feature

Куман: Оваа Барса не е истата од пред осум години

Тренерот на Барселона, Роналд Куман одби да зборува за својата иднина во клубот по ремито во петтото коло од шпанското првенство со Гранада (1-1).

„Мораме да им се заблагодариме на навивачите бидејќи не поддржуваа до последен момент. Ремизиравме, но беше тежок натпревар. Нема да зборувам за својата иднина. Ако имавме малку повеќе среќа, можевме да победиме на овој натпревар. Дадовме се од себе за да победиме. Денешната Барселона не е Барселона од пред осум години“, вели Куман.


Карвахал еден месец надвор од терените

Даниел Карвахал, е со ризик да пропушти еден месец поради повреда што ја заработи на натпреварот од 5. коло на Шпанската Примера против Валенсија.

Карвахал беше подложен на лекарски преглед за да се утврди сериозноста на повредата, но на барање на играчот, клубот нема да ги објави деталите за извештајот на лекарите. Според изворот, Карвахал ќе мора да паузира еден месец поради повреда. По натпреварот против Валенсија, тренерот Карло Анчелоти рече дека на дефанзивецот имал проблем со мускул во ногата.

Да потсетиме, шпанскиот дефанзивец беше заменет во 26. минута од натпреварот со Валенсија. Средбата ја доби Реал Мадрид со превсрт во финишот со 2-1. По пет одиграни кола, Реал Мадрид се наоѓа на првото место на табелата со 13 бодови.


Судот пресече: УЕФА нема право да ги казни клубовите основачи на Суперлигата

Судијата Мануел Руиз де Лара донесе пресуда според која и нареди на УЕФА да ги укине санкциите против клубовите основачи на Суперлигата, а тоа се Барселона, Реал Мадрид и Јувентус во рок од пет дена, пренесува „Ел Еспањол“.

Во својата пресуда, судијата истакнува дека „УЕФА дејствува надвор од својата правна рамка, со што ги охрабрува практиките што го загрозуваат принципот на слободна конкуренција во професионалните фудбалски натпревари во Европската унија“.

Во УЕФА ќе имаат рок од пет дена да ги укинат санкциите против клубовите. Во спротивно, организацијата се соочува со воведување парични казни и упатување до обвинителството за случај на непослушност кон одлуката на судскиот орган. Да потсетиме, проектот на Европската Супер лига значеше создавање на една лига, во која ќе учествуваа 20 европски клубови.

Учеството во Супер лигата го потврдија врвни клубови како Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид, Челзи, Барселона, Интер Милано, Јувентус Торино, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Тотенхем.

Сепак по брзата реакција на УЕФА, не дојде до формирање на оваа лига.


Се случи сензација каква тенискиот свет не памети! (видео)

Во текот на викендот беа одиграни натпревари од Дејвис Купот, а едно од најголемите изненадувања во историјата на тенисот се случи во Буенос Аирес, на натпреварот помеѓу Аргентина и Белорусија.

Првиот натпревар во првата Светска група го играа Диего Шварцман, 15. тенисер на светот, и белорускиот јуниор Данил Остапенков. Заврши со шокантна победа од 6:4, 6:3 за Белорусинот, тенисер кој воопшто нема ранкинг на АТП листата. Коефициентот за победа на младиот тенисер беше 101, а на победа на Шварцман 1.01. Во натпреварот кој траеше час и 38 минути, Остапенков освои 11 поени повеќе, сервираше три аса повеќе и искористи шест од осум прилики за брејк. Белорусинот е 63. јуниор на светот, никогаш не освоил некој посилен јуниорски турнир, никогаш не играл на АТП турнир, а неодамна беше поразен од 804. јуниор на светот.

Аргентинците подоцна ги добија трите наредни натпревари и ја осигураа победата.

https://twitter.com/DavisCup/status/1439255410259660802

Натпреварот Ватфорд – Њукасл ќе биде историски во Премиерлигата

Натпреварот помеѓу Ватфорд и Њукасл, кој ќе се одигра во сабота во рамки на 6. коло од англиската Премиерлига, ќе биде прв во историјата на тоа натпреварување кој ќе го води странски судија.

Во прашање е Џеред Жилет, Австралиец кој во Обединетото Кралство живее од 2019. година и минатото лето беше ставен на списокот судии кои ќе судат на натпреварите од англиските првенства.

Жилет е искусен судија кој во родната земја водеше многу финалиња пред да се пресели во Англија и тамошната ЕФЛ, каде започна да работи како ВАР судија.

