Станковиќ по вторпат претставен како тренер на Црвена Звезда
Српскиот фудбалски првак Црвена ѕвезда го објави денеска назначувањето на Дејан Станковиќ за нов тренер.
Станковиќ доаѓа на местото на Владан Милојевиќ, кој беше отпуштен на 21 декември.
„Убаво е повторно да се биде дома. Како колега и ѕвездаш, би сакал да му се заблагодарам на Милојевиќ за сè што донесе и направи за овој клуб“, изјави Станковиќ на денешната промоција во Белград.
Четириесетиседумгодишниот Станковиќ претходно го тренираше белградскиот тим од 2019 до 2022 година. Под негово водство, Црвена ѕвезда освои три титули во српското првенство. (
Ќосевски од Вардар се сели во Охрид
Ракометниот клуб Вардар денеска објави дека со десното крило Ален Ќосевски спогодбено го раскинале договорот, и играчот е веднаш слободен. Неколку часа по оваа информација, Ален Ќосевски потпиша за екипата на Охрид.
Ќосевски потпиша на 1,5 година со охриѓани, откако 6,5 сезони помина во РК Вардар 1961, а има настапи за сите младински категории на македонската машка ракометна репрезентација.
Елкан Мамедов го пофали прогресот на ФФМ и Омерагиќ
Во „Куќата на фудбалот”, раководството на ФФМ, претседателот Масар Омерагиќ и генералниот секретар, Леонид Јандреоски беа домаќини на Елкан Мамедов, директор за асоцијации и развој во ФИФА и еден од најблиските соработници на претседателот Џани Инфантино.
Во ексклузивното интервју, тој зборува за значењето на соработката меѓу ФИФА и ФФМ, развојните проекти во македонскиот фудбал, партнерскиот однос со раководството на ФФМ, инвестициите во инфраструктурата и идните планови за националните селекции.
Која е примарната цел на вашата посета на ФФМ и кои се клучните аспекти кои сакавте лично да ги согледате?
„Пред сè, ми претставува големо задоволство што сум повторно во Скопје. Како што ви е познато, во изминатите десет месеци остваривме серија состаноци со новото раководство и претседателот Масар Омерагиќ. Би сакал да ја истакнам и средбата помеѓу претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и претседателот на ФФМ, Омерагиќ. Тоа беше исклучително продуктивен состанок на кој двајцата претседатели разговараа за идната соработка и стратешкиот развој на македонскиот фудбал, како и за механизмите преку кои ФИФА може да ја даде својата поддршка. Мојот престој тука е директен исход од тој состанок, со цел детално да ги елаборираме плановите за понатамошен развој“.
Колку е значајно за ФИФА ваквите посети да не бидат само од протоколарен карактер, туку да претставуваат вистинска работна агенда?
„Фактот што денес е сабота, а ние веќе неколку часа работиме во просториите на Федерацијата, јасно потврдува дека ова не е само формална протоколарна посета. Станува збор за суштинска работна посета. Со претседателот и со генералниот секретар веќе ги разгледавме деталите околу развојните проекти и инвестициите во фудбалот во вашата земја. Веќе започнавме со реализација на конкретна инвестиција – проектот за мини терени “FIFA Arena“. Се надеваме дека во рок од три месеци повторно ќе бидеме тука за свеченото отворање на овие капацитети заедно со раководството на Федерацијата“.
Каков вид на поддршка моментално обезбедува ФИФА за ФФМ во поглед на развојот, административното управување и финансиската помош?
„Исклучително сме задоволни што Фудбалската федерација на Македонија е активен учесник во различните развојни програми на ФИФА. Носечкиот столб на нашата поддршка е програмата „FIFA Forward “, преку која се обезбедуваат финансиски средства за сите земји членки. Вашата федерација максимално ги користи овие ресурси, инвестирајќи во инфраструктурата, што претставува трајна вредност. Дополнително, се посветува големо внимание на градењето на административните капацитети, при што вашиот кадар редовно учествува на обуки и сесии организирани од страна на ФИФА“.
Кога станува збор за инфраструктурата, дали тоа е примарниот фокус на претседателот и на самата Федерација?
