feature

Јани Атанасов потпиша за грчка АЕ Лариса

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Јани Атанасов денеска беше промовиран како ново засилување за грчкиот клуб АЕ Лариса.

Грчкиот клуб го потврди доаѓањето на македонскиот фудбалер кој во АЕЛ пристигнува од Краковија.

„ПАЕ АЕЛ може да соопшти дека потпиша двегодишен договор со Јани Атанасов“, информираше грчкиот клуб кој е еден од најголемите надвор од Атина и Солун.

За 25-годишниот Атанасов ова е петти клуб во странство, претходно играше за Бурсаспор, Хајдук, Карковија и беше позајмен на Ниеплоломице. Кариерата ја почна во Академија Пандев.


Родриго одби трансфер во Тотенхем

Фудбалерот на Реал Мадрид, Родриго, одбива трансфер во Тотенхем. Тој претпочита попрестижен клуб во случај да го напушти Реал.

Деновиве се појавија информации дека лондонскиот клуб е заинтересиран за крилниот фудбалер и се надева дека ќе го добие за помалку од 90 милиони евра.

Според шпанските медиуми, Тотенхем се распрашал за Родриго, но преговорите во моментов не се во тек.

Минатата сезона, Родриго одигра 30 натпревари во Ла Лига, постигнувајќи шест гола и пет асистенции.


Јуве го враќа Тонали во Серија А

Јувентус сериозно размислува да испрати атрактивна понуда до Њукасл за Сандро Тонали, објавија во вторникот италијанските медиуми.

Италијанскиот репрезентативец се пресели од Милан на северот од Англија во 2023 година во трансфер вреден 60 милиони евра.

Иако потпиша петгодишен договор со „страчките“, веќе по две сезони во Премиер лигата, Јувентус планира амбициозно враќање на Тонали во Италија.

Како што пишува „Газета дело Спорт“, „Старата дама“ наводно веќе воспоставила контакт со Њукасл. Јуве би платил 40 милиони евра , во замена за играчот што сака да го продаде, Даглас Луиз (27). Бразилецот не ги исполни очекувањата по трансферот од Астон Вила.

Сите детали за овој потенцијален трансфер ќе бидат појасни во наредните денови, но едно е сигурно: Јувентус е подготвен да направи сериозен чекор со цел да го врати Тонали во Серија А.


Милосављев следното лето се сели во Полска

Голманот на германскиот првак, Фуксе Берлин, Дејан Милосављев, по истекот на договорот ќе се пресели во Полска. Од сезоната 2026/2027, поранешниот голман на Вардар ќе ги брани боите на Киелце.

Како што пишува „handball-planet.com“, новиот клуб на српскиот голман, повторно гради силен тим, но во тој тим веројатно ќе го нема семејството Душебајев. Алекс и Даниел и нивниот татко Талант се на мета на Кил.

Милосављев е во Берлин од 2019 година, дојде во тимот откако ја освои европската титула со Вардар.

Минатата сезона, „Лисиците“ го продолжија договорот со првата ѕвезда на тимот, Матијас Гидсел, до 2029 година, и се чини дека во буџетот немаат доволно пари за да го продолжат договорот и со голманот.

Киелце е во пад со години, по два настапи во финалето на Лигата на шампионите, сезоната пред минатата беше елиминиран во четвртфиналето, а претходната сезона веќе во првата нокаут рунда.

Веќе две години, тимот на Талант Дујшебаев го губи приматот во Полска од Висла од Плоцк. Ова лето, најголемото засилување е словенечкиот ас Алекс Влах од Алборг. Хрватскиот репрезентативец Лука Ловре Кларица, десен бек на Загреб, заедно со Милосављев, ќе пристигне следното лето.


Евертон го сака Грилиш на позајмица

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Џек Грилиш, може да ја продолжи кариерата во друг клуб.

Според „Ipaper“, Евертон е заинтересиран за 29-годишниот Англичанец, кој сака да го позајми фудбалерот.

Вест Хем и Наполи се исто така заинтересирани за играчот.

Во сезоната 2024/25, Грилиш одигра 32 натпревари за Сити во сите натпреварувања, постигна три гола и направи пет асистенции. Неговиот договор со клубот е важечки до 30 јуни 2027 година.