Негови помошници на натпреварот ќе бидат Ли Бетс и Константин Хацидакис.


Митрашиновиќ и Тарбс подготвени за квалификациите во ФИБА Еврокупот

Успешна генерална проба направи екипата на Тарбс во пресрет на квалификациите за место во регуларниот дел од ФИБА Евро Купот во женска конкуренција.

Анџелика Митрашиновиќ и нејзиниот нов клуб, Тарбс славеа победа на гостувањето во Виторија од (57:51). Капитенот на нашиот женски национален тим беше втор стрелец во екипата. Реализираше 11.поени, но на почетокот на последниот период се пожали на болки и не го доигра овој последен контролен меч пред патувањето во Кортрајк, каде за два дена ги чека стартот на квалификациите од ФИБА Евро Купот.

Пред Митрашиновиќ да излезе од игра, нејзината екипа имала 16.поени предност (49:33), што се почувствувало во играта на „виолетовите“ во последните дсет минути.


Гнабри ќе добие нов договор во Баерн Минхен

Баерн Минхен има намера да потпише нов договор со напаѓачот Серж Гнабри до 2026 година.

Минхенци веќе преговараат со агентите на 26-годишниот играч на германската репрезентација и наскоро може да се очекува и финализирање на преговорите.

Сегашниот договор меѓу Гнабри и Баерн Минхен важи до јуни 2023 година. Напаѓачот веќе дојде до бројката од 3 гола на 5 натпревари во тековната сезона во Бундеслигата.


Серхи Роберто и Барса заедно до 2024 година

Фудбалерот на Барселона, Серхи Роберто се договорил со управата на клубот и ќе потпише нов договор за уште две години. Ова ќе се случи на почетокот на следната недела, објавија весникот Марка.

29-годишниот играч за врска се согласил да ја намали платата и ќе се обврзе на верност до 2024 година. Така, сите четворица капитени на „Камп Ноу“ сега ќе имаат намалени плати, како што претходно истото го направија Жерард Пике, Серхио Бускетс и Жорди Алба.


Тиаго ќе прескокне два натпревари на Ливерпул

Тиаго Алкантара ќе го пропушти натпреварот против Норич во третото коло од Лига купот на Англија, како и натпреварот од англиската Премиер лига против Брентфорд поради повреда на потколеницата, објави официјалната веб-страница на клубот.

Асистентот на Јирген Клоп, Линдерс, ја коментираше ситуацијата со повредата на играчот од средниот ред.

„Како што рече тренерот претходно, Тиаго се здоби со повреда на потколеницата. Не можам сега да кажам колку време ќе биде потребно за да закрепне, но дефинитивно нема да игра утре и за време на викендот. Ќе можеме да поставиме точна дијагноза само откако ќе ги добиеме резултатите од испитувањето. Штета, бидејќи тој ја презеде играта, тој беше вистински плејмејкер, според мое мислење. Лошо е што нема да ни помогне во следните натпревари“, изјави Линдерс.

Да потсетиме, Алкантара се здоби со повреда на натпреварот од 5. коло на англиската Премиер лига против Кристал Палас. Играчот беше заменет во 62. минута од средбата. Во тековната лига сезона во Англија, Тиаго Алкантара одигра четири натпревари и има една асистенција. Покрај шпанскиот играч за врска, повредени кај Ливерпул се и Трент Александар-Арнолд и Роберто Фирмино.


Мани Пакиао е кандидат за претседател на својата земја

Легендарниот филипински боксер Мани Пакиао е номиниран како кандидат на филипинската владејачка партија за претседателските избори наредната година, објави неговиот близок соработник, сенаторот Акуилино Пиментел.

Пакиао, кој во моментот е сенатор, е номиниран од неговата партија неколку дена откако противниците го кандидираа актуелниот претседател Родриго Дутерте.

Пакиао ја прифатил номинацијата, јавуваат медиумите.

Тој е првиот боксер кој станал светски првак во осум различни боксерски тежински категории, а во кариерата има скор од 62 победи, седум порази и два реми. Последната свеска титула ја освои во 2019. година во велтер категорија на свои 40 години.

Во можеби последната борба во кариерата, беше поразен од Јорденис Угас со едногласна одлука на судиите.

Го носеше знамето на Филипини на отворањето на Олимписките игри во Пекинг 2008. година, иако на истите не настапуваше. Тоа беше идеја на тогашната филипинска претседателка Глорија Макапагал-Аројо.

Во 2010. година, Пакиао беше избран за претставник во Собранието на Филипини.