„Да, тоа беше потврдено и на денешните разговори, како и на претходната средба помеѓу претседателите Инфантино и Омерагиќ. Фокусот е ставен на модернизација на инфраструктурата и изградба на стадиони во Македонија, со акцент на Скопје. Денес ги продолживме консултациите за да ги дефинираме модалитетите преку кои ФИФА може да помогне во овој процес. Нашата цел е да видиме модерна инфраструктура во секој дел од земјата. Раководството на ФФМ јасно ја истакна потребата од нов стадион во Скопје. Разговаравме како таа идеја да се формализира и како да се искористат средствата од „FIFA Forward“ програмата за реализација на овој капитален проект“.
Како би ја оцениле соработката и комуникацијата помеѓу ФИФА и актуелното раководство на ФФМ?
„Комуникацијата е на извонредно ниво. Сакам да изразам благодарност до претседателот Омерагиќ и целата администрација за одличната соработка. Помеѓу нашите две институции постои континуиран контакт, што е од витално значење. Делиме заедничка визија и меѓусебно разбирање за развојот на фудбалот и неговата глобализација“.
Каде ја гледате Фудбалската федерација на Македонија во наредниот период од 5 до 10 години?
„Нашата цел е да ги видиме македонските национални селекции во сите категории на завршните турнири на големите натпреварувања, како и Македонија да биде домаќин на меѓународни настани. Потенцијалот е евидентен, а ФИФА ќе биде партнер во реализацијата на тие цели. Иницијативите што ги презентираше претседателот и сработеното во изминатата година се навистина импресивни. Доколку се продолжи со ова темпо, резултатите во наредната деценија ќе бидат видни преку почести настапи на големите првенства“.
За крај, која е Вашата порака до фудбалската јавност во Македонија?
„Важно е фудбалската заедница да ги препознае и вреднува досегашните постигнувања. Настапите на националниот тим се извор на гордост за секоја земја. Навивачите треба да му пружат безрезервна поддршка на тимот, без разлика на моменталните исходи, бидејќи патот до успехот бара трпение. Репрезентацијата е во клучен процес на подготовка за предизвиците кои следат во март 2026 година“.
Гоце Седлоски е новиот селектор на македонската А репрезентација
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.
Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.
Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.
Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската А репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).
Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.
Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со ФК Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со ФК Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со ФК Вардар во сезоната 2024/25.
Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, каде го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска. Седлоски, воедно е прв странец кој ја носел капитенската лента на Динамо Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд Венздеј во Англија. Интернационалното искуство го надополни со настапи во Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера.
Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.
ФФМ првпат по две децении со сеопфатен развоен семинар за перспективни судии
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), преку Одборот на судии, во периодот од 20. до 22. декември 2025 година, реализираше специјализиран семинар за млади, талентирани и перспективни главни и асистент судии од регионалните трети лиги.
На семинарот учествуваа вкупно 22 судии и асистенти судии, номинирани од страна на судиските одбори на регионалните лиги, согласно претходно јасно дефинирани критериуми и компетенции кои секој кандидат задолжително треба да ги поседува.
Семинарот е конципиран како интензивна и целосно интегрирана едукативна програма, чија основна цел е унапредување на знаењата, вештините и професионалните стандарди на младите судии, преку современ пристап во едукацијата и практичната работа. Активностите се реализираа интерактивно, преку повеќе теоретски едукативни сесии од Правилата на фудбалската игра, анализа на конкретни ситуации, дискусии, како и практични примери, со цел правилна интерпретација и конзистентна примена на Правилата.
Посебен акцент беше ставен на физичката подготвеност, како еден од клучните предуслови за успешно, безбедно и квалитетно извршување на судиските задачи на натпреварите. Во таа насока, програмата предвидува спроведување на повеќе структурирани фитнес сесии, контролни и дијагностички тестирања, како и практични активности на терен, насочени кон развој и одржување на издржливоста, брзината, агилноста и специфичните движења кои произлегуваат од динамиката на фудбалската игра. Дополнително, преку индивидуални мерења на физичките параметри, на секој судија му се обезбедуваат стручни и конкретни насоки за оптимизирање на тренажниот процес, превенција од повреди и одржување на стабилно ниво на физичка форма во текот на целата сезона, со цел обезбедување континуитет и усогласеност со пропишаните фитнес стандарди.
