Дејан Мијатовиќ го одржа првиот тренинг со МЗТ Скопје Аеродром

Дејан Мијатовиќ го одржа првиот тренинг со кошаркарите на МЗТ Скопје, со што официјално започна неговиот ангажман на клупата на македонскиот шампион.

Српскиот стратег неодамна пристигна во клубот заедно со својот помошник Иван Дробњак.

На првиот собир не беа присутни репрезентативците Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Лука Стојановски, Петар Бошалески и Андреј Мекиќ, додека повредените Андреј Андоноски и Бојан Величковски работеа според посебен режим.

Тренингот го одбележа и присуството на неколку кошаркари од младинскиот погон, кои им се приклучија на поискусните соиграчи во повеќе од двочасовната тренинг-сесија под водство на новиот тренерски тандем.

Дебито на Мијатовиќ на клупата се очекува на 2 декември, кога неговиот тим ќе го пречека Триглав Крањ во рамките на АБА2 лигата.

Инаку, на клупата на „штрковите“ Мијатовиќ го наследи Васко Атанасов кој го водеше тимот од 2023 година, па така сега МЗТ Скопје влегува во „нова ера“.