со оваа победа обезбедија место во нокаут-фазата, а во последното коло против Франција ќе решаваат за првото место во групата.

Од друга страна, Сенегал остана без бодови и со гол-разлика 3-6 се наоѓа на работ на елиминација пред дуелот со Ирак.

Норвешка од самиот почеток играше поагресивно и создаде неколку опасни ситуации пред противничкиот гол. Веќе во 13. минута селекторот мораше да прави принудна измена по повредата на Јулијан Ријерсон.

Неговата замена Маркус Педерсен подоцна се покажа како еден од хероите на натпреварот. Во 43. минута тој ја искористи големата грешка на Калиду Кулибали и го постигна својот прв гол за националниот тим за водство од 1-0.

Во судиското продолжение на првото полувреме Халанд ја погоди стативата на празен гол, но брзо се реваншираше.

Само три минути по почетокот на вториот дел, во 48. минута, тој реализираше брза контра и ја удвои предноста на Норвешка.

Сенегал не се предаде и во 53. минута преку Исмаила Сар намали на 2-1. Напаѓачот одлично се снајде и од земја успеа да ја испрати топката во мрежата.

Сепак, надежта на африканската селекција траеше кратко. Во 58. минута повторно на сцена стапи Халанд, кој со својот втор гол на натпреварот ги постави конечните 3-1 и практично ги реши сите дилеми околу победникот.

До крајот Норвежаните рутински го контролираа резултатот, а Сенегал успеа само да го ублажи поразот во третата минута од судиското продолжение, кога повторно стрелаше Исмаила Сар за конечни 3-2.

За Норвешка ова е историски почеток на едно Светско првенство, бидејќи за првпат во својата историја турнирот го отвора со две победи.


Салах: Сите сакаме да станеме херои на Египет!

Капитенот на египетската репрезентација, Мохамед Салах, не го криеше задоволството по победата над Нов Зеланд од 3-1 на Светското првенство.

Со триумфот, „фараоните“ го презедоа врвот во групата и направија огромен чекор кон пласман во елиминациската фаза од турнирот.

Салах беше еден од клучните играчи во пресвртот, откако го постигна вториот гол за Египет, а по натпреварот истакна дека победата има огромно значење за неговата земја.

„Чувството е неверојатно, тешко е да се опише со зборови. Ова е големо достигнување за сите играчи, стручниот штаб и навивачите. Ако продолжиме да играме вака може да направи големи работи. Сакаме да испишеме историја за египетскиот фудбал. Сега имаме можност за такво нешто. Сите сонуваме да останеме запаметени како вистински херои на египетскиот фудбал“, порача Салах.

Египет последното коло од групната фаза ќе го дочека како лидер, а по победата над Нов Зеланд, капитенот ја доби и наградата за најдобар играч на натпреварот.


Суспензија од четири години за Маркета Вондрушкова

Поранешната шампионка на Вимблдон, Маркета Вондрушова, се соочи со една од најстрогите казни во нејзината кариера, откако Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) ѝ изрече четиригодишна суспензија поради одбивање на допинг тест.

На 3 декември 2025 година, чешката тенисерка одби да се подложи на тестирање, а за време на постапката не успеа да обезбеди доволно убедливи аргументи за да докаже дека не ги прекршила антидопинг правилата.

Според одредбите на Светскиот антидопинг кодекс и Програмата за антидопинг во тенисот, одбивањето или избегнувањето на давање примерок се третира на ист начин како позитивен наод, освен ако не се докажат посебни околности што би ја оправдале таквата постапка.

Трибуналот заклучи дека Вондрушова ги прекршила прописите, поради што е суспендирана четири години. За време на суспензијата, таа нема да може да учествува на ниту еден професионален турнир, ниту на никаква активност организирана под покровителство на тениските институции.

Казната стапува на сила од датумот утврден од трибуналот, додека сите резултати постигнати по моментот на прекршокот ќе бидат поништени, заедно со паричните награди и освоените спортски награди. За време на постапката, Вондрушова ја изнесе својата верзија на настаните.

„Инспекторите дојдоа на мојата врата среде ноќ, не се претставија според прописите и не ги пуштив внатре. Во последните месеци бев под голем стрес поради разните закани што ги добивав преку социјалните мрежи“, рече Маркета Вондрушова.