feature

Димитар Ѓорѓиев кандидат за претседател на македонската кик-бокс федерација

Најуспешниот македонски кик бокс спортист на сите времиња, в недела на Изборното Собрание на кик-бокс федерацијата ќе ја побара довербата од клубовите во изборот за прв човек на ова федерација.

Димитар Ѓорѓиев има докажано искуство како лидер, длабока посветеност на спортот и визија за неговиот раст. Неговата програма има за цел да го подобри развојот на кик-боксот, да промовира инклузивност и да ги зајакне партнерствата.

Како доживотен поборник за кик-бокс, Димитар Ѓорѓиев е посветен на градење енергична и светла иднина за федерацијата и нејзините членови.

Во својата кариера има освоено повеќе од 30 меѓународни купови и балкански првенства. Предводник на најуспешниот македонски клуб “Адора”.

Собранието за избор на претседател на кик бокс федерацијата е закажано в недела во С.Ц. “Јане Сандански”.


Исак Хаџар нов возач на Виза Кеш Ап Рејсинг Бул

Сестринскиот тим на Ред Бул, кој во новата сезона ќе се натпреварува под името Виза Кеш Ап Рејсинг Бул, во петокот објави дека Лијам Лосон ќе биде заменет со Исак Хаџар.

Хаџир тргна по стапките на Макс Ферстапен, Себастијан Фетел и Даниел Рикиардо. Тој е 19. возач кој се приклучил на Формула 1 преку јуниорската програма на Ред Бул.

„Многу сум возбуден што ќе преземам нова улога во тимот. Ова е голема работа за мене, но и за моето семејство и сите луѓе околу мене кои веруваа од самиот почеток. Патувањето од картинг до Формула 1, неверојатно. Ова е нешто за што работев од првиот ден и се чувствувам како да зачекорив во сосема нов универзум“, изјави новиот возач на тимот.

Тимски колега на Хаџир ќе му биде Јапонецот Јуки Цунода.

Лиам Лосон, претходникот на Хаџир кариерата ја продолжува во Ред Бул. Во тимот го замени Серхио Перез.


Чурлинов, Шишковски и Николов ги добија ривалите во Конференциската лига

УЕФА во седиштето во Нион ги одреди плеј-оф двојките во Конференциската лига. Пласман во осминафиналето изборија најдобрите осум екипи: Челси, Виторија Гимараеш, Фиорентина, Рапид Виена, Ѓургарден, Лугано, Легија Варшава и Серкл Бриж.

Тројца Македонци се дел од нокаут фазата Чурлинов, Шишковски и Николов. Чурлинов со Јагелонија ќе игра против српскиот претставник ТСЦ од Бачка Паланка, а Шишковски и Николов со Борац Бања Лука за противник ја добија Олимпија од Љубљана.

Двојки за шеснаесеттинафиналето во Конференциската лига:

Зелен пат:

ТСЦ – Јагелонија
Целје – АПОЕЛ
Борац Бања Лука – Олимпија Љубљана
Копенхаген – Хајденхајм

Сребрен пат

Викингур – Панатинаикос
Гент – Бетис
Молде – Шамрок
Омонија – Пафос

Првите натпревари ќе се одиграат на 13.февруари 2025 година, реваншите се на програмата една недела подоцна.


Раниери го сака Анчелоти на клупата на Рома

За многумина беше изненадување што Клаудио Раниери се повлече од фудбалот во средината на ноември и по трет пат во кариерата ја презеде Рома, но со оглед на тоа што веќе е во осмата деценија од животот, јасно е дека неговиот престој на „Олимпик„ нема да трае вечно.

Затоа тој веќе има план кој би можел да го наследи следното лето, а прва мета без сомнение е неговиот сонародник Карло Анчелоти, кој според се, на крајот од сезоната ќе го заврши вториот мандат во кралскиот клуб.

Се почесто се шпекулира дека трофејниот Италијанец е при крај на „Сантијаго Бернабеу“, бидејќи името на Чави Алонсо се повеќе се сфаќа како наследник на Карло.

Во таков расплет на ситуацијата, логично би било враќањето на Анчелоти во Италија, а не треба однапред да се отфрли неговото доаѓање во клубот за кој настапуваше осум сезони.

Сето ова има смисла ако се знае дека Раниери и по завршувањето на сезоната ќе остане во Рома.


Рајндерс донесе три бода за Милан во Верона

Фудбалерите на Милан славеа како гости во Верона со минимален резултат (0-1), во првиот натпревар од 17. коло на Серија А.

