feature

Атлетико го официјализираше трансферот на Алварез

Атлетико Мадрид го комплетираше големиот трансфер за потпишување со 24-годишниот аргентински напаѓач Хулијан Алварез, објави новинарот Фабрицио Романо.

Трансферот на Алварез во Мадрид ќе достигне потенцијална вредност од 95 милиони евра (75 милиони фиксни плус 20 во вид на бонуси), а се знаеше дека ќе се оствари во моментот кога Манчестер Сити ја прифати понудата.

На крајот на играчот му остана само да ги помине лекарските прегледи кои се направени предпладнево. Тој стави потпис на верност кон Атлетико Мадрид. 

Интересно е тоа што Алварез се одлучи сам да побара трансфер бидејќи бараше да игра во клуб каде што ќе биде прва опција во нападот, а тоа во Манчестер Сити е тешко изводливо покрај Ерлинг Халанд кој ја има таа позиција во клубот.


Иднината на Серхи Роберто е во Серија А

Екипата на Фиорентина е на чекор да ги обезбеди услугите на
Серхи Роберто, кој деновиве откако му истече договорот си
замина од Барселона како слободен играч.
„Виолетовите“ имаат намера да го ангажираат 32-годишниот
фудбалер кој за Каталонците одигра 373 натпревари со ефект од
19 гола и 43 асистенции.
Роберто успеа да освои седум пехари во Примера , шест шпански
купови и пет Суперкуп титули. Два пати се радуваше на пехарот
во Лигата на шампионите.


Фердинант: Де Лихт ќе биде под голем притисок во Манчестер

По наводите дека Манчестер Јунајтед ќе го купи дефанзивецот на Баерн Минхен, Матијас Де Лихт, се огласи поранешниот фудбалер на „црвените ѓаволи“, Рио Фердинанд.

„Го гледав во Ајакс и беше брилијантен кога Ерик Тен Хаг му беше менаџер. Не играше многу во последните години бидејќи се соочи со повреди. Сега ќе биде под притисок бидејќи сите ќе го гледаат како големо засилување“, вели Фердинанд.

Англискиот клуб му понуди на дефанзивецот договор за пет сезони. Целиот трансфер треба да биде околу 50 милиони евра.


Офтедал ја заврши професионалната кариера

Славната норвешка ракометарка, Стине Офтедал, заминува во спортска пензија со освоен златен медал од Олимписките игри во Париз.

Една од најдобрите средни бекови во светот се збогува со националниот тим на најубав можен начин, a пред само два месеца ја освои и Лигата на шампионите со унгарскиот Ѓер, што значи дека оваа сезона е една од најуспешните во нејзината богата кариера.

Офтедал беше прогласена и за најкорисна ракометарка во елитниот ранг (МВП), а сега го одигра последниот „танц“ во својата репрезентација и го освои најважното олимписко одличје.

Норвежанката е воедно трикратен светски шампион, петкратен европски шампион, а има и три медали од Олимписките игри – два бронзени и еден златен.

Нејзината кариера траеше повеќе од седумнаесет години, а најголем печат остави во тимот на Ѓер, каде се задржа цели седум години.


Дибала ги одби саудиските милиони за да остане во Рома

Големата ѕвезда на Рома, Паоло Дибала, нема намера да си замине од редовите на италијанскиот елитен фудбалски состав.

Според одредени информации, Аргентинецот одбил фантастична финансиска понуда од Саудиска Арабија.

Наводно, Ал Кадсија му понудил четиригодишен договор вреден 100 милиони евра но, тој решил да остане во Рим.


Тотенхем одвои богатство за Доминик Соланке

Тотенхем постигна договор за ангажман на Доминик Соланке, 26-
годишниот фудбалер кој зад себе има фантастична сезона во
дресот на Борнмут.

Според последните информации, вкупната висина на трансферот
ќе изнесува 65 милиони фунти, но Тотенхем ќе плати само 40
милиони фунти како загарантирана сума.
Од останатите, 10 милиони фунти се врзани со лесно остварливи
клаузули, а останатите се нешто потешко остварливи.
Соланке веќе ги имаше договорено личните детали, па голгетерот
сега треба само да ги мине лекарските прегледи пред да потпише
договор со Тотенхем со важност до 2030 година.


Ѓоковиќ го откажа настапот на Мастерсот во Синсинати

Новак Ѓоковиќ го откажа настапот на Мастерсот во Синсинати и
годинава нема да го брани трофејот, кој во 2023 година го освои.
Организаторот потврди дека српскиот тенисер нема да биде дел
од ждребот и веќе е одреден тенисерот кој ќе го замени, а сосема
логично е дека најважна причина за ваквата одлука е
исцрпувачкиот настап на Олимписките Игри.


Педро Нето пред потпис со Челзи

Лондонски Челзи постигна договор со Вулверхемптон за
трансфер на крилниот фудбалер Педро Нето.
Според „Би-Би-Си“, лондончани ќе платат 60 милиони евра плус,
три милиони евра во форма на бонуси. Претходно,
Вулверхемптон одби две понуди од Челзи, но последната била
прифатена.
24-годишниот Португалец наскоро треба да патува за Лондон за
да ги мине медицинските прегледи, по што ќе го потпише својот
договор. Тој и неговиот агент веќе ги договориле личните услови
со Челзи.


ПСЖ се пофали со потписот на Вилијам Пачо

Пари Сен Жермен официјално го објави ангажманот на
еквадорскиот централен дефанзивец Вилијан Пачо од Ајнтрахт
Франкфурт.

Парижаните ќе платат 40 милиони евра фиксна сума, плус уште 5
милиони евра во форма на можни бонуси.
Пачо потпиша договор со ПСЖ до крајот на летото 2029 година.
Со ова, ПСЖ повторно направи скап трансфер од германскиот
клуб, откако минатото лето го донесе Рандал Коло Муани за
речиси 95 милиони евра.


Рахим Стерлинг сонува враќање во репрезентацијата

Крилниот фудбалер на Челзи, Рахим Стерлинг, изрази желба да
се врати во репрезентацијата на „Гордиот Албион“.
„Секако дека сакам да играм за Англија. За мене е радост да ги
гледам момците на теренот. Со нетрпение очекувам да се вратам
во тимот на Англија“, изјави Стерлинг, цитиран од Би-Би-Си.
29-годишниот фудбалер последен пат настапи за неговата земја
на Мундијалот во Катар во 2022 година. Тој има 82 натпревари за
англиската репрезентација на кои постигна 20 голови.