Порталот „Transfermarkt“ ја проценува вредноста на играчот на 28 милиони евра.


Алисон се повреди, нема да брани на азиската турнеја за Ливерпул

Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, го напушти тренинг кампот на тимот во Токио и нема да учествува на пријателскиот натпревар против Јокохама Маринос во среда. Според „Атлетик“, бразилскиот репрезентативец заминал од лични причини и ќе се врати во тимот на Арне Слот дури откако тимот ќе се врати во Велика Британија.

Се очекува новопотпишаниот грузиски голман, Гиорги Мамардашвили, да започне во тимот за утрешниот пријателски натпревар.

Алисон е третиот играч на Ливерпул кој го напушти кампот порано. Пред него, Џо Гомез се врати на Островот на дополнителни медицински прегледи поради повреда на Ахиловата тетива, а Луис Диаз доби дозвола да патува во Минхен, каде што го финализира трансферот во Баерн.

„Црвените“ пристигнаа во јапонската престолнина во неделата откако загубија со 2:4 од Милан во пријателски натпревар одигран во Хонг Конг.


Григор Димитров ќе го пропушти УС Опен

Бугарскиот тенисер Григор Димитров нема да игра на Отвореното првенство на САД, кое започнува на 24 август.

„TennisKafe“ оваа информација ја соопшти повикувајќи се на менаџерот на Бугаринот.

Димитров продолжува да заздравува по повреда на градниот мускул и се надева дека ќе се врати во азиската серија.

Претходно, Димитров се откажа од четвртото коло на Вимблдон, водејќи го Јаник Синер со 2:0 во сетови. Во третиот сет, при резултат 2:2, сервираше ас, потоа седна на теренот и се фати за десната страна на градите и не можеше да го продолжи мечот.


Свен Улрајх доби нов договор со Баерн

Баерн Минхен објави на својата официјална веб-страница дека го продолжи договорот со голманот Свен Улрајх . Новиот договор е со важност до летото 2026 година.

„Свен Улрајх е олицетворение на сигурноста: тој ги држи своите ветувања – во вистинската смисла на зборот. Луѓе како него се корисни за секој тим. Среќни сме што тој ќе помине уште една сезона со нас“, изјави спортскиот директор на клубот, Макс Еберл за официјалната веб-страница.

Улрајх се приклучи на Баерн во 2015 година од Штутгарт. До денес, Улрајх одигра 103 натпревари за Баерн. Тој ја освои Бундеслигата девет пати, Купот на Германија три пати, Суперкупот на Германија шест пати, како и Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА по еднаш.


Џек Грилиш им се врати на тренинзите по повредата

Играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Џек Грилиш, се врати на тренинзите со англискиот клуб, додека играчот продолжува да бара нов клуб, објави „ЕСПН“.

Грилиш беше изоставен од составот на Пеп Гвардиола за Светското клупско првенство на ФИФА откако му беше кажано дека нема да сметаат на него. Тој беше на лична програма за тренинг во текот на летото.

Евертон и Вест Хем Јунајтед се меѓу клубовите за кои се вели дека се заинтересирани да го потпишат Грилиш.

Прецизирано е дека „Граѓаните“ би сакале да се договорат за перманентен трансфер, но ќе ги разгледаат понудите за позајмица како што се приближува рокот за трансфер.

Да потсетиме дека Грилиш игра за Манчестер Сити од август 2021 година. Минатата сезона, играчот од средниот ред учествуваше во 32 натпревари, каде што постигна три гола и имаше пет асистенции.


Ботас ќе биде првиот возач на Кадилак

Финскиот возач Валтери Ботас ќе се приклучи на тимот на Кадилак како нивен прв возач.

„GPblog“ објави за постигнат договор со американскиот тркачки тим и договорот ќе биде потпишан во блиска иднина.

Сè уште не е познато кој ќе биде втор возач на тимот и ќе настапува заедно со Ботас. Серхио Перез се смета за главен кандидат за оваа улога, вклучително и поради финансиската поддршка од спонзорите што Мексиканецот може да ја привлече.

Американскиот тим ќе стане единаесетти учесник во светскиот шампионат во Формула 1 во сезоната 2026.

Ботас моментално е резерва за германскиот тим Мерцедес.