Истрага против францускиот тенисер Артур Риндернех

Францускиот тенисер Артур Риндернех е под истрага поради наводно одбивање да се подложи на ненадејна допинг-контрола, а доколку обвинението биде потврдено, би можел да се соочи со суспензија од дури четири години.

„Лекип“, наведува дека инцидентот се случил на почетокот на јуни во Бретања. Според информациите, службено лице задолжено за допинг-контроли се обидело да земе примерок од 31-годишниот тенисер, но наводно дошло до одбивање на контролата.

Се уште не се познати сите детали од случајот, а постојат информации дека можеби станува збор за недоразбирање меѓу Риндернех и лицето задолжено за спроведување на контролата.

Французинот веќе се огласи и ги отфрли обвинувањата, потврдувајќи дека ја оспорува пријавата пред Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA). Тој побара случајот да биде разгледан пред независен трибунал.