feature

Мурињо: Иако загубивме, бевме подобар ривал од Јуве

Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, смета дека неговиот тим не го заслужи поразот (0-2) од Јувентус синоќа во 7. коло од Лигата на шампионите.

„Разликата помеѓу Јувентус и Бенфика е што тие постигнаа гол, а ние не. Во поголемиот дел од натпреварот, Бенфика беше подобра. Доминиравме во одредени периоди, но за жал, пропуштивме шанси. Игравме добро против многу силен противник, со малку опции и многу млади играчи на клупата. Тоа е фудбалот – мора да се прифати исходот“, изјави Мурињо по натпреварот во Торино.

Јувентус има 12 бода и е на 15. место на табелата. Бенфика е на 29. позиција со 6 бода.


Спалети: Понекогаш се сомневав дали ќе успеам во Јуве

Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Лучијано Спалети, вели дека неговиот тим заслужено славеше против Бенфика со 2-0 со што си обезбеди место во плејофот од Лигата на шампионите. Италијанците имаат шанса за пласман меѓу првите 8 и директно да одат во осминафиналето.

„Понекогаш се сомневав дали ќе успееме, но едноставно таков сум. Имавме некои тешкотии во почетокот на второто полувреме а потоа се вративме на нашиот фудбал.

Нашиот радар треба секогаш да биде вклучен но, понекогаш ја губевме топката затоа што имавме непрецизни додавања“, додаде специјалистот.


Нотингем Форест се вклучи во трката за Цимикас

Фудбалерот на Рома, Костас Цимикас, може да ја напушти Италија и да се врати во Англија во екипата на Нотингем Форест, наведуваат дел од медиумите на „Чизмата“.

Се очекува грчкиот дефанзивец да го заврши престојот на Олимпико бидејќи истекува неговиот рок како позајмен од Ливерпул.

Цимикас се поврзува со голем број клубови но, Нотингем бил конкретен со понудата да го ангажира како позајмен играч а потоа да му го откупи договорот.


Барса му понуди нов договор на ветеранот Левандовски

Барселона е подготвена да го задржи Роберт Левандовски уште една година откако управата на овој клуб одлучи да му го продолжи договорот на Левандовски.

Понудата содржи и неколку услови, Левандовски треба да прифати да биде втора опција во нападот, што значи помалку минути на теренот и да се согласи на намалување на платата од најмалку 50 проценти.

Левандовски во моментов иам најголема плата во тимот, па според неговата улога во новата сезона, клубот очекува тој да се согласи на значително намалување на платата.

Левандовски пристигна во Барселона во летото 2022 година за 45.000.000 евра од Баерн Минхен. Освои две титули во Ла Лига, Купот на Кралот и два Суперкупа.


ТФТ по продолженија ја „скрши“ Слобода Дита

Македонскиот кошаркарски вицепрвак ТФТ оствари важна победа во регионалната кошаркарска АБА2 лига. Во натпревар од 6.коло ТФТ по продолжение ја совлада екипата на Слобода Дита Тузла со 96-91.

Македонскиот тим одигра одлично прво полувреме. На паузата ТФТ имаше двоцифрена предност (53-43), но гостите се вратија во третиот период и ја направија завршницата неизвесна.

Во последните минути од регуларниот дел ТФТ имаше мала предност, но со серија грешки на двата тима резултатот се израмни на 81-81, па мечот мораше да се решава во дополнителни пет минути.

Во продолжението скопјани успеаја да се одлепат. Слобода не успеа да одговори со ист интензитет и дозволи нови поени во својот кош, што значеше дека ТФТ го направи финалниот исчекор кон победата.

Најдобар стрелец кај македонскиот претставник беше Џастин Гордон со 20 поени, а по 18 постигнаа Дејвис и Виктор Ташовски.

За Слобода најрасположен беше искусниот Владимир Томашевиќ со 26 поени. Со оваа победа ТФТ ја зацврсти својата позиција во лигата.


Шведска ги декласира Хрватите и со стил ќе влезе во главната фаза

Ракометарите на Шведска како првопласирани во групата Е заминуваат во втората фаза од натпреварите на Европското првенство во ракомет.

Во одлучувачкиот меч против Хрватска, Швеѓаните обезбедија убедлива победа од 33-25.

Шведска беше доминантна од првата до последната минута на мечот и не дозволи „коцкестите“ да се вратат во живот за победа.

Доминацијата покажана на овој меч најавува атак на медал од страна на едне од трите домаќини на ова првенство.

Рогановиќ и Јохансон со по пет гола беа најефикасни кај Шведска, додека кај Хрватите, Срна постигна 7 гола.


