feature

Ѓоковиќ го сели АТП турнирот од Белград во Атина

Serbia’s Novak Djokovic celebrates after winning against Russia’s Andrej Rublev during their singles tennis match of the ATP World Tour Finals, at the Pala Alpitour in Turin, Italy, Wednesday, Nov. 16, 2022. (AP Photo/Antonio Calanni)

Грчката агенција SDNA носи бомбастична вест, Новак Ѓоковиќ одлучил да го премести турнирот од АТП серијата 250 во Атина во договор со Панатинаикос и тој ќе се одржи во ОАКА Арената, според извештаите од Грција.

Пред неколку недели, делегација на АТП ја посетила салата каде што игра Панатинаикос и направиле увид пред да донесат одлука за преместување на турнирот од Белград, пренесе Телеграф.

Турнирот треба да се одржи од 2 до 8 ноември, а Евролигата е информирана за сè, со цел да се организира Панатинаикос да игра во други сали во текот на ноември додека се одржува турнирот.

Интересно е што турнир од АТП серијата не се одржал во Атина од 1994 година.

Новак Ѓоковиќ моментално е на одмор во Грција, каде што беше на островите Миконос и Парос, а интересно е што присуствувал на литургија во грчка црква со премиерот Киријакос Мицотакис.


Давид Луиз реализира изненадувачки трансфер во Кипар

Давид Луиз го раскина договорот со бразилскиот клуб Форталеза само седум месеци по пристигнувањето. Наскоро по раскинот, Луиз одлучи да ја продолжи кариерата во кипарскиот шампион Пафос. Неговото доаѓање на Кипар предизвика огромен интерес кај јавноста.

Тридесетосумгодишниот Бразилец и Пафос треба да постигнат договор кој ќе трае до 2028 година, додека клубот се подготвува за двомечот во квалификациите за Лигата на шампионите против Динамо Киев.

Овој трансфер е значаен бидејќи претставува враќање на Луиз во европскиот фудбал, првпат по неговото заминување од Арсенал во 2021 и трансферот во Фламенго.


ЖРК Чаир потпиша со ракометарка од Парагвај

Македонскиот ракометен суперлигаш ЖРК Чаир постигна договор со Сабрина Фиоре од Парагвај, прва ракометарка од оваа земја која заиграла кај нас.

Се работи за 29-годишна ракометарка која своите почетоци ги имаше во клубот Сан Хозе од Парагвај, потоа настапуваше за бразилските екипи Кариацикенсе и ААУ, а кариерата ја продолжи во Ла Калзада и Балонмано Т-Маравиља.

Ракометарката која е пивот има остварено настапи и за репрезентацијата на Парагвај, на Светското првенство 2017 каде беше меѓу најдобрите десет стрелци, потоа на Панамериканските игри истата година каде заврши како најдобар стрелец, како и на СП 2021 во Шпанија.


Галевски: Aмбициите на Алкалоид сезонава се највисоки

Меѓу стативите на голот на Алкалоид е македонскиот репрезентативец Иван Галевски. Подготовките со клубот во Маврово течат во полн ритам, а очекувањата од сезоната и на личен и на тимски план секогаш се највисоки, согласно со амбициите на клубот.

„Повторно сме заедно, работиме напорно и сега ни следи еден подготвителен период, преку кој се подготвуваме на технички и тактички план. Знаеме дека овие тренинзи и активности малку се потешки од вообичаеното, но мора да работиме и да ги следиме задачите на тренерот за да дојдеме до посакуваното.

Работиме на сите сегменти на играта, се подготвуваме и кондициски, но мора овој ритам да го издржиме, затоа што сакаме да ја доживееме таа кулминација и да бидеме во посакуваната висока форма на крајот на месец август кога ни следи тежок старт на сезоната.

На почетокот имаме квалификации во Европската лига на ЕХФ каде ќе играме, а потоа ни следи и распоред со тешки домашни дуели во Суперлигата. Нема да биде воопшто лесно, но ние ја темпираме формата, добро ни течат подготовките, имаме добра тимска хемија. Нашите амбиции се јасни, оваа екипа е составена да победува, па така ќе одиме на победа на секој натпревар во сезоната и да го прикажеме најдоброто од нас“, изјави Галевски.


Реиниер Жесус раскина со Реал без ниту еден официјален настап

Бразилскиот фудбалер Реиниер Жесус заминува од Реал Мадрид по пет и пол години, без да забележи ниту еден официјален настап за првиот тим.

Тој се приклучи на клубот кога имаше само 18 години, за сума од 30 милиони евра, и се расплака на своето претставување во Реал. Кариерата ќе ја продолжи во родна Бразил каде што ќе го носи дресот на Атлетико Минеиро.