Победничкиот гол го постигна Тијани Рејндерс во 56. минута од натпреварот.

Холанѓанецот го искористи одличното додавање на Јусуф Фофана, а потоа ја затресе мрежата на Лоренцо Монтипо.

Голем проблем за „Росонерите“ е повредата на Рафаел Леао, кој се повреди по 30 минути игра.

Милан беше поконкретен во остатокот од натпреварот и на крајот стигна до победа, по киксот во претходното коло против Џенова.

Милан е седми на табелата со 26 бодови, додека Верона е 17-та, прва над зоната за испаѓање, со 15 бодови.


Пешевски го продолжи договорот со Еурофарм Пелистер

Македонскиот репрезентативец, Жарко Пешевски и во иднина ќе биде дел од актуелниот ракометен шампион Еурофарм Пелистер.

Искусниот кружен напаѓач ја прифати понудата на „зелено-белите“ и уште најмалку една година ќе остане во Битола со опција и за дополнителна сезона.

Жаре во 2022 година се врати на домашната сцена по епизодата во Германија каде беше дел од Штутгарт. Претходно настапуваше и за украински Мотор Запорожје, а во Македонија ги бранеше и боите на Металург.

Инаку Пешевски е еден од капитените на Пелистер.


Јанкулов е второто зимско засилување на Вардар

Засилувајќи ги своите играчки редови за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, Вардар се засили и до десниот бек Георги Јанкулов.

23-годишниот Јанкулов меѓу црвено-црните доаѓа од екипата на АП Брера и настапува на позицијата десен бек.

Потекнува од фудбалската академија на белградска Црвена Звезда, а во досегашниот тек на кариерата бил дел и од екипите на Железничар Панчево во Србија и Борец и Силекс во домашниот шампионат. Во Првата македонска фудбалска лига досега има забележано 84 настапи во кои има постигнато 3 гола и 11 асистенции.

Јанкулов ги има поминато сите младински селекции на Македонија.

Претходно, како што е познато, Вардар се засили и со досегашниот стопер на Шкупи, словачкиот интернационалец Михал Пинтер.


Јакобсен со сите ѕвезди на Светското првенство

Селекторот на машката ракометна репрезентација на Данска, Николај Јакобсен, го објави скратениот список пред домашното СП 2025.

Данците почнуваат нова ера без Микел Хансен, но и без Никлас Ландин, кој заврши со националниот тим, па на голманската позиција ќе бидат Емил Нилсен и Кевин Мелер.

Го нема ниту Ханс Линдберг, кој исто така не игра повеќе за националниот тим, но Јакобсен го селектираше Менса Ларсен, кој ги пропушти ОИ, но играше на претходните три СП кога Данска освојуваше злато.

Тука се Лауге и Мелгард, но и Андерсон, Питлик и Гидсел, кои играат во одлична форма сезонава.

Тој смета на 19 ракометари за собирот после Нова Година, а Данска пред Мундијалот на домашен терен ќе игра две пријателски средби со Бахреин на 9 и 10 јануари.


Зверев: Синер е во моментот најдобриот светски тенисер

Александар Зверев смета дека во моментов најдобриот играч на машката турнеја е Јаник Синер.

„Го познавам Јаник Синер од 16 или 17 години, кога тренираше со Рикардо Пјати во близина на Монте Карло. Го познавам од детството и тој апсолутно заслужува да биде број еден во светот денес. Јаник освои две Грен слем титули, три Мастерс турнири и победи на Завршниот турнир. Тој сега е најдобриот тенисер во светот“, вели Зверев.

Синер е победник на Австралија Опен во 2024 година и УС Опен во 2024 година. Вкупно во текот на кариерата освои 19 АТП титули, а двапати го освои и Дејвис купот (2023, 2024) како репрезентативец на Италија.

Синер оваа сезона ја заврши како прв рекет на светот.


Еурофарм Пелистер ја комплетираше хуманата мисија

Еурофарм Пелистер како последна активност оваа година си ја зацрта најважната мисија, а тоа е да ги израдуваат дечињата од ранливите категории.

Хуманата акција на натпреварот против Вардар 1961 заврши успешно. Плишаните мечиња и детските играчки кои симпатизерите, навивачи ги донесоа на гореспоменатата средба се најдоа во вистинските раце.

Утринава дел од ракометарите на Пелистер ги даруваа во основното училиште со ресурсен центар ,,Кочо Рацин’’ од Битола.