За првпат, Одборот на судии на ФФМ спроведе и целосно дигитализирано тестирање на знаењата од Правилата на фудбалската игра, кое вклучуваше теоретски тест и видео тест со ситуации. Тестирањето беше реализирано преку наменски развиена мобилна апликација, при што секој кандидат веднаш по завршување на тестовите доби увид во сопствените резултати преку својот индивидуален профил. Овој иновативен пристап претставува значаен исчекор кон модернизација и дигитализација на судиската едукација.
Учесниците на семинарот беа срдечно поздравени со присуство на Горан Пандев, спортски директор на националните селекции.
Она што навистина вреди да се напомене е дека ваква форма на организиран и структуриран семинар за млади и перспективни судии се одржува за првпат по повеќе од 20 години, што уште еднаш ја потврдува јасната стратегиска определба на Фудбалската федерација на Македонија за континуирано вложување во развојот на судењето, подигање на квалитетот и градење на високи професионални стандарди за работа, со што ФФМ преку Одборот на судии, останува посветена на создавање на силна, едуцирана и професионална судиска организација.
Лазаров: Очекувам да го дадеме најдоброто од себе во Хернинг
Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир со кој и официјално ги стартуваше подготовките за настап на Европското првенство кое ќе се одржи во јануари идната година во Данска, Норвешка и Шведска.
Ждрепката сакаше Македонија да игра во Хернинг против домаќинот Данска, потоа Португалија и Романија.
На првиот собир, Лазаров ги истакна своите очекувања од првенството, односно од настапот на нашиот национален тим.
„Ова е собир на најдобрите европски селекции, европските првенства секогаш се потешки од светските првенства и ова е добра можност за докажување. Очекувано добивме силен противник од првиот шешир, ако не беше Данска, ќе беше Франција или Германија, додека Португалија играше полуфинале на светско првенство. Можеби Романија не е на нивото како во минатото, но ние ќе го респектираме секој противник, ќе имаме добри подготовки обезбедени од РФМ и очекуваме да го дадеме најдоброто од себе“, вели Лазаров.
Македонската репрезентација има пријатни спомени од Хернинг, каде играше на Европското првенство 2014 година и ја мина групната фаза.
Започна „Операцијата Хернинг“, репрезентативците се собраа во Скопје
Македонската машка ракометна репрезентација денес го имаше првиот собир, со кој е означен почетокот на подготовките за претстојното Европско првенство.
Во првиот дел од подготовките, македонските ракометари ќе работат во копје до 26 декември, а потоа ќе се преселат во Хрватсска каде што ќе одиграме и еден пријателски натпревар со истата селекција. Потоа одново ракометарите ќе бидат во Скопје до шести јануарри, па ќе следи настап на турнирот во Швајцарија каде што ќе играме против Бахреин и Украина.
Избраниците на Кирил Лазаров се најдоа во тешка група, односно во првата фаза ќе играат против Данска, Португалија и Романија, но нашата селекција ги започнува подготовките во позитивна атмосфера и оптимизам дека може да се постигне солиден резултат на уште едно големо натпреварување.
Првиот натпревар за нашата репрезентација е тој против домашната селекција Данска и е закажан за 16. јануари.
Аморим ја отвора вратата за трансфери, но ги исклучува краткорочните решенија
Рубен Аморим навести можни засилувања за Манчестер Јунајтед во јануарскиот преоден рок, но јасно стави до знаење дека клубот нема да прави непромислени потези. Португалскиот тренер истакна дека фокусот останува на долгорочниот проект, а не на брзи решенија за моменталните проблеми.
По последниот натпревар, Аморим потврди дека трансфери се можни, но само доколку се вклопуваат во визијата за иднината на клубот.
„Можно е да направиме нешто, но тоа нема да биде итно, краткорочно засилување,“ изјави тој. „Ќе доведуваме само фудбалери за кои веруваме дека можат да бидат дел од иднината на Манчестер Јунајтед.“
Со ова, тренерот практично исклучи доведување играчи како привремена замена за оние што ќе отсуствуваат поради Африканскиот куп на нации. Наместо тоа, Аморим бара профили кои одговараат на неговата формација и можат да имаат влијание и сега и на подолг рок.