Во „кралскиот“ клуб имаа големи очекувања од неговиот потенцијал, но приказната доби поинаков развој и Жесус заминува од клубот без ниеден настап на Сантијаго Бернабеу.


Рафиња: Подобра за Барса што не дојде Нико Вилијамс

Нико Вилијамс беше на чекор до трансфер во Барселона ова лето, сите очекуваа зделката да се случи, но тогаш тој го шокираше светот потпишувајќи десетгодишен договор со Атлетик Билбао.

Нико Вилијамс ќе беше директна конкуренција за Рафиња. Бразилскиот фудбалер нема добро мислење за Шпанецот.

„Нико Вилијамс? Тие кои не сакаат да бидат тука подобро што не се тука. Искрено, добро е да имате квалитетни фудбалери кои сакаат да бидат во клубот и да го носат овој дрес“, вели Рафиња.


Полска доминантно ја освои Лигата на нации во одбојка

Полските одбојкари ја освоија Лигата на нации на FIVB по втор пат во историјата. Овој пат тоа го направија на завршниот турнир во Нингбо, Кина.

Избраниците на Никола Грбиќ убедливо ја победија Италија во големото финале со 3-0 во сетови – 25-22, 25-19, 25-14.

Најдобар играч за Полска на овој натпревар беше Вилфредо Леон со 16 поени. По него следуваа Камил Семењук со 13, а капитенот Јакуб Кочановски со седум поени.

За Италија, Даниеле Лавија беше најефикасен и единствен играч со двоцифрен број на поени со 11. Алесандро Мичиелето додаде седум поени.

Грбиќ, кој е селектор на Полска од 2022 година, го освои својот шести медал со оваа репрезентација, трето злато.

Тој го освои најбрилијантниот медал во 2023 година во Лигата на нации и на Европското првенство, сребро на Светското првенство во 2022 година и на Олимписките игри во 2024 година, и бронза во Лигата на нации во 2022 и 2024 година.

Да потсетиме дека третото место во Лигата на нации му припадна на Бразил, кој по пресврт ја победи Словенија со 3-1 .


Норис победи на трката во Хунгароринг

Возачот на Мекларен, Ландо Норис победи на денешната трка од шампионатот во Формула 1 возена во Будимпешта за Големата награда на Унгарија.

Британецот до триумфот стигна од петтата стартна позиција и ја намали разликата на само девет бод аво однос на лидерот во Генералниот пласман, неговиот клупски колега Оскар Пјастри.

Токму Пјастри со второто освоено место (+0,698 секунди) ја потврди доминацијата на Мекларен сезонава во Ф1.

Далеку зад првите двајца, како трет трката ја заврши Џорџ Расел од Мерцедес (+21,916 секунди).

Шарл Леклер од Ферари кои тргна од пол-позицијата на крајот беше четврти.

Актуелниот светки првак Макс Верстапен го освои 9.место, додека Луис Хамилтон од Ферари за прв пат сезонава не беше во првите десет и остана без бодови. Седумкратниот шампион го освои 12. место.


Виљареал го враќа Томас Парти во Шпанија

Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал, Томас Парти, го избра својот нов клуб. Играчот од средниот ред ќе ја продолжи кариерата во Ла Лига, каде што ќе го носи дресот на Виљареал, објави Дејвид Орнштајн од „Атлетик“.

Парти е слободен агент откако неговиот договор со „топџиите“ истече и не беше обновен. Фудбалерот од средниот ред, кој има 32 години, ќе потпише двегодишен договор со Виљареал, а учеството на тимот во Лигата на шампионите оваа сезона е клучен фактор за интернационалецот од Гана.

Парти сè уште не ги поминал лекарските прегледи, но се очекува тоа да се случи многу наскоро, по што ќе следува официјалната промоција.


Реал мора да продава: На излезна врата Родриго, Алаба и Менди

Реал Мадрид во моментов е фокусиран на продажба на играчи, откако веќе потпиша со четири нови играчи за претстојната сезона 2025/26.

Родриго, Ферланд Менди и Давид Алаба се меѓу играчите што клубот е подготвен да ги продаде, но најсериозното име поврзано со можен трансфер е Винисиус Жуниор.

Во последните недели имаше многу шпекулации за ситуацијата со новиот договор на Бразилецот. 24-годишникот има помалку од две години од неговиот тековен договор, но сè уште не е постигнат договор за продолжување на неговиот престој по 2027 година.

Ова отвори голема можност за клубовите во Саудиска Арабија, кои долго време се заинтересирани за Винисиус. Сепак, ова веројатно нема да се случи ова лето.

Причината е што играчот не би размислувал да се пресели во Саудиска Про лига ова лето, бидејќи Светското првенство во 2026 година е силен поттик за многу играчи да останат во Европа, бидејќи ќе им обезбеди поголема шанса да бидат повикани во нивните соодветни национални тимови.