Два премиерлигаши се вклучија во трката по Арда Ѓулер

Арсенал и Челзи влегувата во трка за потписот на Арда Гулер, доколку играчот на Реал биде достапен во летниот преоден рок.

Според „CaughtOffside“, Гулер е долгорочна цел на Арсенал, додека „сините“ неодамна имаа неколку контакти за да се распрашаат за неговата ситуација.

Турскиот интернационалец е на радарот на Арсенал уште од октомври 2024 година.

Во меѓувреме, Челзи исто така сака да влезе во трката. Двата клуба веруваат дека Гулер би можел да биде достапен ова лето за околу 90 до 100 милиони евра.


Клучни победи на Барса и Јуве, Атлетико заглави во Истанбул

Комплетирано е претпоследното, седмо коло од Лигата на шампионите на УЕФА. Барса преживеа Прага и на крајот стигна до сигурна победа, Ливерпул беше убедлив во Марсеј, Јуве го доби мало дерби против Бенфика, Баерн лесно се псрави со Унион во второто полувреме, а Челзи на „мускули“ го победи Пафос. Њукасл беше убедлив против ПСВ, а Атлетик Билбао, со пресврт во вториот дел победи во Бергамо.

Резултати:

ГАЛАТАСАРАЈ – АТЛЕТИКО МАДРИД 1:1 (1:1)
/Љоренте 20аг – Симеоне 4/

КАРАБАГ – АИНТРАХТ ФРАНКФУРТ 3:2 (1:1)
/Дуран 4, 80, Мустафазаде 90+4 – Узун 10, Шаиби 78 пенал/

АТАЛАНТА – АТЛЕТИК БИЛБАО 2:3 (1:0)
/Скамака 16, Крстовиќ 88 – Гурузета 58, Серано 70, Наваро 74/

БАЕРН – УНИОН СЕН ЖИЛОА 2:0 (0:0)
/Кејн 52, 55пен./

ЧЕЛЗИ – ПАФОС 1:0 (0:0)
/Каиседо 78/

ЈУВЕНТУС – БЕНФИКА 2:0 (0:0)
/Тирам 55, МекКени 64/

МАРСЕЈ – ЛИВЕРПУЛ 0:3 (0:1)
/Собослај 45+1, Медина 73, Гакпо 90+3/

ЊУКАСЛ – ПСВ 3:0 (2:0)
/Виса 8, Гордон 30, 65/

СЛАВИЈА ПРАГА – БАРСЕЛОНА 2:4 (2:2)
/Кусеј 10, Левандовски 44аг – Фермин Лопес 34, 42, Олмо 63, Левандовски 71/


Работнички го врати Егзон Белица во своите редови

Работнички комплетираше уште едно зимско засилување, откако клубот официјално се договори со искусниот дефанзивец Егзон Белица. Стоперот доаѓа како слободен фудбалер по разделбата со Шкендија во текот на зимскиот преоден рок и повторно се враќа во тимот од Дебар Маало, каде веќе има оставено белег со своите настапи.

Белица претходно две сезони го носеше дресот на Работнички, во периодот од 2023 до 2025 година, а раководството верува дека неговото искуство ќе биде значајно засилување за одбранбената линија во продолжението од сезоната.

Во својата кариера има богато интернационално искуство, настапувајќи за клубови од повеќе европски лиги, меѓу кои се екипи од Косово, Албанија, Летонија, Финска и Романија.

На македонската фудбалска сцена, покрај Работнички и Шкендија, Белица беше дел и од составот на ГФК Охрид.


Скандал во Франција: Лукас Хернандез обвинет за трговија со луѓе

Францускиот фудбалер Лукас Хернандез и неговата сопруга се соочуваат со сериозни обвинувања, откако против нив е отворена истрага за наводна трговија со луѓе и прекршување на основните човекови права, по пријава поднесена од едно колумбиско семејство.

Како што се наведува во пријавата, семејството тврди дека во периодот од септември 2024 до ноември 2025 година било принудено да работи за брачната двојка без формално регулиран работен однос и без потпишани договори. Според нивните искази, членовите на семејството имале исклучително големи работни обврски, со ангажман од 72 до 84 часа неделно, без јасно дефинирани права и услови за работа.

Во документите доставени до надлежните органи се наведува дека тие биле изложени на постојан притисок, како и дека немале обезбедени основни стандарди загарантирани со закон. Случајот, според информациите што ги пренесуваат медиумите, е пријавен до Јавното обвинителство во Версај, кое треба да утврди дали постои основ за кривична постапка.

Засега, ниту Хернандез ниту неговата сопруга не се огласиле јавно во врска со обвинувањата, а се очекува во наредниот период да следи официјална реакција од институциите.