„Нема да купуваме само за да ги покриеме отсуствата. Сакаме играчи кои ќе бидат важни и сега и во иднина, во јануари и во јули,“ додаде тој.
Овие изјави се вклопуваат во стратегијата на клубот под водство на „INEOS“ и Сер Џим Ратклиф, каде акцентот е ставен на млади, тактички соодветни фудбалери, а не на скапи и привремени решенија. Јунајтед моментално се наоѓа на седмото место во Премиер Лигата, со забележливи проблеми во одбраната и конзистентноста во средниот ред.
Се шпекулира дека една од пореалните опции за јануари е Геовани Квенда од Спортинг Лисабон, 22-годишно крило кое Аморим добро го познава. Неговата брзина, дриблинг и работна етика го прават атрактивна инвестиција за иднината, со потенцијална цена од 25 до 30 милиони фунти.
Иако јануари ќе биде мирен и селективен, вистинската реконструкција се очекува во лето. Рекрутинг-тимот на клубот, предводен од Ден Ешворт, веќе анализира опции за левоног стопер и креативна „десетка“. Навивачите ќе следат внимателно дали Јунајтед ќе реализира некој од „вистинските“ потези уште пред крајот на зимскиот рок.
Нејмар: „Држете ме одговорен, ќе го донесеме Светското Првенство во Бразил“
Бразилската фудбалска икона Нејмар ја разбуди надежта кај навивачите пред Светското Првенство, ветувајќи дека ќе направи сè за трофејот повторно да заврши во Бразил. Во изјава што брзо стана вирална, напаѓачот кажа: „Ќе го направиме можното, но и невозможното за да го донесеме Светското Првенство во Бразил. Во јули, слободно држете ме одговорен.“
Нејмар дополнително внесе доза хумор и носталгија, испраќајќи јавна порака до селекторот, Карло Анчелоти: „Еј, Анчелоти, помогни ни!“ Апелот веднаш предизвика реакции кај навивачите, кои го поздравија лидерството на 33-годишниот фудбалер.
Самба-ѕвездата отиде чекор подалеку и даде конкретно ветување: „Ако стигнеме до финалето, ветувам дека ќе постигнам гол.“
Изјавата потсетува на Светското Првенство во 2014 година, кога Нејмар беше еден од најдобрите играчи на турнирот, сè до тешката повреда која ја скрши бразилската надеж. Денес, по серија повреди и критики, тој повторно гледа кон искупување и сака да ја прекине долгогодишната суша без светска титула, последен пат освоена во 2002 година.
Неговите зборови не звучат како празна реторика. Нејмар говори за „јасни идеи“ и фокус на тимската игра, комбинирајќи искуство со младоста на фудбалери како Винисиус Жуниор.
Ако Селесао навистина стигне до финалето, а Нејмар го исполни ветувањето, неговото име засекогаш ќе биде запишано меѓу легендите.
Барселона без Кристенсен со месеци, потврдена сериозна повреда
Дефанзивецот на Барселона, Андреас Кристенсен, ќе отсуствува неколку месеци откако доживеа делумно кинење на предниот вкрстен лигамент (ACL) на левото колено, потврди клубот. Данскиот репрезентативец се повреди на тренинг во саботата, кога незгодно го изврте коленото, поради што го пропушти неделниот дуел против Виљареал во Ла Лига.
По деталните лекарски прегледи, беше утврдено дека не е потребна операција, а медицинскиот тим се одлучи за конзервативен пристап во лекувањето. Првичните проценки укажуваат дека Кристенсен ќе биде надвор од терените најмалку четири месеци, а точниот период на опоравување ќе зависи од текот на рехабилитацијата.
Оваа повреда е нов удар за одбраната на Барселона, која веќе се соочува со сериозни повреди кај неколку клучни играчи. Кристенсен беше важен дел од составот и прикажуваше стабилни партии, па неговото отсуство ќе се почувствува во напорниот распоред што следи.
Закрепнувањето ќе се одвива под надзор на клупските доктори, во соработка со медицинскиот тим на данската репрезентација. Во клубот веруваат дека со внимателна и постепена рехабилитација, искусниот стопер ќе се врати целосно подготвен и повторно ќе има значајна улога во тимот.